Синоќа во Античкиот театар

Виолинистката Ванеса Меј со спектакуларен гала концерт го отвори 59. „Охридско лето"

Да ѝ дозволиме на уметноста да нè инспирира на храбри потфати. Да развиваме култура што ќе го отсликува богатството на нашите различни традиции, тука, во Северна Македонија. Да негуваме длабока почит и одговорност за природата што ни е доверена на чување, рече синоќа претседателот на државата Стево Пендаровски на отворањето на 59. издание на фестивалот „Охридско лето” на сцената на Античкиот театар во Охрид.

Ова, како што кажа, особено се однесува на незаменливото природно и културно наследство на регионот на Охридското Езеро.

„Мора да направиме сè што е во нашата моќ да го зачуваме статусот на Охрид како град на УНЕСКО. Да правиме простор за другите во самите нас и да се стремиме кон вистинско граѓанско помирување преку правда и простување. Градејќи едно општество за сите, да се сетиме дека ние си припаѓаме едни на други и заедно му припаѓаме на поширокиот европски културен и цивилизациски простор”, рече Пендаровски.

Прогласувајќи го фестивалот за отворен, пој порача дека во наредните 40 дена ќе бидеме граѓани на уште една заедничка татковина.

Годинешното „Охридско лето” го отвори со спектакуларен концерт виолинистката Ванеса Меј која Пендаровски ја најави како светски познат уметник, кој храбро презеде ризик и откри нов музички стил што излегува од конвенционалните рамки. 

„Меј создава радосна музика што е длабоко вкоренета во традицијата, а сепак релевантна за сегашноста и насочена кон иднината. Во неа го препознаваме ритамот што ги поврзува природата и човештвото. Музиката на Ванеса е гласно сведоштво дека наместо да се исклучуваат, различните културни влијанија можат да се надополнуваат создавајќи поголема вредност. И можеби токму затоа, нејзината музика помирува и поврзува милиони луѓе од разни нации и генерации”, истакна Пендаровски.

Фестивалот „Охридско лето", според министерот за култура Хусни Исмаили, како најголем амбасадор на културата и уметноста на Северна Македонија во светот, покрај афирмацијата на светските вредности, дава силна поддршка и на домашната сцена која со секоја своја изведба потврдува дека е дел од европската перспектива на земјава и најсилното оружје кое лесно ги дофаќа европските височини.

Денешните уметници, според него, исправени пред нови предизвици на современото време, гордо ги продолжуваат традициите, ги кршат табуата, ги надминуваат предрасудите, и на најуниверзалниот јазик на човештвото извикуваат „уметноста е слобода”.

Уметничката порака на годинашното фестивалско издание ја прочита режисерот Александар Поповски, и му ја посвети на македонскиот драмски писател Горан Стефановски. Почнувајќи со извадок од „Диво месо“, Поповски посочи дека уметникот треба да се слави за да остане запишано се она што е околу нас.

„Уметноста има правила кои не се дел од ексел табелите. Уметноста не смееме да ја нарачуваме како песна во кафеана. Треба да ѝ го дадеме сиот простор кој ѝ е потребен за да може самата да каже што чувствува. И тогаш ќе можеме да се видиме и препознаеме. И тогаш ќе останеме запишани во времето“, рече Поповски.

 

Ајде од понеделник да се посветиме сериозно на „носење на Европа" во нашата држава.

повеќе

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

повеќе

Неделава, владите на ЕУ повторно решија да го одложат започнувањето на преговорите за пристапување со земјите кандидати Албанија и Северна Македонија, што претставува историска грешка - бидејќи безбедноста и стабилноста на Унијата зависат од трансформацијата на југоистокот.

повеќе