Едно интервју на контроверзниот лик што стана дел од „Рекет“

Боки 13: Најмногу пари заработив од оние што ми викаа „Види го, педер“

Бојан Јовановски, контроверзниот лик познат како Боки 13, кој во последно време е актуелен како осомничен во случајот „Рекет“, во едно интервју за емисијата „Еден на еден“ изјавил дека за она што треба да го сработи, или наплаќа многу или работи за џабе, бидејќи не сакал да се пазари и некој да му ја потценува вредноста. Во ова интервју тој признава дека наплатил 200.000 евра за 4 месеци за турнеја во Србија и додава дека најмногу заработил од оние што со потсмев го нарекувале педер и зборувале „Види го, педер“. 

„Ако некој нема да ме плати, му кажувам немој да ми ја потценуваш вредноста, или плати ме како што треба или ќе ти работам за џабе. Најмногу сум наплатил од оние што ми се смееле и ми викале 'Види го, педер'. Генерално сме сеирџиски народ и ако не знаеш да му пласираш шоу на народот, поарно седи си дома“, вели Боки 13 во ова интервју, кое одеше во етерот пред 2 години.

Јовановски во ова интервју додава дека кога имал закажано и требало да одржи концер во салата „Борис Трајковски“ во 2011 година, не продал доволно карти, однсно успеал да продаде само околу 1.000 и нешто, по што јавно излегол да ја каже вистината. 

„Јас немам продадено карти, се повлекувам. Вам сум ви здосадил, а и вие мене пута пет, нема љубов меѓу нас. Тука ставив рез и одлучив да не се појавувам на телевизија и да променам нешто. Ми здосади сѐ. Бев постојано на насловните страници, но ми стана досадно и сфатив дека мојот интелектуален капацитет не можам да го реализирам во естрада. И тргнав да се бавам со проект за човекови права“, изјавил тогаш Боки 13. 

Тој во интервјуто додава дека неговите реплики се паметат не затоа што биле многу паметни, туку затоа што биле искрени. 

Реалното шоу „Велики брат“ во кое учествуваше, Боки 13 признава дека му помогнало да се пробие на Балканот и дека ако не учествувал во ова реално шоу, тогаш патот ќе му бил потежок.

Од контроверзен лик учесник во реално шоу, Боки 13 последно беше актуелен со отворање на нова телевизија за која ветуваше многу.

Во 2018 година вкупните приходи на телевизијата 1ТВ што тој ја отвори изнесувале 39,232 милиони денари (околу 637 илјади евра), а приходите од рекламирање 33,944 милиони денари (околу 550 илјади евра). 

Но, од многуте фотки со брендирана роба и луксузните автомобили постирани по социјалните мрежи, сега за сега му останаа само спомените. По луксузот Боки 13 заврши во Истражниот затвор во Шутка, а голем дел од брендираната роба заврши во заплените за случајот за кој тече истрага.

Од она што досега е објавено, на списокот на рекетирани имало триесетина бизнисмени. Некои од нив веќе имале средби со обвинителката што го води предметот „Рекет", Вилма Рускоска. 

Ако целиот случај се погледне одозгора, може да се даде една ваква дефиниција - луѓе од власта, со помош на еден или двајца специјални обвинители и еден или двајца извршители-рекетари, изнудувале пари со помош на веќе отворени или можни нови случаи на СЈО, по што со дел од парите ја одржувале телевизијата 1ТВ во живот, чија пак уредничка задача била заштита на политиките на власта.

Другиот, поголем дел од парите, бил подеднакво делен. Во кеш.

 Досега во Основното јавно обвинителство за организиран криминал за случајот „Рекет“ изјави дале десетина бизнисмени, двајца градоначалници, адвокати и бројни други посредни и непосредни сведоци во рекетот на првиот човек на 1ТВ Бојан Јовановски.

Во целата мрежа на Боки 13 била вклучена и неговата невладина организација Меѓународен сојуз преку која исто така се извлекувале стотици илјади евра и се пробувало да се добиваат маркици за изградба на објекти за социјална намена.

Дали и до каде ќе се шири оваа мрежа, кој се ќе биде опфатен во истрагата и обвинението за „Рекет“, кој ќе влезе во судница, а кој во затвор и дали и кој ќе си ги наплати парите од рекетирањето, останува да видиме во иднина.

На потег сега е Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а дотогаш само потсетивме на една од многуте изјави на контроверзниот Боки 13 кој во моментов е во притвор. 

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе