„Врба“ на Манчевски освои 7 нови трофеи

„Врба" на Милчо Манчевски изминатава недела освои вкупно 7 трофеи - три награди и четири почесни признанија, а имаше и грчка и француска премиера на Маратонскиот филмски фестивал во Атина и на „Европа околу Европа" (L'Europe Autour de l'Europe) во Париз.

„Врба" беше прогласен за најдобар филм на Маратонскиот филмски фестивал во Атина, a aктерката Наталија Теодосиева беше наградена за најдобра споредна женска улога. Филмот во Атина доби и уште четири почесни признанија - за Милчо Манчевски како најдобар режисер, за најдобра споредна улога на актерката Сара Климоска, за најдобар кинематографер за Тамаш Добош и за најдобар филм во избор на публиката.

Теодосиева, исто така изминатата недела, е добитничка и на наградата за најдобра главна женска улога во „Врба" на фестивалот на независен филм „Околу глобусот" (Across the Globe Film Festival) во Њујорк.

Филмот „Врба" има интензивен фестивалски живот дури и две години после светската премиера, во октомври 2019 на Римскиот филмски фестивал. Досега, освои вкупно тринаесет трофеи, меѓу кои и најдобра режија на Реинденс во Лондон, најдобар филм на Синеквест во Калифорнија, Сребрена палма во Валенсија...

„Врба" собори рекорди во кино и тв прикажувањето дома, забележа извонредни критики во светските медиуми („Суптилен и длабок" - Варајати), се прикажа на четириесетина фестивали на четири континенти, беше вброен и во потесниот избор за наградите на Европската филмска академија и е еден од малкуте европски филмови со редовна дистрибуција во САД.

Манчевски цела есен го монтира неговиот седми филм „Кајмак", „безобразна комедија". Продуцентската куќа „Банана филм" го најавува „Кајмак" како безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштината, црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот.

„Кајмак" е европска копродукција во која 54 проценти од буџетот го финансираат филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и европскиот фонд Еуроимаж, а 46 проценти се од Македонија, од Агенцијата за филм и Македонската радио телевизија (МРТВ), која е копродуцент. Се снимаше летово во Скопје и околината, а во меѓународната екипа беа вклучени филмски работници од Македонија, Англија, Италија, Данска, Холандија, Србија, Бугарија и Хрватска. Копродуценти се Иан Прајор, Мета Луиз Фолдагер, Мете Борч, Елс Вандеворст, Изабел Депевиг и Синиша Јуричиќ. Продуцент е Јане Ќортошев, директор на фотографија Улрик Боел Бенцен, дизајнер Дејвид Манс, дизајнер на шминка Марио Микисанти, музика Дениш стринг квартет, монтажа Емил Нунинга, а костимограф Жаклина Крстевска. Во главните улоги се Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Симона Спировска, Ана Стојановска и Филип Трајковиќ.

Продолжува активноста на копачите, крановите и мешалките за цемент додека самите Албанци се протерувани од градот. 

повеќе

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе