На фестивалот Попоски ќе се претстави со видео арт делото „Парче мир“.
„Она што е уникатно за ова уметнички дело е дека сите елементи во него - поезијата, видеото и музиката - во целост се создадени со помош на креативна вештачка интелигенција“, вели Попоски.
Неговото дело е застапено и во посебниот осврт кон фестивалот објавен во Артилери Магазин, реномирано списание за современа уметност што се објавува во Лос Анџелес.
Второто издание на Месецот на дигитална уметност во Париз вклучува 30-тина светски дигитални уметници, со изложби на дополнета реалност и видео арт на дузина локации ширум француската метропола. Интерактивна мапа со сите локации и застапени уметнички дела е достапна на сајтот на фестивалот.
Фестивалот е конципиран како едномесечна прослава на дигиталната уметност и новите медиуми во организација на светски реномираниот Саем за крипто и дигитални уметности (KАДАФ).
Зоран Попоски магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија и САД, а докторирал студии на културата во Скопје. Досега има реализирано над 100 меѓународни изложби и е добитник на повеќе меѓународни награди за уметност.