Анализа

Телевизиски ликови што ги кршат табуата во македонското општество

Многумина ја дочекаа новата година со програма во која главните ликови од серијата „Преспав“ во предновогодишен амбиент ги покажаа своите актерски, но и пејачки способности. Изборот на Македонската телевизија во новата година да влезе со ликовите од „Преспав“ е сосема логичен и ја потврдува сѐ поголемата популарност што серијата ја има кај гледачите во Македонија.

Третата сезона на телевизискиот ситком „Преспав“ во продукција на ОХО беше снимена и се емитува на националниот канал МТВ1. Станува збор за единствена телевизиска серија која е продуцирана во три сезони со 80 епизоди и во која преку хумористични заплети се гради метафора која го отсликува македонското општество. Носители на дејството во намерно конструираните сценаристички ситуации се десет главни ликови преку кои се прекршува желбата да се достигнат европските вредности наспроти можностите кои се создадени во транзициското македонско општество.

Успехот на серијата „Преспав“ се препознава преку фактот што домашната публика многу лесно се идентификува со ликовите и истовремено професионалните актери сѐ почесто ги препознава преку ликовите што ги играат во серијалот. И во третата сезона на ситуациската комедија (ситком) „Преспав“ главните ликови ги играат Јелена Јованова, Тијана Дапчевиќ, Игор Ангелов, Игор Стојчевски, Игор Џамбазов, Васил Зафирчев, Горан Стојановски, Адриан Азири и Дритон Вејсели.

Македонската актерска екипа доби засилување со уште една доминантна дама во главна улога, односно новата сопственичка на пансионот, која ја игра актерката Јана Маринова од Бугарија. На овој начин и преку кастингот се прави ширење на идејата за европеизација на општеството и ширење на добри вибрации и желба за добрососедство кон соседните држави.

Идејата со сценариото во „Преспав“ е да се карикира водењето „бизнис“ во Македонија преку едно претприемнички расположено семејство, кое како семеен бизнис се обидува да го одржи во живот својот мал пансион. Секоја епизода од серијалот има своја приказна, често базирана на реална ситуација, а континуитетот на серијата се одржува со презицно типизираните карактери на главните ликови.

Дејството во епизодите се врти околу семејството на браќата Тони, Коста и Миле Бузалевски (Игор Стојчевски, Игор Ангелов, Игор Џамбазов) со конфликтни ситуации преку кои е прикажан генерацискиот јаз и различните ставови кои се случуваат во секое семејство.

Тони е најмлад и најобразован од тројцата браќа. Студирал менаџмент во Виена, а го оставил Докторатот за да направи промена во Македонија. Обезбедува пари од ЕУ фондови и со постариот брат Коста и неговата сопруга Ула, одлучуваат семејната куќа во Преспа да ја преадаптираат во пансион. Неговата идеја и цел е да направи пансион во кој ќе се воспостават европски стандарди, вредности и однесување. Преку неговиот карактер се пренесуваат пораките за правила и прекршоци, европските вредности и однесување. Секогаш е политички коректен и ригиден, но е лектор и на вулгаризми. Со тајната врска со готвачот Марио преку ликот на Тони се прави обид да се скршат табуата во општеството поврзани со определувањето на хомосексуалците да живеат според сопствените уверувања.

Средниот брат Коста (Игор Ангелов) е поранешен шофер на Преспа-транс. Женет е со Ула, Германка која ја сретнал во времето кога возел камион низ Германија, а таа студирала во Лајпциг. Коста сака да ѝ удоволи на сопругата, а се плаши да покаже слабост пред браќата. Ги избегнува брачните обврски во спалната соба, а се доживува како неспорен „Казанова“. Се согласува со убедувањето на Тони дека пансионот треба да следи некои европски стандарди, но не секогаш може да ги реализира истите. Коста е типичен балкански карактер. Нерешитилен и лесно подведлив на убедување, „мачо“ во машко друштво, а „папучар“ покрај жена му.

Миле (Игор Џамбазов) е најстариот брат во семејството и цело време се противи на сите заложби да се воспостават нови европски стандарди и правила, кои според него ги прегазуваат македонските традиционални и културни вредности. Тој е евро-скептик кој постојано е во конфликт со најмладиот брат, Тони, за кого смета дека ги донел сите негативни појави од Европа. Иако браќата го исплатиле со 20 илјади евра и го откупиле неговиот дел од куќата/местото каде е направен пансионот – тој секогаш тоа го „заборава“ и упорно се претставува како еден од газдите. Миле гледа заговор во сѐ, по уверување е традиционалист и националист, но пијанството му открива дека има добра душа.

Ула Бринкман Бузалеска (Тијана Дапчевиќ) е сопруга на Коста, Германка од Источна Германија и е третиот партнер во пансионот. Вљубена е во Коста и желна за неговото внимание, но доминантна е во брачниот живот. Ула носи внатрешен конфликт со себе дека е во Македонија и не може да ја замисли ноншалантноста на персоналот. Нејзиниот германски менталитет, дисциплина и воспитување се често во судир со македонските обичаи и начин на работа. По природа е материјалистка и секогаш ја пресметува добивката во некоја ситуација, а ја нервира тоа што сите нас не нервира - доцнење, корумпираност и непрофесионалност.

Голем број конфликтни ситуации во пансионот се прекршуваат преку ликот на Јелена од Драчево (Јелена Јованова), рецепционерка и собарка, по потреба келнерка или „девојка за сè“, но површна во својата работа. Во третата сезона таа е оперативен менаџер на пансионот, односно десна рака на новата газдарица Преслава. Животна желба на Јелена е да се отсели од Македонија и по можност да се омажи со некој странец. Прониклива е, брзо се снаоѓа, а најголема другарка е со готвачот Марио, за кого прва дознава дека тој не знае да готви и од тогаш му нарачува храна од локален ресторан. Нејзини главни изреки се „во понеделник давам отказ“ и „само јас работам овде“ со што дава важност на својата улога во функционирањето на пансионот. Секогаш има конфликт со Ула, поради нејзиниот непрофесионален однос, нејзината сексуалност и кокетниот однос со Коста, како и со гостите во пансионот. Таа е главен трачар во регионот и зависник од внимание на социјалните медиуми, па често споделува информации од пансионот со кои придонесува за дополнителен хаос.

Преку ликот на Марио од Хрватска (Васил Зафирчев) во серијата се внесуваат низа „новитети“ кои не се дел од традицијата во македонското општество. Тој е веган и будист од бангладешката фракција и се бори против насилство над животните. Во пансионот доаѓа како готвач, а во суштина е во интимна хомосексуална врска со Тони, но со оглед на неговиот карактер, во ниеден момент не сме сигурни дали навистина е будист, хомосексуалец, па дури ни Хрват. Најголем сојузник му е Јелена, која го брани, заштитува и му помага да нарачува готова храна, која ја претставува како своја, зготвена. Неговиот симпатичен карактер во голема мера придонесе првиот хомосексуален бакнеж во македонска телевизиска серија да помине без вообичаените ригидни реакции во општеството, во кое хомосексуализмот сè уште се смета за „болест“.

Тупаницата на системот и главен претставник на државата во „Преспав“ е ликот на Инспекторот Томе (Горан Стојановски). Томе е локален „шериф“ кој постојано се појавува во пансионот со цел да им најде некоја нерегуларност и да ги казни сопствениците. Всушност, неговата цел во секоја ситуација е да земе поткуп. Нуди услуги на Пансионот за да има некаква лична корист. Се претставува и бара да му се обраќаат како „Виш Инспектор“. На тој начин гледа од високо кон „граѓанството“, ги користи сите законски прописи за свои цели, но и покажува колку е голема корумпираноста на државниот апарат. Една од целите на серијата е да се покаже како може да се одземе моќта од рацете на државата и да се префрли во рацете на граѓаните. Секако, доколку процесот на европеизација ѝ стави крај на долгогодишната македонска транзиција, која не се однесува само на промената на менталитетот и свеста, туку и на системска и суштинска промена на законската регулатива.

Рецепционерот Талат (Дритон Вејсели) по потекло е од Тетово (Џепчиште) и зборува со тетовски нагласок. Студирал градежништво, но се јавува на огласот за работно место во пансионот „Преспав“. Кога не може да се снајде, кажува „ја нисам одавде“ и не сака ништо да потпишува или да прима нарачки, бидејќи не сака да биде одговорен. Плашлив е да не згреши нешто во работата и процедурите, секогаш сака да провери во книгата или со Тони како треба да се постапи. Преку ликот Талат во серијата се внесува рамнотежа во етничките односи во општеството, а на тој начин се кршат стереотипите што владеат меѓу Македонците и Албанците. Токму со покажување на разликите се откриваат заедничките интереси и потребата за соживот меѓу етничките заедници во општеството.

Уште еден Албанец, но од Албанија, внесува релаксација во односите не само меѓу заедниците, туку и со соседите со друга културолошка матрица, но сличен менталитет. Ликот на Наим (Адриан Азири) како партнер од Албанија, сопственик на пансион во Саранда и партнер во заедничкиот проект добиен од ЕУ фондовите за отворање на пансионот во Преспа, се појавува во ситуации кога „Преспав“ е на работ на егзистенција, изненадувајќи со „необични“ тури и идеи. Наим е прагматичен и снаодлив бизнисмен, користи манипулации за постигнување на успешни бизнис-зделки, но секогаш е културен и внимателен кон понежниот пол. Не е женет и не ги крие своите љубовни аспирации кон Ула. Комуницира на забавен јазик, мешајќи зборови на српски, албански и македонски јазик.

Доминантен сопственик на пансионот „Преспав“ во третата сезона е Преслава Каменова (Јана Маринова), поранешна Мис на Бугарија, која по инсистирање на сопругот Камен Каменов го купува пансионот со идеја да стане дел од синџир пансиони на Балканот кои ќе функционираат по европски принципи, но со локален шмек. Но, под оваа идеја се кријат лукративни намери – Преслава сака најголем дел од парите/профитот да задржи за себе, да искористи што е можно повеќе европски фондови и „Преспав“ практично да функционира како европски пансион само на површина, додека во суштина сѐ ќе се прави половично и надвор од стандардите.

Преслава е паметна, секогаш има план Б и алтернативни решенија на сите проблеми. Нејзиниот карактер е комбинација на Ула и Јелена: има сенс за бизнис и пари како Ула, но тактика на делување како Јелена. Мажите ги заведува за да го добие тоа што го сака, а потоа не ја интересираат. Го користи физичкиот изглед повеќе од паметот, затоа што тоа повеќе ѝ помогнало во животот. Ликот на Преслава внесува многу нови конфликтни ситуации во пансионот, а фокусот е ставен на балканското толкување на европските вредности, но и на историските спротиставености и недоразбирања меѓу македонската и бугарската нација. Секако, со цел да се срушат историските табуа.

Третата сезона на „Преспав“ има 20 епизоди и веќе се емитува на МТВ1. Со парафразирање на настани од реалниот живот, сценаристите на серијалот градат метафора на Македонија и Западен Балкан кои се подготвуваат некогаш да влезат во ЕУ, но дали ќе се европеизираат или одвнатре ќе ги „рушат” стандардите обидувајќи се да ја балканизираат ЕУ како гледачи ќе можеме да видиме во следните епизоди.

Тони Димков

Неопходно е да се надминат бариерите кои во моментов се присутни во регулаторната, политичката, финансиската и пазарната рамка и кои го кочат напредокот кон обновливите извори на енергија.

повеќе

За прв пат имаме постапки за амнестија кои не се водат по службена должност (ex officio), туку по приватна иницијатива на засегнатите странки (ex privata).

повеќе

Причината за загриженост не е дали ЕУ успева да создаде функционални и стабилни земји или не, туку тоа што ангажманот на ЕУ во регионот води кон губење на кредибилитетот на Унијата како меѓународен актер и кон неуспех на нејзината Заедничка надворешна и безбедносна политика.

повеќе