Осврт

Жесток, брутален и крвав „Јулие Цезар“ постави Златко Паковиќ на сцената на Битолскиот театар

Тргнувајќи од текстот „Јулие Цезар“ на Вилијам Шекспир, за кој шекспиролозите тврдат дека е напишан околу 1599 година по белешки за вистински настани во Римското царство, најновата претстава на сцената на Битолскиот народен театар „Јулие Цезар (Res publica или Cosa nostra)“, во режија на Златко Паковиќ, содржи и паралели од македонската историја.

Крвавиот расплет во претставата „Јулие Цезар (Res publica или Cosa nostra)“ со повеќе аспекти асоцира на случувањата во македонското Собрание на 27 април 2017 година, а со кои беше сменета власта која со своите „коза ностра“ инсталации можеше да ја уништи „републиката“. Оваа претстава, чија премиера се случи на 28 април 2018 година, е првиот проект поставен според концептот на новото раководство на Битолскиот театар, предводено од Иван Јерчиќ, како директор, и Илина Чоревска, како уметнички директор во институцијата.

Ниту изборот на текстот, ниту изборот на режисерот не се случајни. Првиот коинцидира со состојби и случувања во македонското општество, а се однесува на републиканскиот облик на уредување на општеството во кое власта е потчинета на изборот на слободните граѓани наспроти системот „коза ностра“ инсталиран од авторитарна власт која граѓаните ги претвора во робови. Разрешувањето на оваа дилема е основата на претставата „Јулие Цезар“, која по жанр е трагедија, а по концепт е политички ангажиран театар во кој не остануваат поштедени ниту национализмот, ниту религиозноста, а се отвораат прашања и за родовите односи.

Токму политичкиот ангажман во театарот е содржан во досегашното творештво на српскиот режисер Златко Паковиќ, кој како гостин ја поставува „Јулие Цезар“ на сцената на Битолскиот театар. Меѓу авторските драми на Паковиќ познати се „Да се убие Зоран Џинџиќ“, „Филозофија на паланката – Божиќен ораториум за Радомир Константиновиќ“, „Дон Кихот, или што се денес ветерниците и од каде дува ветерот“ и други, а автор е и на книгите со есеи „Анатомија на националистичкиот морал“, „За авторитарната совест“ и други.

Начелното прашање кое режисерот го поставува со претставата, и во која со жестока, енергична и брутална игра на актерите го дава своето видување на одговорот, е „дали тиранијата да ја убиеш на време, уште кога е во лушпа, или покасно таа да те убие тебе“. Тој поставил крвава политичка драма која го следи шекспировото мото „Да убиеш или не, прашање е сега!“

Воведот во дејството режисерот го решил со студена предигра пред противпожарната завеса во која Јулиј Цезар и Цицерон водат расправа за разликите на политичките концепти кои ги застапуваат, односно авторитарниот наспроти граѓанскиот концепт. Овие, условно, споредни улоги во дејството, ги носат двајца брилијантни првенци на Битолскиот театар, Соња Михајлова како Јулие Цезар, мудар император кој одбива да биде крунисан, и Петар Горко како Цицерон, главниот инспиратор на убиството и прагматичен човек кој не ги бира средствата како да стигне до целта. Главното дејство во претставата се одвива околу заговорот и убиството на Јулиј Цезар од страна на Брут и група аристократи со цел да ја урнат неговата диктаторска власт.

Во естетска смисла претставата се игра на отворена сцена во која чувството на тескобност се дава со играта на светлото. Акцентот е ставен на концептот на политичкото, како во театарот на Брехт, но дејството се одвива со брза динамика, потенцирано со насловите на сите сцени, што овозможува лесно следење на нарацијата на приказната од страна на публиката. Дополнително се вметнати сонгови, дел од нив со религиозна тематика, со цел да се прикаже лицемерната политика на црквата во современото општество.

Карактерите на ликовите се изработени до детал, особено на ударната тројка Борче Ѓаковски како Марко Брут, кој гради врвно актерско остварување, и заговорниците Никола Пројчевски – Касие и Мартин Мирчевски – Каска. Особено трогателен е говорот на благородниот и чесен Брут за смртта на Цезар, каде е изразена љубовта кон императорот, но уште повеќе кон слободата на римските граѓани, со што прецизно е нагласено дека борбата за општото добро секогаш треба да надвладее над личните интереси.

Женските ликови се стожерот на хорот, додека секоја актерка одделно носи по една епизодна улога од текстот на Шекспир. Во текстот се вметнати и улогите на две контроверзни личности од македонската историја. Паралелите со дејството на Брут се очигледни, бидејќи Менча Крничева го убила својот пријател Тодор Паница во Виена за да ја докаже својата љубов кон Ванчо Михајлов, додека Мара Бунева извршила атентат врз српскиот полициски началник Велимир Прелиќ за да ја покаже својата љубов кон Внатрешната македонска револуционерна организација и потоа се самоубила.

Контроверзии може да предизвика сцената во кои црквата им дава причест на долгите „ножеви“. Иако дејството во римскиот Сенат се случува пред времето на Христос, во претставата во неколку сцени се предизвикуваат и иронично се толкуваат религиозните чувства токму поради користољубието на тие што му се посветени на Бога. Веродостојно и со сите адети во улогата на свештеникот се појавува Александар Стефановски.

„Ако ви е добро, тогаш ништо!“ е новото мото на Битолскиот театар. Сепак, пред да се гледа претставата „Јулиј Цезар“ ќе биде добро да се нагласи дека изобилува со крвави сценски ефекти кои публиката со чувствителен „стомак“ ќе мора да ги гледа со „очи широко затворени“. Таква е сцената во која Порција, жената на Брут, го шие својот распаран стомак. Тоа е показател дека претставата и визуелно и звучно е градена да ги нападне сите чувства на гледачите.

Погледнато од современ агол, претставата ги толкува и родовите односи во општеството и во семејството. Оттаму, три девојки играат машки улоги. Веќе спомнатата Јулие Цезар многу смирено, храбро и достоинствено ја носи Соња Михајлова, како Артемидор се појавува Елена Моше, додека поетот Цина е Кристина Христова Николова. Во другите улоги настапуваат и Маја Андоновска Илијевски како жената на Цезар, Викторија Степановска Јанкуловска како жената на Брут, Валентина Грамоли како Менча Крничева, Илина Чоревска како Мара Бунева и Сандра Грибовска како Девицата. Особено внимание било посветено на експресијата на лицата кај женските ликови.

Уметничкиот ракопис на Филип Јовановски, сценограф во претставата, и претходно вклучувал амбиентални инсталации кои се креирани со користење на повеќе медиуми, фотографија, звук, слика, скулптура. Овојпат создава сценски простор во кој доминираат статуи на Јулие Цезар, кои се мултициплирани со цел да ја означат доминацијата на императорот, а кои Римјаните (граѓаните) ги рушат, како симболика на рушењето на доминантниот простор на нивниот владетел.

Комплексната визуелна структура на претставата поставена меѓу статуите, особено кај хорските делници делува вонвременски и вонпросторно. Модерните костимографски креации на Благој Мицевски, во кои доминира црната боја, асоцираат на времињата на „црнокошулашите“, но имаат својство да се транспонираат и во историското време и во сегашноста. Впечатливи се сцените во кои костимите се трансформираат до „гола кожа“.

Музиката на Оливер Јосифовски ја држи тензијата на почетокот на претставата, додека хоровите ги посочуваат поентите на крајот од претставата. Драматургијата на претставата ја направи Билјана Крајчевска, а преводот на текстот од Шекпир е на Драги Михајловски.

Репликата „да се казнат иницијаторите, а не извршителите!“ на праведниот Марко Антоние, кој го игра Иван Јерчиќ, со оставената глава на Цицерон пред публиката може да се сфати и како порака до актуелната власт. Сеништето на Јулие Цезар, размачкано со крв, императорски венец на главата, меч во рацете и крст на градите на крајот како да дава потврден одговор на дилемата „Да убиеш или не, прашање е сега!“

Жестока, брутална и крвава е новата претстава на ансамблот на Битолскиот театар и тешко дека некој ќе остане рамнодушен на дејството што се случува на сцената. Прифаќањето или одбивањето на асоцијациите и симболиката што ги носи смртта на диктаторот Јулие Цезар може да значи субјективен избор помеѓу ропството и слободата.

Тони Димков

Фотографии: Александар Буневски

Црпнатиот Принц од Муртино и библиската земја.

повеќе

Денес спортот и спортистите се дел од политиката и служат како средство за препукување меѓу политичарите.

повеќе

Националното достоинство и идентитет не се статични „од Бога дадени" категории, туку динамични категории кои зависат од нашите постапки и акции.

повеќе