Селекторот Ѓорги Пулевски избра филмови од Академијата од Љубљана, Универзитетот „Хасан Приштина" од Косово, Универзитетот во Солун, Академијата од Загреб, чешката академија за филм, Унивезритетот за телевизија и филм во Минхен, потоа Лондон филм скул, академии од Мадрид, Виена, од Украина, Полска и Турција, како и од Државниот Универзитет во Тетово и ФДУ Скопје.
Денес на програмата се шпанските филмови „Измачување" во кој кинематографери се Марта Батилоси и Паула Беса, и филмот „Пролетни ветрови" во кој кинематографери се Камила Монтој и Паула Романиљос Алиа. Во рамки на студентската програма ќе се емитува и студентскиот филм „Натриум", претставник на филмската школа од Полска, а во кој кинематографер е Андрзеј Козма Перински.
Капацитетот и можностите на кино „Манаки" и денес ќе бидат максимално искористени, а според програмата во ова кино ќе биде емитуван играниот филм „Григрис", како и документарниот хрватски филм „Фабриките на работниците".
ИФФК „Браќа Манаки" со посебна програма се реализира и на другите утврдени локации, односно голема и мала сала на НУ Центар за култура и Офицерски дом.