ВЕЛОРЕПОРТАЖА (2)

Акробации, адреналин, пцуење: Еден нормален велосипедски ден низ центар на Скопје (ФОТО)

Ентузијаст, акробат, авантурист, роб на сообраќајната структура... Скопскиот велосипедист добива разни квалификации. Тој е продукт на различни дефиниции и манифести за урбаниот изглед и патните релации, истовремено е дел од процесот на социокултурното „пркнување“ на Скопје. Мора да научи акробации и нагли движења цик-цак ако сака да се адаптира во сообраќајната џунгла. Кочниците, амортизерите, задолжителното бело светло, мачкиното око или рефлектирачката лента нема многу да помогнат ако немаш очи и на тилот.

 

Возам покрај „Св. Кирил и Методиј“ (бивша „Мито Хаџивасилев Јасмин“). Насред патека е поставено жолто столпче. Механизам да не проаѓаат коли. Гледам еден стар искривен лежечки хидрант што дава можност при забрзување да рипнам во воздух. Кај НИП Нова Македонија, пак, велосипедската патека е споена со пешачката. Тука патеката се стеснува и до два метри, до метро и пол. Завршува кај Паркот на новинарите, каде што патеката влетува буквално во паркот, меѓу клупи и луѓе, па директо на семафор. Или на чешмичка да се напиеш вода. Цело е кога има сѐ, нели?

Кај ЕУ Инфоцентар (пред Европски факултет) постои дел кај што недостигаат бекатон-плочки, па е „закрпен“ со асфалт. Распукан дел. Гледам нова паркирана кола (црно пежо) пред раскрсницата на „Св. Климент Охридски“ и „Димитрие Чуповски“.

Невладината „Еко-логик“ имаше симпатична иницијатива за ваквите ликови, наречена „Сељак на денот“. Втора асоцијација ми се прекршоците во „Ѕид на сообраќајниот срам“. Со неколку клика ќе ја најдете страницата по социјалните мрежи. Секој може да фотографира, а потоа да пушти по социјалните мрежи јавноста да види како некој несовесен шериф си ја паркирал колата врз тротоар, патека, по тревник... Каде и да му се видело удобно, без многу да кружи во потрага по паркинг. Понатаму уште една црна кола чиј возач е „печен“ да се најде во овие категории! Интернет-револуцијата нема да им прости на оние што мислат дека ако поседуваат автомобил, поседуваат и цела улица. На градот му е доста од антихерои. Градот не е монопол на автомобилите. 

На аголот наидувам на две големи бетонски коцки. Ме потсети ова на превртената жардиниера кај Железничка станица. Има околу 90 отсто шанси да добиете кила ако пробате да ги подигнете коцките, а околу 102,5 отсто шанси да завршите со фрактура ако не ги утнете. Особено ноќе. Поставени се за да не влегуваат коли по тротоар. И за да ве збунат дали всушност се возите по некаква патека. На едно метро на кривината е поставен семафор, а понатаму знак за забрането паркирање, знак за велосипеди-пешаци, и опаа - мени за најблиската палачинкарница. Тост 35 денари, палачинка 35 денари, а тост и палачинка заедно - 60 денари. Пријатно јадење! 

Понатаму пред гимназијата „Јосип Броз Тито“ сѐ уште стои билборд... Уште еден симбол за маргинализирањето и непочитувањето на велосипедистите. Додека со поглед трагам по фамозниот билборд, насред тротоар каде што се сврзува со патека, ни два ни три, си застана млекарско комби. Не проба да влезе на пристапот до паркингот на гимназијата, туку застана буквално на самата пешачко-велосипедска зона! Двајцата дечки со пратката млеко „натенане“ си растоваруваат и си носат во образовниот објект. Комбито ќе ги почека да се вратат, а и сите учесници во сообраќајот. А веднаш до нив, на метар од комбито, на тротоарот боде очи знакот за забрането паркирање. Да, тука е и билбордот, а до него и такси. Фина глетка. Нема кај да се поминува. Уште една слободна зона за развивање летачки способности на сите велосипедисти, пешаци, луѓе на ролери, лица со инвалидитет, за мајки со колички...

Мора да се спомене трендот - сѐ повеќе светски градови центарот го претвораат во пешачки зони. Или зони со предност за немоторизиран и јавен транспорт. Прв пример што ми доаѓа на памет - Љубљана. Овој словенечки град има околу 270.000 граѓани, а скоро 300.000 велосипеди. Љубљана содржи 85 километри велосипедски патеки, а Скопје моментално 60-ина (прашање е колку од нив се функционални). Таму има полицајци, поштари и градски редари на велосипед, постојат 10.000 паркинзи за ова превозно средство (дел со настрешници), мали мостови наменети за пешаци и велосипедисти, но и неколку улици низ централното подрајче по кои е дозволен сообраќај единствено за велосипеди, автобуси и такси-возила.  Кај нас во Скопје е најавено дека „Димитрие Чуповски“ може да прерасне во пешачка зона, а колите би оделе одзади по проширената „Даме Груев“. Времето ќе покаже колку ќе се реализира таа идеја.

Дотогаш, кога поминувате на „Димитрие Чуповски“, свиркаат стотици коли. На тротоар наидувате на ученици, луѓе се враќаат од пазар, брзаат на состаноци, парови се шетаат рака за рака... Раздвижено. Си има и дрвја, знаци, паркирани возила, фраери што „се враќаат за пет минути“, а ги нема половина час. Гледам и мајка со две деца. Ги фатила под рака и поминува насред улица, а на 30 метри пешачки премин, со соодветна сигнализација. Едукација на дело. Фина порака до децата. Од генерација до генерација.

Пред бивш „Мекдоналдс“ паркирани возила. Истовремено, на „Рекорд“ е лудило! Урбан хаос. Луѓе поминуваат по пешачки, меѓу коли, претрчуваат меѓу автобуси, дел чекаат ред пред угостителските објекти, па немаат поим каде стојат, дали минуваат пешаци и велосипедисти. Нема шанси да возиш, мора да го буткаш точакот меѓу луѓе. Тргни-застани, тргни-застани. Цело време. Ако ти здодее ваквото недвижење во просторот, немаш можност да се качиш во автобус со велосипед. За разлика од градовите со поразвиен и поимагинативен транспортен модел, во скопските автобуси нема место за точаци, нема можност да се закачат, па луѓето да пропатуваат неколку станици...

Најдолгата скопска велосипедска патека е покрај кејот на Вардар, од Карпош до мостот „Близнак“ во Аеродром. Оваа патека не е дел од транспорните текови, повеќе служи за рекреација. Ќе стане далеку пофункционална ако на повеќе локации се поврзе со сообраќајната структура. Се упатив токму кон неа, поточно над неа, бидејќи неколку години е прекината кај ГТЦ заради изградба на мостови и бродови во духот на „Скопје 2014“.

Сега сите велосипедисти мора да се движат по некогашното препознатливо шеталиште, кое, за жал, од пред две-три години е претворено во слободна сообраќајна зона. На шеталиштето сега пресретнав пешаци, но и туристи со апарат и желба за сликање локални знаменитости и кичерај... За успомен од Странција.

Покрај оградените кафулиња на ГТЦ  поминуваат камиони, комбиња, застануваат и разни коли, џипови, па некогашното 320-метарско корзо од кејот, практично, служи и како инцидентен јавен паркинг. За низ сончевите денови дел од гостите на локалите, додека пијат кафе, возилото да го остават „пред нос“. Иако, од друга страна, бодат очи неколку знаци за забрането паркирање. Откорнат беше знакот „Внимание, градилиште“, во меѓувреме беше поставена и минирампа за да го спречи неконтролираниот влез на возила, а сега, пред две-три недели, и официјално беше потврдено дека ќе се гради пристапна надземна улица од „Холидеј ин“ до Телеком.

„Извинете!? Дојдени сме со велосипеди, сакаме да го посетиме Археолошкиот музеј. Каде има паркинг за велосипеди?“, ме праша еден забраден човек во своите педесетти. Излезе од толпата. Зборуваше на нејасен англиски јазик, но беше пристоен, културен. Отпозади тројца пријатели го чекаа да најде солуција.

„Ха! Добро прашање... Во вистинско време! Знам дека постојат велопаркинзи на улица ’Македонија’ и одзади, кај ’Жена-парк’. На излезот од трговскиот центар, од другата страна на објектов“, му одговорив, а човекот се заблагодари и тргна да ја собере дружината.

Ја минав пешачко-велосипедско-моторизираната зона покрај ГТЦ, следува избледена црвена патека до зградата на Народна банка. Некаде се гледаат мали апликации, хоризонтална сигнализација за велосипеди. Тука е тумби-румби, излижана патека, испукани плочи, дупки... Одисеја 2015-та!

Конечно стигнав до булеварот „Кузман Јосифовски Питу“. Точно пред објектот на НРБМ има паркирано 3-4 возила. За возачите да си завршат работа и потоа си се качат во кола накај дома. Од спротивната страна, пак, пред ТЦ „Веро“, на ист тротоар има исцртано и бела и црна лента за велосипеди. Изборот е на ваша сметка. Пред трговскиот центар нема поставено столпчиња, па автоматски се наредени неколку таксиња. Чекаат патници од „Веро“. По нив рој од луѓе што чекаат, излегуваат и се симнуваат од автобуси. Автобуската станица ја минувам со цик-цак. На луѓето очигледно не им пречи што застанале на патека. Звончето не помага многу додека да стигнам до Железничка станица...

Повторно треба да одлучам дали да се симнам по улица, да вртам педали со надеж да не ме „качи“ некој на хауба, да завршам под нечии гуми, или да буткам точак меѓу луѓе?

Целосната велосипедска рута од студентскиот дом „Гоце Делчев“ до тука не е долга. Таа, едноставно, е „нанижана“ со дупки, паркирани коли, столпчиња, семафори или високи рабници. Нема шанси за слободно непречено движење, иако повеќе истражувања покажуваат дека велосипедот треба да биде најбрзото средство за минување на 5 до 7 километри во градски метеж.

Дополнителен проблем е и нескротливата некултура на дел од учесниците во сообраќајот. Ова влече потреба за поголеми, поефективни и подолготрајни кампањи, каде што би се тргнало она тенденциозно социјално клише дека велосипедистите се алтернативна категорија возачи, со која властите тешко се идентификуваат. Каде се тука јавните личности, политичарите, бизнисмените? Колкумина од нив одат на работа со велосипед? Зошто не се почитуваат и не се препознаваат до крај идеите и насоките што доаѓаат од автохтоните граѓански иницијативи?

Инфраструктурата е очигледен проблем. Потребен е стратегиски пристап, а не крпење дупки. Рецептот за реална трансформација во „велоград“: партнерство со сообраќајните инженери, детален нацрт-план за мобилност низ градот, почитување на стандардите. Ако во заднината имате општество што со секој детаљ укажува дека велосипедизмот е важен, секако ќе биде полесно да се образоваат децата и младите да ги почитуваат велосипедистите, да возат самите, да развијат позитивен став кон велосипедистите. Но ако во заднината имате општество каде што не е присутна идејата дека велосипедизмот може да има важна улога во транспортот, тогаш образованието би било многу тешко, бидејќи образованието во тој случај делумно оди против општествените цели. 

ВЕЛОРЕПОРТАЖА (1)

Бојан Шашевски 

Сега свесно или несвесно се оди во друг правец, сведувајќи ја  партијата  на ниво на  дебатен клуб.

повеќе

Најчести места каде што може да се препознае (и шири) говорот на омраза на интернет се всушност онлајн медиумите кои дозволуваат простор за коментирање.

повеќе

Веќе е јасно дека не треба да има никакво сомневање дека прислушуваните разговори треба да бидат прифатени како докази во постапките.

повеќе