Интервју

Захи Хавас: Откако луѓето почнаа да ме поврзуваат со Индијана Џонс, моите предавања за археологијата се распродадени

Најпознатиот египетски археолог Захи Хавас, по повод празнувањето на 24 јуни, Денот на балканските Египќани, овие денови е на мини турнеја низ Македонија и Косово. Во Македонија се сретна со министерот за култура Асаф Адеми, ги посети Музејот на Македонија, Археолошкиот музеј и археолошкиот локалитет Стоби. Додека беше во Скопје најде време и за интервју за МКД.мк.

За светски познатиот археолог Захи Хавас археологијата е највозбудливата работа, бидејќи носи страст, ја открива историјата, ги открива тајните закопани во песокот и поттикнува на авантура. Невозможно е биографијата на Хавас да се стави во неколку реченици, но најважните моменти во неговата кариера се единаесетгодишниот период како министер за антиквитети во Египет, неговата борба за враќање на украдените антиквитети во Египет, како и директорските позиции на ископувањата во најзначајните египетски локалитети.

Веќе со години држи предавања за египетската археологија низ целиот свет и ги повикува туристите повторно да ги откриваат културните богатства на неговата земја. За таа цел учествува во голем број телевизиски емисии, дебати и акции посветени на египетската археологија.

Со каква цел е вашата посета на балканскиот регион, односно Косово и Македонија?

Дојдов тука на покана на Египќаните кои живеат во Косово и можев да видам дека тие луѓе се чувствуваат гордо поради поврзаноста со Египет. Иако сѐ уште не знам за историски докази дека тие се Египќани, но многу сум среќен што тие се приврзани кон Египет. Во текот на неделата на културата на балканските Египќани видов дека свират на инструменти, танцуваат фолклорни игри и пеат и дека овие денови навистина се убави за нив, бидејќи се чувствуваат поврзано со Египет. Тоа ме прави многу среќен и се надевам дека во иднина ќе воспоставам повеќе контакти и на српските и македонските Египќани, за кои слушнав дека се околу еден милион, со Египет.

Првпат сум во Македонија. Требаше да дојдам минатата година на покана на министерот за туризам за да го промовирам Египет, но сега се сретнав со министерот за култура и му ветив дека повторно ќе дојдам за шест месеци со поддршка на секторот за туризам за да направиме културна недела посветена на Египет. Тогаш ќе одржам предавање, ќе има и изложба за да им покажеме на луѓето дека Египет е безбеден за туризам.

Се надевам дека тогаш ќе бидам присутен тука цела недела за да можам да ги претставам моите најнови откритија, бидејќи сега истражувам во Долината на кралевите и трагам по гробот на Амун и се надевам дека многу брзо ќе откријам нешто многу важно. Ако откријам нешто ќе биде многу добро да дојдам во Македонија и да одржам предавање за откритието, бидејќи Египет е безбеден и сакаме туристите да се вратат кај нас. Тоа е мојата мисија со патувања низ целиот свет, да им кажам на луѓето дека можат да дојдат во Египет.

Кои се вашите први впечатоци од престојот во Македонија?

Прво ги посетив Музејот на Македонија и Археолошкиот музеј. Ми се допадна што во музеите се изложени многу археолошки наоди што се откриени со ископувањата во овој регион. Навистина е реткост да видите музеј во кој се изложени стари археолошки наоди. Можеби Египет е уникатен во тој поглед како што се изложени наодите тука. Импресиониран сум од тоа што го видов. Не сакам да гледам реконструкции во археолошки музеи, но добро е да се едуцираат посетителите за тоа како луѓето изгледале некогаш, какви биле нивните навики, да се открие историјата на луѓето преку нивната облека, накит, обувки. Мислам дека овие музеи треба да имаат поголема поддршка, бидејќи видов дека нивните директори имаат голема желба за работа и сакаат изложбите да ги постават на најдобар можен начин.

Захи Хавас во Археолошкиот музеј на Македонија

Низ целиот свет е познато вашето залагање за промоција на египетското културно наследство. Со која методологија пристапувате во работата на истражувањата и промоцијата на наследството?

Бев министер за антиквитети на Египет во текот на 11 години, но начинот на кој го презентирам египетското наследство е базиран на седум важни точки. Како прво, тоа е изградбата на најголемиот музеј во светот – ја почнав изградбата на Гранд музејот, како и изградбата на 32 нови музеи. Како второ е менаџирањето на локалитетите, како фараонските, коптските, еврејските и исламските. Секој локалитет посебно се подготвува за конзервација, реставрација и за туристичка посета. Како трето е заштитата на спомениците со тренинг на обезбедувањето, иницирав изградба на објекти за чување на артефактите, предложив промени на египетските закони за да бидат построги за крадците на артефакти.

Потоа следуваа развојот на добра едукативна програма, со која Египќаните ќе станат свесни за своето културно наследство, како и враќањето на шест илјади украдени артефакти во Египет. Во 2006 година магазинот „Тајм“ ме избра меѓу 100-те највлијателни луѓе поради начинот на кој ги вратив артефактите во Египет. Последната точка е што вистински сум обучен во техниките на ископување. Но, на крајот мислам дека е најважен публицитетот.

Тоа што го правам е страст што сум ја добил од Господ – страст за археологијата. Помладите луѓе ги учам на значењето на страста. Ако имате страст дури и за нешто мало, од тоа ќе направите нешто големо. Тоа постојано го велам во Египет, дека можете да обучите многу луѓе, но не можете да ги научите што е страст. Страста доаѓа од љубовта кон старините.

Дали тоа значи дека страста е најспецифичната карактеристика на археолозите?

Страста е нешто што сум го добил од Господ. Затоа патувам низ целиот свет. Во Египет на сите млади луѓе им повторувам - ако имате страст за нешто мало, ќе го направите големо. Бидејќи кога бев млад не сакав да станам археолог, туку адвокат. Почнав да студирам право, но не го сакав, а потоа случајно се појави археологијата. Ги завршив студиите за археологија, но сакав да ја напуштам. Но, кога првпат почнав со ископувања и кога најдов статуа во средината на гробот и кога почнав да ја чистам статуата, си реков – ја најдов мојата љубов. Тоа е мојата страст кон археологијата.

Вистина ли е дека вие сте инспирацијата за Индијана Џонс?

Така кажал Џорџ Лукас (се смее)...

Дали се чувствувате како ликот на Индијана Џонс во филмот?

Не, не, јас сум вистинскиот јас, но среќен сум што така ме нарекуваат, бидејќи тоа го поттикнува интересот на јавноста кон археологијата. Многу малку луѓе одат во музеи кога посетуваат друга држава. Но, откако луѓето почнаа да ме поврзуваат со Индијана Џонс моите предавања за археологијата се распродадени.

Исто така е добро што авантурата почнаа да ја поврзуваат со археологијата, а тоа ни е потребно. За секоја држава е важно да креира јавен интерес за археологијата. Археологијата е многу комплексна како материјал за предавање, но кога од неа ќе направите авантура ќе им стане интересна на многу луѓе, и тоа е добро.

Во однос на украдените артефакти, дали постапувавте како научник-археолог или како адвокат за да ги вратите во Египет?

Тоа што уште на почетокот го направив беше да објаснам дека не сум против музеите, туку го барам тоа што е украдено од Египет. Бидејќи понекогаш се случува музеите да купуваат украдени артефакти, и тоа е лошо. Исто така, се борам за тоа уникатните артефакти да бидат вратени во Египет, како што долго време се борам за бистата на Нефертити со Берлинскиот музеј, или за статуите од големите пирамиди со Музејот за убави уметности во Бостон, или за Каменот од Розета со Британскиот музеј.

Кога објавив дека украдените артефакти треба да бидат вратени во Египет, не мислев на тоа сите артефакти од музеите да бидат вратени, туку сакав да ги стопирам музеите да купуваат украдени артефакти, бидејќи тоа ќе ги обесхрабри луѓето да крадат антиквитети.

Колку археолошките наоди се дел од идентитетот на одреден народ, регион или држава?

Тие се дел од идентитетот. Кога студирате археологија или кога ќе допрете некој предмет – тоа е вашиот идентитет. Тоа те враќа назад во твојата историја и те прави многу горд. Ако сте Македонец и ако го посетите Археолошкиот музеј ќе бидете горд на својата историја. Ако сте горд на својата историја ќе направите добри работи за својата држава. Исто така, мислам дека е важно да се даде публицитет на археолошките ископувања и наоди. На пример, во врска со моите најнови ископувања во Долината на кралевите телевизиите од целиот свет покажаа огромен интерес. Мислам дека така треба да работите и тука во Македонија.

Захи Хавас во Археолошкиот музеј на Македонија

Бевте добар пријател со најпознатиот египетски актер Омар Шариф (1932-2015) и би можело неговата актерска кариера да ја споредиме со вашата археолошка работа во однос на препознавањето на Египет во светот. Какви совети им давате на археолозите низ светот, но и тука во Македонија?

Секогаш на секој археолог сум му давал совет дека не е добро целиот живот да го помине во канцеларија и да пишува текстови кои никој нема да ги прочита. Мора да дадете дел од својот живот на јавноста. Археолозите во вашата држава треба на убав, авантуристички начин да ги привлечат телевизиите, весниците, магазините, да направат музеите да бидат отворени навечер за децата, да прават акции, како што јас правам во Америка со акцијата „Ноќ во музејот со Захи Хавас“ со која ја охрабрувам публиката да дојде на вечера во музеј и да ме слушне што зборувам за археологијата. Такви акции треба да правите и тука со цел да ја охрабрите публиката и особено децата да дојдат во музеј.

Тони Димков

Можевме и требавме, преку соодветните локални власти и во соработка со МНР и Министерството за култура, оваа манифестација да ја направиме меѓународна.

повеќе

Еден проблем кај Трамп е тоа што му е опсесија да изгледа „силен".

повеќе

Меѓу најпосетените места во градот сѐ уште на прво место и меѓу главните мотиви поради кои доаѓаат туристите во Крушево е вечното почивалиште на Тоше Проески, спомен куќата изградена во чест на него, Манастирот Св. Преображение и многу други.

повеќе