Дебата во САД за третманот на Евреите од страна на Бугарија

Дарко Митревски: Бујрум и на едните и на другите и на третите, нека го тужат Вашингтон!

По повод барањето на бугарската амбасада во Вашингтон едно плоштатче во градот да се именува по Димитар Пешев, Бугаринот заслужен за спасувањето на бугарските Евреи од депортација, и откако Музејот на холокаустот во Вашингтон како контрааргумент укажа на депортирањето на околу 11.000 Евреи од страна на Бугарија, што беше токму темата на толку дискредитираниот македонски филм „Трето полувреме“ од страна на Бугарите, за ова поразговаравме со режисерот и сценарист на филмот, Дарко Митревски.

Бугарите добија шлаканица од Вашингтон токму на темата за која жолчно те напаѓаа тебе за „Трето полувреме“ – не е спорно спасувањето на бугарските Евреи од концентрационите логори, но не е спорно ни дека Бугарите, сојузници на Хитлер, испратиле 11.343 Евреи од Македонија и северна Грција во нацистичките кампови. Ова му доаѓа како некаква сатисфакција за тебе?

Кога пред шест месеци ме прашаа што мислам, како ќе заврши оваа битка, јас одговорив: со десет гола разлика. Не затоа што јас сум многу фудбалски надарен, туку затоа што тоа што го зборував е стопроцентна вистина, која може да се провери во сите музеи, историски институти и универзитети на овој бел свет (освен во Бугарија!), а тоа што моите политички опоненти го говорат е стопроцентна лага. Бугарските европарламентарци се закануваа со тужби во Стразбур, заради филмот „Трето полувреме“ бугарската Влада се обиде да ја попречи македонската интеграција во Европската Унија – а се сеќавам дека и одредени „македонски интелектуалци“ токму во мене го најдоа виновникот за неуспехот на „македонските евроинтеграции“ (што и да значи тоа). Е па еве, бујрум и на едните и на другите и на третите, нека го тужат Вашингтон! Ако им стиска, се разбира.

Но има една друга - барем за мене – поразителна работа: со пар исклучоци, во Македонија отсуствуваше каква било јавна дебата или одговор на овие напади. Не се слушна ниту глас од историчарите, новинарите, политичарите (било владини или опозициони), писателите, уметниците, универзитетските професори, јавните личности, Еврејската заедница, црквата, академијата… Се случи нешто невидено: едно домашно уметничко дело да биде жигосано од една (по мене) кретенска, фашизоидна, антисемитска и антимакедонска политика - а никој во Македонија тоа да не го засегне. Година и пол преку овој филм се плукаше татковината, а никој во татковината не се почувствува загрозен, ниту пак повикан да одговори. Некако сето тоа беше третирано како приватен спор помеѓу мене и бугарската држава.

Добро, со ова јас тој спор го добив. И ловориките си се само мои, ќе си зачинам сарма со нив и во сласт ќе си ја јадам во мојата градина во Лос Анџелес.

На бугарските историчари и политичари им беше лесно да трубат на сите ѕвона од Америка до Европската Унија дека „Трето полувреме“ ја фалсификува историјата, дека е хитлеровски филм“, „провокација од македонската влада“, „филм за омразата кон Бугарите“, „уште еден фалсификат врз кој се гради македонскиот идентитет“. Сега, откако ти доби толку силен сојузник на таа тема, како ли Бугарија ќе ги објаснува своите протести против филмот и бесмислените лобирања тој да не се финансира, да не се прикажува...

Пред сè, ајде да не го користиме терминот „Бугарија“. Јас немам ништо против Бугарија, со која сметам дека делиме заедничка историја – на начин на кој заедничка историја делат и Германија и Австрија (па сепак никој нормален во Берлин, Хамбург или Минхен не би се осмелил да го негира постоењето на австриската нација!). Бугарија е земја на чијашто матична територија, по иницијатива на бугарската црква и бугарските интелектуалци, биле спасени речиси 50.000 Евреи од рацете на пронацистичкиот цар Борис Трети и неговата марионетска банда: премиерот Филов, министерот Габровски и комесарот Белев (сите до еден декларирани фашисти и антисемити). Никаква битка јас не биев против Бугарија и бугарскиот народ. Всушност, никаква битка јас немав намера да бијам против никого – ама кога ме нападнаа идеолошките потомци на Богдан Филов, јас само го бранев своето дело, нешто што секој режисер би го направил.

А што се однесува до лобирањата за забрана, „Трето полувреме“ во Македонија го видоа околу 90.000 гледачи, беше прикажан низ целите Соединети Американски Држави, склучивме договори за редовна кинодистрибуција во Франција, Германија, Австралија, Канада, Кина, Јужна Кореја и Јапонија, пролетва ќе гостуваме на универзитетите во Оксфорд, Загреб, Минхен, Москва… До каде ли допира моќта на тоа лобирање штом јас не ја почувствував ни за секунда? Веројатно до граничниот премин кај Ќустендил.

Тогаш бугарскиот премиер Бојко Борисов, меѓу другото, директно те нападна дека правиш „хитлеровски филм“ за Бугарите. „Бугарија никогаш немала свастика на знамето. Ние никогаш не се мешаме. Напротив, први ја признавме Македонија, работевме да се укинат визите за вас, ви помагаме и сега ни одговоривте - со хитлерски филм“, рече тој тогаш и заврши со воскликот „Кај ја најдовте таа тема?“. Што би му порачал во овој момент?

Пред да одговорам, ве молам да обрнете внимание дека Борисов во моментов повеќе не е премиер на Бугарија – туку обичен бугарски граѓанин, онака како што сум јас граѓанин на Македонија и на САД. Значи, мојот одговор не е адресиран до националната институција што ја претставуваше овој бивш бадигард на Тодор Живков, туку до него лично.

Вака:

Бојко, имаш ли Интернет по дома?

Ако имаш, наминуваш ли на Јутјуб?

Ако наминуваш, дали си го гледал интервјуто на Нета Коен, жената по чија животна приказна е снимен филмот „Трето полувреме“, дадено за Спилберговата ШОА-фондација?

Во тоа интервју Нета децидно вели дека нејзиното семејство - нејзиниот татко, едвај полнолетните браќа, сестричката од шест години, братучедите, братучетките, стриковците, тетките, сите нејзини крвни сродници – сите до еден во гасните комори на логорот Треблинка ги испратила бугарската војска и полиција.

Бојко, зборуваме за жена што во еден единствен ден си ја загубила целата своја лоза, сите свои најблиски, сето она што го имала – од рацете на луѓе што носеле униформи на државата што ти ја управуваше! И не само за една жена, туку за цел еден народ.

Бојко, батали тоа што јас тебе те сметам за случаен минувач во балканската политика, а ти мене (најверојатно) ме сметаш за „предавник на бугарштината“, „македонистички изрод“, „србо-комунистички платеник“, „јудео-масонски агент“, „германо-руски елемент“ и што ли сè не.

Батали, најсериозно ти кажувам!

Зборуваме за човечки несреќи.

За големи лични трагедии.

За зацрнети животи.

За сето она што ти го нарече „лага“, а мене ме нарече „лажго“.

Добро, немам проблем со тоа ти да ме нарекуваш „лажго“. Од твојата уста тоа звучи како комплимент. Ама што правиме со луѓево на кои сè им е одземено? И тие ли лажат?

Размисли добро што ќе одговориш.

Има ли најави дека наскоро филмот ќе почне да се прикажува во Бугарија?

„Трето полувреме“ ќе се прикажува во Бугарија тогаш кога бугарската држава и нејзините безбедносни служби ќе го дозволат неговото прикажување на бугарска територија, односно ќе престанат да ги заплашуваат сите оние дистрибутери што досега изразија желба комерцијално да го прикажат овој филм.

Со други зборови – кога Република Бугарија, земја-членка на Европската Унија, ќе стане демократска и слободна земја во која интелектуалното дело и слободната мисла не се санкционираат од највисоките органи на извршителната и законодавната власт.

Сè дотогаш - Втората светска војна на овој дел на Балканот не е завршена.

Р.П.

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе