ЗАШТИТА НА ЖИВОТНИТЕ

Ако сакаат, лесно е да се откријат борбите со кучиња, но не сакаат (2)

Борби со кучиња се одржуваат секој месец, низ цела Македонија. Голем бизнис, за кој сите знаат, и надлежни и ненадлежни, и борци за заштита на животните и државни агенции чија работа е тоа да го спречат, и полицајци и ветеринари - и никому ништо. Борби со кучиња и натаму се одржуваат секој месец, низ цела Македонија.

Здруженијата за заштита на животни немаат никаква поддршка од надлежните институции, Агенцијата за храна и ветеринарство и полицијата си ја префрлаат вината и обврските.

Здруженијата за заштита на животните кажуваат дека испраќаат слики, видеа, некогаш и име и презиме на лицата кои организираат, нивните постирани видеа на интернет на кои може јасно да се видат лицата на оние кои се учесници во борбите, но залудно.

Годинава пријавивме борба на кучиња која се одржуваше во џамија. Случајно наш активист поминуваше оттаму и го виде тој ужас. Но по неколку минути, по нашиот повик некој ги извести, знаеја дека полиција ќе дојде, па си ги земаа кучињата и си отидоа. Полиција и лица од АХВ се појавија по половина час од пријавата, секако залудно“, објаснува Милан, активист на „Анима Мунди“.

Здруженијата за заштита на животните кажуваат дека проблемот е уште покомплексен затоа што насекаде низ државата се вмешани ветеринари, функционери, полициски припадници.

Пред неколку години, борби со кучиња се организираа и на стадиони, секако со полициска заштита. Денес, иако тоа не го прават толку јавно, имаме сознанија за замешаност на полициски службеници, како и инспектори. На овие „натпревари“ често пати асистираат и припадниците на полицијата за да го чуваат редот или се дел од борбите, тоа е јавна тајна“, кажува Ивана Талевска од „Анима Мунди“.

Од полиција пак, целосно се оградуваат, кажувајќи дека ваквиот „спорт“ е казнив и нелегален и дека ако имаат какви било сознанија, од АХВ ќе дојдат на терен и ќе постапат согласно законот.

Ветеринарен инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство, на својот ФБ профил објавува, поддржува и присуствува на организирани борби со кучиња.

Здруженијата за заштита на животни годинава во јануари испратија барање до Агенцијата за храна и ветеринарство со кое предлагаат разрешување на инспектор од АХВ кој наместо да ги заштитува животните и да ги гони оние кои ги злоставуваат, организира и присуствува на борби со кучиња. Слики и снимки од инспекторот имаше по цел интернет и веста ја споделија речиси сите македонски портали.

Повреденото куче после борба сопствениокот го објавува на Фб јавно зборувајќи за борбата

Борачите на кучиња се свесни за целата ситуација, како и за неефикасната контрола на институциите, па договорите и борбите веќе не се ни обидуваат да ги сокријат. Ако сакаат, секако дека ќе откријат, но не им одговара тоа. Сѐ е јавна тајна“, тврди Слободан од Скопје.

Слободан (48), сопственик, одгледувач и борач на питбули, тврди дека присуствувал на два огромни јавни настани на борби со кучиња.

Најјаките борби на кучиња кај нас беа во 90-тите години во салата на МЗТ Скопје каде имаше повеќе од 5.000 луѓе публика. Беше настан со влезници во кој македонското Министерство за внатрешни работи ги обезбедуваше борбите на кучиња. Од тоа постојат и снимки, сѐ. Најлегендарна борба во Скопје на која бев е Клеј против Булисон, реванш во салата во Автокоманда во која имаше 11.000 гледачи. Клеј го убива Булисон во ринг“, раскажува Слободан.

А.С. од Струга, одгледувач и борач на кучиња, пак, раскажува дека многу од сопствениците ги убиле своите кучиња бесни што потрошиле време и пари, а тие одбиле да се борат или изгубиле.

Ако изгубиле или се многу оштетени, ги оставаме врзани за некое дрво или ако газдата е премногу гневен или ако кучето по пола година подготовки одбива да се бори, се случило да го убијат на лице место, да го обесат, па дури и да го искасапат со моторна пила или запалат со бензин“, раскажува А.С.

Од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ од Скопје кажуваат дека во Македонија има сериозен проблем, како и една цела развиена и добро организирана мрежа на борачи со кучиња и обложувачи.

Борба на кучиња од која сопствениците јавно објавуваа слики на ФБ профилите

Борби има секојдневно, без оглед дали станува збор за професионално борење или аматерски. И покрај нашите обиди и јавни апели, можеме слободно да кажеме дека не е преземено буквално ништо во однос на ова прашање“, вели Ивана Талевска од „Анима Мунди“.

Борбите се договараат јавно и на Фејсбук, а заработувачката од добиена борба или обложување може да достигне и до 10.000 евра

На социјалните мрежи секојдневно кружат фотографии и снимки од борбите со кучиња. Луѓето, кои се занимаваат со овој крвав „спорт“, имаат свои посебни групи и профили на Фејсбук во кои постираат, се фалат или договараат следна борба, свои форуми на кои разменуваат искуства, па дури и цел регистар за питбули во кој се води евиденција колку победи има некое куче и им служи за да ги размножуваат кучињата со „најдобрата крв“ и кучињата со повеќе победи меѓу себе и да ги продаваат по високи цени.

Во Битола, како и во сите спортови и во овој таканаречен крвав спорт на кучиња борци, постојат кучиња легенди кои во својот живот победиле во преку 30 борби и на своите газди им донеле доста голема заработувачка. Со мојот пријател имавме куче-женка питбул териер кое имаше посебен начин на борба и од преку 25 борби, немаше изгубено ниту една. По 5 години старост таа женка престанавме да ја пуштаме во борби и од неа ги добивме најдобрите кучиња борци. Таа остатокот од животот го помина како женка за приплод, односно за добивање на наследници борци“, вели Т.С. од Битола.

Овој суров „спорт“ со себе носи и заработки на големи суми на пари. Според борачите на кучиња, има борби и облози што достигнуваат и до 10.000 евра

Сопствениците немаат страв јавно да закажуваат борби

Двајцата газди се кладат и се договараат за цената на борбата заедно со судијата. Опкладите се од 200, 500, 1.000, 10.000 евра зависи кои кучиња се борат и колку победи имаат. Публиката може да се клади колку сака, газдите не се вмешани кога некој се клади од страна. Но, на публика може да отиде и преку 20.000 евра. На пример на борба на која бевме претходниот месец, Турчин стави 8.000 евра“, раскажува Т.С.

Најголеми пари се вложуваат кога има повеќе борби и тоа се вика шоу. На овие настани се наплаќа и влезница. Се организираат и натпревари помеѓу градовите, па дури и како држава имаме активно учество во интернационалните борби кои се одржуваат во Србија и Косово еднаш годишно.

Финалните шампионати во Скопје се организираат четири пати во годината, се собираат најдобрите борачи на кучиња од цела Македонија, а македонските борачи на кучиња се редовни учесници во меѓународните борби во бившите ЈУ држави. Србија е Тексас на Балканот, таму „паѓаат“ најголеми обложувања и има најмногу борби. Таму се одржуваат и борби на балканско ниво“, тврди Т.С. кој ги носел своите кучиња на борби во Србија.

Сопствениците и луѓето вмешани во овој крвав спорт објаснуваат дека борбите на кучиња имаат строги и однапред определени правила. На секој меч има организација и сѐ се договара однапред, се пишува договор во кој стои која да биде килажата на кучињата, колку луѓе ќе присуствуваат, кој е судија (за судија се зема искусен познавач и одгледувач на расата борбени кучиња што влегува во рингот. Во текот на борбата, сопствениците смеат да го бодрат сопственото куче само со зборови). Кога се одржува борбата, двајцата противници се внатре со кучињата во рингот и тие се викаат хендлери, односно водачи на кучето. „Во мечевите“, раскажуваат сопствениците,„хендлерот има многу важна улога зашто го тера кучето на борба“.

Најчесто хендлерот е и тренер на кучето, а и газда на кучето, живее, спие, јаде, сѐ прави со кучето, он и кучето се едно. А има и луѓе кои работат да тренираат други кучиња и ги хендлуваат на борба“, раскажува Д.К. од Скопје.

Пред да се внесат кучињата во рингот, се мерат на вага која ја носи судијата и мора да имаат одредена килажа која однапред сопствениците ја договориле, не смее кучето да пројде ниту 50 грама повеќе поради тоа што се губи капарот“, објаснува Д.К.

Организирана борба на шарпланинци со публика

Организирана борба на шарпланинци со публика

Кога судијата ќе даде знак, борбата започнува и трае сѐ додека некој од газдите не ја предаде или како во боксерските мечеви кога кучињата немаат активна борба. Се брои до 10, тука кучињата се освежуваат, тоа се вика скреч. Се пушта кучето кое губи и е повеќе повредено и доколку тоа куче не тргне кон својот противник до 10 секунди, тоа значи дека ја губи борбата. Газдата може да ја прекине борбата кога гледа дека кучето губи или се мачи, но ги болат парите, се оди до крај“, раскажува С.Ј. (43) од Прилеп кој се занимава со борење на кучиња преку 15 години.

Д-р Панче Дамевски, професор по ветеринарна медицина вели дека најдобро нешто што може да му се случи на едно куче е ако преживее, да го остават на улица, затоа што во многу случаи сопствениците ги убиваат кучињата кои изгубиле за да ја избегнат лошата репутација дека имаат куче со лош квалитет за борба.

Борбите многупати завршуваат со големи последици по двете кучиња. Кучињата се парчосани со отворени рани по целото тело кои подоцна тешко заздравуваат и по неколку месеци. Поразените кучиња често умираат од губење големо количество крв, како и од дехидрација или инфекција неколку саати, а понекогаш и недели по борбата. Кучињата борци најчесто се борат до смрт ако газдите не го спречат тоа. Многу пати спречувањето е премногу доцна“, вели Дамевски, кој е и претседател на Кинолошкиот сојуз во Македонија.

За повредите на кучето по борба многу често се повикуваат ветеринари. Стевче Ристевски, ветеринарен лекар од Битола, вели дека се случило во неговата ординација да донесат куче по борба за да го спасува.

Не го пријавив случајот затоа што не сакав да имам проблеми. Тоа се најчесто лица со криминално поведение. Ми беше страв, ќе знаат кој ги пријавил“, вели Ристевски, кој ни објасни дека најчесто сопствениците не признаваат од каде се повредите на нивното куче.

Ристевски вели дека можеби треба да се преземе нешто околу промена на законот според кој ветеринарите немаат законска обврска да пријават до АХВ или полиција дека примиле злоставувано животно.

Од здруженијата за заштита на животни велат пак, дека е јавна тајна дека ветеринари да помагаат во санирање на повредите за поголеми суми пари. „Со тоа што земаат пари и молчат, се дел од криминалот“, вели Цветанка, основач на здружението „Мали херои“ Битола.

Здруженијата за заштита на животни, вкупно шест во Македонија, кажуваат дека активно работат на терен, но очајно им треба помош, како од активисти, така и од надлежните.

Секојдневно добиваме пријави за борби од граѓани кои се исплашени да пријават во полиција и сакаат да останат анонимни, секојдневно наоѓаме напуштени кучиња кои очигледно изгубиле борба, или граѓани ни јавуваат за врзани измачувани животни“.

Среќна приказна: Спасениот питбул Шила ги руши сите стереотипи за питбулите!

Ивана од „Анима Мунди“ во кратко видео интервју ни ја раскажа приказната за спасениот питбул Шила.

На официјалната страна на „Анима Мунди“ објавив слика од Шила од нејзината состојба пред и потоа, во порака ме исконтактира нејзиниот сопственик кој ми раскажуваше како и колку ја борел, ми праќаше дури и слики и на крај ми бараше пари ако сакам да ја задржам“, ни дообјасни Ивана. Таа сите докази ги собрала и пратила претставка до Агенцијата за храна и ветеринарство, но досега и после шест месеци нема никаков одговор.

„Годишно ми се случува само јас да спасам кучиња како нејзе 20 до 30“, вели Ивана.

Сопствениците на овие кучиња ќе ви речат дека нивните кучиња уживаат во тоа, и дека се создадени да се борат. Тоа не е вистина, за жал, тие ја развиле агресивноста кај овие кучиња. Шила е питбул кој докажува дека секое куче може да биде прекрасен миленик, му треба само добро воспитување и љубов“, раскажува активистката на „Анима Мунди“.

Расите кои се користат за борби со кучиња се американскиот питбул, стафорд, кангал и новодојдените азијатски раси во Македонија, а неретко ги користат и шарпланинците.

Марија Хаџи Стојанова

 

Историја за питбулите

До далечната 1066-та година, во Англија питбулите ги користеле за борби со бикови, ги ставале во арена со бик и се обложувале колку долго едно куче ќе остане и дали ќе го собори бикот. Оттука потекнува и нивното име, што во превод значи пит– арена и бул–бик. Во почетокот на 1986 година, преку 50 држави изгласаа посебен закон за забрана за питбулите.

Денес питбулот не е признаена раса, не е во европскиот регистар на расни кучиња, не се оценува и не се дозволува неговото учество на изложби. Во повеќето европски држави питбулот е забранет за одгледување и чување како миленик, но во нашата држава нема таква забрана.

Мислењето на стручњаците околу агресивноста на расата питбул териер е поделено. Дел од ветеринарите, кинолозите и професорите сметаат дека питбулите се раса поагресивна од останатите, а дел сметаат дека се мирољубиви кучиња кои неправедно стекнале лоша репутација поради злоупотреба од лоши луѓе.

 

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе