Промоција

Тимоние: Нотр Дам и Курбиново се наследство што нѐ поврзува

Многу сме заинтересирани за културното наследство и можноста тоа да се спаси и се надевам дека доаѓањето на Француската агенција за развој ќе ни овозможи да се приклучиме кон одреден број фондови, рече францускиот амбасадор Кристијан Тимоние на вчерашната промоција на иницијативата за прибирање донации за Богородичната црква во Париз и за манастирот во Курбиново коишто се во фаза на реставрација.

„Работите на споменикот добро тргнаа. Почувствувавме како целата планета вибрира со нас и таа помешаност на емоциите во кои ја чувствуваме целата таа мачнина околу тоа што се случи и реакцијата на целото човештво, а таа убавина на солидарноста ја почувствувавме и тука. Ќе го нагласам повикот даден од страна на една муслиманска организација во Франција која што се придружи кон реконструкцијата на катедралата. Тоа е еден многу добар симбол. Посакав исто така оваа операција да ја поврземе со едно место кое што на нас Французите во Македонија ни е исто така драго, а тоа е црквата во Курбиново, која исто така е во период на реставрирање. Ние сме дел од еден предлог проект за нејзино идно возобновување бидејќи чувствуваме дека се работи исто така за едно европско, но и светско наследство. Затоа посакавме да ги споиме двата настана и да кажеме и јавно дека наследството е нешто што не поврзува”, рече амбасадорот Тимоние.

Тој нагласи дека обновата на Нотр Дам ќе трае малку подолго отколку што се мислело на почетокот, а добра вест е што деновиве се одржала и првата миса во црквата. Во тек е и една жива дебата околу тоа како треба да се реконструира црквата. 

„Галите и Македонците имаат една заедничка точка. Кога има добра причина за да се караат и да се расправаат не пропуштаат таква прилика”, вели Тимоние во врска со дебатата за Законот за реконструкција на црквата кој е во процедура во Француското Собрание.

Елеонора Петрова-Митевска од Управата за заштита на културното наследство ја поздрави иницијативата.

„Имаме една акција која изгледа некако неверојатно, да ги споиме најзначајните културни наследства на двете земји – Богородичната црква во Париз и црквата Св.Ѓорѓи во Курбиново, што се симболи на културното наследство на двете земји. Преку нивното поврзување на овој начин се поврзуваме и ние како земји и како народи. Се надевам дека оваа иницијатива навистина ќе биде прифатена од граѓаните и ќе вроди со плод, пред се, затоа што познатата фреска на Благовештание и целиот фрескопис во црквата во Курбино треба да го зачуваме и за идните генерации”, рече Петрова-Митевска.

Претставник на весникот „Нова Македонија” истакна дека хуманата акција што ја спроведуваат со издавачката куќа „Полица", е во знак на поддршка на францускиот народ и на симболот на Париз, а средствата собрани од продажбата на книгата на Виктор Иго, „Ѕвонарот на Богоричната црква во Париз" покрај за Фондацијата Нотр-Дам, на предлог на францускиот амбасадор ќе одат и за манастирот Курбиново.

Амбасадорот Тимоние потсети дека и овој пат, се чини, дека Виктор Иго со неговата книга помага за Богородичната црква, исто како во времето кога првпат ја објавил во 19 век, и со тоа на некој начин ја принудил тогашната власт да ја рестраврира. Автор на големиот проект бил Виоле-ле-Дик, еден од најпознатите француски архитекти, со што црквата која била во мошне лоша состојба, била обновена и сочувана од уривање.

Париската катедрала Нотр Дам, еден од најдобрите примери на француската и готска архитектура, во средината на април годинава беше зафатена од голем пожар, којшто значително го оштетеи монументалното здание. Се очекува нејзината реконструкција да трае пет години. 

МИА

САД денес остануваат држава со најнапреден систем на високо образование во светот, со најголем број на научни публикации, инвестиции во наука, патентирање на иновации и на добитници на Нобелова награда.

повеќе

(Реакција на колумната на Наум Кајчев, „За Гологанови и нашата заедничка историја“, 15 септември 2019, МКД.мк)

повеќе

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе