Шестиот долгометражен филм на Милчо Манчевски

„Врба“, тежината на гранките на проколнатото дрво и копнежот за дете

Режисерот Милчо Манчевски вели не е важно која е темата или пораката на едно уметничко дело, туку важно е тоа да те допре, расплаче, насмее или налути. Седнати на столче чекајќи го „Врба", ретко кој може да претпостави дека буди толку многу емоции.

Дали ќе ве расплаче, насмее или налути, секој ќе си одговори на самиот себе, но сигурно е дека ќе ве допре и тоа длабоко во емоциите. И тоа без оглед дали сте емотивен или не, дали до сега сте се расплакале или не, дали сте мајка, татко, родител, баба, дедо, вујко, чичко... филмот на Манчевски во многу наврати ќе ве нажали, баш како што се жални гранките на растението по кое е крстен.

Три приказни споени во едно. Сите три се различни, но на ист начин го будат секој агол од емоциите на публиката, онака, од дното на нивото постоење.

Исти се воздишките, погледите и трепкањето на очите на публиката кои и во темната сала светкаат, но не само од рефлексијата на филмското платно од „Врба“, туку и од емотивноста на режијата на Манчевски и преданоста на актерите кои комплетно се внесени и синхронизирани во своите улоги.

Капата на главата на актерката од јутен коноп на почетокот на филмот и грбот кој ѝ го врти на публиката како да сакаат да ја сокријат болката и тагата која во сцените кои ќе ги видите ги доживуваат жените за да добијат дете, да го задржат во мајчината утроба, но и да го пораснат и заштитат од клетвите и опасностите што ги носи животот и секојдневието.

Манчевски преку овој филм ни доловува дека иста е мајчината болка и на планина во рурална средина, и низ метежот во главниот град во градска средина.

Разликата е во тоа дали на таа болка ќе бидете тврд како варено јајце или мек како варен морков. Бидејќи јајцето е меко пред да го ставите во врела вода, а по тој процес станува тврдо, а со морковот е обратно, тој е прво тврд, па по процесот во врелата вода станува мек и реагира поинаку.

Жените во „Врба“се како првиот процес, се соочуваат со огромна болка, тагуваат со плач гласен до небото, но секој нов ден им е нова надеж пред која се исправаат и продолжуваат да чекорат, едни по стрмните планини, другите со тешки чекори по бетонските улици низ Скопје.

Првата приказна е во тишината и чистината на преубавите пејзажи на мариовските села. Се плете околу љубовта на Донка (Сара Климоска) и Милан (Никола Ристески).

Непланираната бременост на оваа млада жена чии сини очи ќе исплакаат многу солзи откако ќе стане бегалка, ќе ги однесат до реката до која расте проколната Врба.

Клетвата на таткото, Донка да роди камен, а не дете, ќе ги следи сѐ додека не наидат на вештерката Сребра (Ратка Радмановиќ).

Донка нема да успее да го задржи плодот, но желбата таа и Милан да имаат чедо нема да ги напушти и ќе ги однесе на дрвената врата од куќата на Сребра. И кога ќе помислат дека наишле на решение за нивниот долгогодишен проблем да имаат бебе, ќе ги стаса уште поголема тага.

Врбата под која подоцна ќе го закопаат телото на бабата која им ја тргнала клетвата да не можат да имаат дете, ќе им го земе првото чедо кое требаше да го дадат на вештерката.

Плачот на Донка гледајќи го телото на нејзиниот син во реката заплеткано во гранките од Врбата се сели во нова сцена низ метежот во главниот град.

Но, и покрај тоа што Манчевски ве носи во ново, помодерно време и во друга средина каде ќе ги сретнете судбините на сестрите Катерина (Камка Тоциновски) и Родна (Наталија Теодосиева) заедно со нејзиниот Бранко (Ненад Нацев), нема да успеете да не мислите на Донка и Милан и нивната трагедија.

И кај едните и кај другите има копнеж за љубов, но и за родителство.

Родна го запознава Бранко со реченицата: „Умееш ли ти да сакаш“?, која ќе му каже на силен дожд додека тој чека полицијата да дојде и да направи увид на местото каде тој како такси возач удри во пешак.

Одговор на прашањето Родна ќе добие не со зборови, туку со делата на овој човек кој ќе стори се за тие двајца да добијат дете.

Но, мајчинството овде добива друга димензија прво со веста дека Родна и Бранко чекаат близнаци, и дека едно од фетусите е абнормално во развојот.

Со мислата „Моја матка, мој избор“, Родна оди кон болница да го абортира едниот плод од утробата, против волјата на Бранко.

Но, тогаш ги губи и двете близнаци, а нејзината самостојна одлука ќе ја одвои од човекот во кој се вљуби на дождот.

Мајчинството во филмот се отсликува и преку улогата на нејзината сестра Катерина која се одлучува да посвои дете. Малиот син кој ќе го земе од дом не зборува, но Катерина не се откажува од ова дете за кое постои сомнеж дека е аутистично.

Љубовта со која оваа жена го храни посвоениот син, ќе му помогне да ги каже и првите зборови во моменти кога таа ќе помисли дека го изгубила и ќе добие прашање: „Мамо, зошто плачеш“?

Меѓу приказните на двете сестри се појавува и ликот на една жена која преку кратка сцена ќе покаже многу. Таа пазари во маркет со своето дете и го удира пред очите на сите во околината бидејќи и побарал производ што таа не е во можност да му го купи.

На оваа сцена бесно реагира Родна која во тоа време работи како продавачка на каса и и возвраќа на мајката со ќотек и реченицата: „Како ти не го пушти“?, мислејќи на плодот додека била бремена.

Во утробата на Родна некаде на крајот на овие емотивни приказни ќе расте бебе, но од човек со кој таа нема да живее, а од кој ќе одлучи да роди дете.

И солзите на мајките ретко кога ги гледаат децата, а и дури и да ги видат тие никогаш нема да признаат за болката која ја носат во душата.

Плачат и од среќа, но и од тага која на крајот од „Врба “ ќе посакате да ја претворите во тишина. И мислата е дека сите три жени во филмот се хероини.

По последната сцена од овој емотивен македонски филм на Манчевски ќе посакате да не зборувате или да си кажете дека се тоа премногу емоции за толку кратко време. А времето само ви се чини дека е кратко од занесот во „Врба“ кој трае околу два часа.

Го имате во кината, одберете си термин и уживајте будејќи ги вашите емоции.

 Катерина Додевска

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе

Дали верувате дека до ова дереџе се дојде за една ноќ, еден месец, една година? Вистината е дека години се потребни за таков пад.

повеќе