РЕАКЦИЈА

ОМД: Нејасен и контрадикторен договор со Бугарија

Обединетата македонска дијаспора изразува загриженост заради нецелосната, нејасната и контрадикторна содржина на договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија.

ОМД смета дека потпишувањето како и евентуалната ратификација во Собранието на Република Македонија на договорот со моменталната содржина, негативно би се одразил врз македонските национални интереси, но и на унапредување на долгорочните односи помеѓу Македонија и Бугарија, што впрочем беше најавувано како главна цел на овој договор.

„Договорот многу наликува на штетната Декларација која беше потпишана во 1999 и е во облик на продожение на истата. Во договорот двете страни се повикуваат на почитување на принципите на Повелбата на ОН, повелба каде во член 1 се наведени рамноправните права и правото на самоопределување на народите. Спротивно на член 1 од Повелбата на ОН, членот 11, точките 4, 5 и 6 од овој Договор се дијаметрално спротивни на повелбата и ја рефлектираат всушност негативната политика на Република Бугарија кон Република Македонија.

Член 8 став 2 е контрадикторен и нејасен. За да се даде согласност на истиот, членовите на комисијата треба да бидат назначени и надгледувани од независни експерти историчари чија што улога не би довела до конфликт на интерес. Претседателот на Република Македонија, Владата и Собранието треба да бидат институциите кои врз основа на изјаснувањето на народот ќе ги бранат и цртаат македонските црвени линии во правењето меѓународни договори  – толкувањето на историјата и националната историографија треба да се спроведе преку отворена дебата и истражување од страна на целата научна фела, а не по убедувањата на малкумина.

Член 8 став 3 остава отворен простор за интрепретација. Историските настани и личности мора да бидат наведени за да не се дозволи „делење“ на целокупната македонска историја. Треба да се прецизира точно кој дел од историјата ни е заеднички, за да може да се затвори можноста која моментално ја нуди содржината на договорот, Бугарија да изврши преписка на целосната македонската историја како своја, а не како посебна историја на македонскиот народ и држава. Како дел од Европското семејство на народи, и соседни земји, секако дека Бугарија и Македонија делат заедничка историја, меѓутоа интепретацијата на таа наша „заедничка историја“ не е иста.

Член 11 став 4 и став 5 се спротивни на Член 49 од Уставот на Република Македонија со што се отвора можност овој договор подоцна да биде изваден пред Уставниот суд и поништен по потпишувањето, создавајќи меѓународен скандал.  Во овој член би нагласиле дека Македонија е условена да не се меша во внатрешните работи на Бугарија, но истиот услов не е поставен и за Бугарија. Во овој случај, Македонија отстапува од борбата за културните и човековите права на македонското малцинство во Бугарија, што е крајно неприфатливо. ОМД го карактеризира горе наведеното како крајно потценувачки кон Република Македонија од страна на Република Бугарија која има за цел декларативно откажување на Македонија од своето македонско малцинство во Бугарија, а со тоа и со голем дел од својата историја. Притоа, ОМД ќе ги употреби сите свои ресурси и мрежа за заштита на македонското малцинство во Бугарија и ќе продолжи со промовирањето на засебната македонска историја и култура!

 

Иако крајот на договорот напоменува дека истиот ќе биде потпишан на македонски и на бугарски јазик, никаде не се споменува признавање на македонскиот јазик, кој Бугарија го оспорува со години назад. Од голема важност е во содржината на договорот да биде прецизирано дека македонскиот јазик е признат од страна на Република Бугарија. Ова е посебно потребно бидејќи при евентуално стекнување на членство во Европска Унија, македонскиот јазик ќе биде автоматски признат за официјален, меѓутоа земајќи ги предвид моменталните ставови на бугарските членови на Европскиот парламент за Македонија, македонскиот народ, и македонското малцинство во Бугарија, содржината на овој договор, каква што е сега, може да ѝ дозволи на Бугарија да направи приговор кон употребата на нашиот официјален македонски јазик“, соопшти ОМД и ги повика сегашната влада, и сите идни влади да ги бранат националните интереси на Република Македонија, на македонскиот национален интерес, идентитет, култура и јазик.

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе

Жените имаат повеќе тешкотии од мажите да најдат значајна и добро платена работа, а процентот на жени во глобалната работна сила постојано заостанува зад процентот на мажите. 

повеќе

Во нашето општество сме опкружени со многу, многу партизани. Партизани во политиката, партизани во образованието и науката, партизани во бизнисот...

повеќе