„Незадоволни и шокирани сме од одлуката на Министерството за култура за назначување на нов директор на Театар комедија. За нов в.д. директор се поставува човек кој беше дел од претходната управа која беше разрешена заради бројни неправилности во работењето. Можеби е крајно време инспекторатот за труд да го посети Театарот комедија. Кога театарот беше на колена, во долгови и без основни услови и нарушени меѓучовечки односи в.д. директорката Нора Шаќири успеа да реши голем дел од проблемите и да го врати театарот на вистнскиот пат. Дали некој со интенција пробува да го урне Театар комедија и да го врати во агонијата пред Нора Шаќири да го преземе раководењето? Ако Министерството смета дека Нора Шаќири не е соодветен кадар за оваа позиција, бараме распишување конкурс за избор на нов директор, а во меѓувреме в.д. директор да биде Дарко Спасов, драматург во Театар комедија, меѓународно етаблиран професионалец во кого целиот ансамбл има доверба. Овојпат треба да биде послушан гласот на ансамблот и на вработените во Театар комедија, во спротивно ќе ги искористоме сите правни механизми кои ни се на располагање“, се вели во јавното обраќање на ансамблот и на вработените во Театар комедија.
Министерството за култура за нова в.д. директорка ја назначи Магдалена Ризова Черних.
Во изјава за МКД.мк Нора Шаќири рече дека се работи за класичен реваншизам поради учеството на нејзиниот брат Бени Шаќири на изборите за градоначалник на Скопје.