Во Музејот на современата уметност пристигнуваат светски етаблирани уметници

На 21 декември, во 20 часот во Музејот на модерната уметност – Скопје ќе биде отворена изложбата „Сѐ што ни е заедничко“. Кураторки на поставката се Мира Гаќина и Јованка Попова. Во рамки на изложбата со свои дела, уметнички инсталации, видеа, скулптури, перформанс и фотографии ќе се претстават 12 уметници од земјава и светски признаени автори, кои денес изложуваат во сите водечки уметнички центри низ светот како Тејт, Гугенхајм, Мома Њујорк...

На изложбата ќе бидат претставени дела од Хито Штејерл (Германија), Тања Бругуера (Куба), Артур Жмијевски (Полска), Џулиета Аранда (Мексико), Адриан Паци (Албаниjа), Даниел Гарсиа Андухар (Шпанија), Сања Ивековиќ (Хрватска), колективот Что Делат (Русија), Антон Видокле (Русија и САД), како и македонските уметници Христина Иваноска, Нада Прља и Ѓорѓе Јовановиќ.

„Ние сме Mузеј на современа уметност и сакаме да ja прикажеме актуелната уметничка сцена преку автори кои денес можат да се видат во сите водечки уметнички центри низ светот. Поставката има идеолошка заднина и се занимава со теми кои пропагираат актуелни прашања кои се спротиставуваат на десничарските глобални наративи во светот денес. Ретко имаме можност да донесеме автори кои изложуваат во Тејт, Гугенхајм, Мома Њујорк... и кои се предводници на светската сцена по прашања кои отвараат ангажирани тематики. Со колешката Јованка Попова на уметниците им пристапивме непосредно и на наше големо задоволство добивме позитивни реакции. Освен што прифатија да учествуваат на изложбата, дел од нив ќе бидат и наши драги гости во Скопје, а уметницата Тања Бругуера ни подари и нејзино дело за колекцијата на музејот“, вели директорката на МСУ и кокуратор на поставката Мира Гаќина.

Во Скопје на отворањето на изложбата ќе присуствуваат уметниците Антон Видокле, кој ќе одржи и свое предавање на релевантна тема, уметниците Дмитри Виленски и Николај Олеиников од уметничкиот колектив „Что делат“, кои нивниот престој во Скопје ќе го искористат за продукција на ново уметничко дело, претставено во рамки на изложбата. Уметниците Џулиета Аранда, Артур Жмијевски, Даниел Гарсиа Андухар заедно со останатите присутни уметници ќе зборуваат за своите дела во рамки на организирана прошетка низ изложбата пред поширока публика.

Изложбата „Сѐ што ни е заедничко“ се однесува на состојбите на несигурност во капиталистичкиот локален и глобален контекст и има намера преку анализа на конкретни уметнички дела и практики да го истражи прекаријатскиот општествено-критички произведен дискурс и неговите манифестации.

Капитализмот со неговите авторитативни политики создава свет во кој структурите на моќ непоколебливо ги поддржуваат богатите, игнорирајќи ги потребите на обесправените и маргинализираните. Неолибералната култура изобилува со јазик на иновации и новини, но културата никогаш не била подеградирана. Ако општата несигурност, која се одразува врз работата, образованието, популарната култура и менталните состојби во современото општество, произведува конзервативизам во културата, тогаш прашањата се: Кои форми на делување и организирање може да дозволат уметноста повторно да стане возбудлива и корисна во исто време? Дали таа треба да е додаток на политиката, во смисла дека политиката може да има корист со инкорпорирање на елементи специфични за уметноста или треба да ја политизираме уметноста? Можни ли се начини за да се врати модерноста на социјални форми на акција и здружување и кои се начините на кои уметноста и културата ќе имаат удел во ова. 

 

 

Јавните медиумски сервиси треба да бидат столб на демократските општества и примарен извор на информации за сите граѓани.

повеќе

Отповикот или импичментот на претседателот Доналд Трамп од страна на Претставничкиот дом покажува дека членовите на Конгресот на САД прво се партијци, а потоа Американци.

повеќе

Најпрво, важно е да се напомене дека поседувањето на оф-шор компанија не е нелегално само по себе. Во суштина оф-шор земјите нудат низа поволности како што се исклучително поволни стапки на данок. Всушност, некои од нив имаат нула стапка на данок. 

повеќе