ИФФК „БРАЌА МАНАКИ“

Унгарецот Марсел Рев е добитник на „Златна камера 300“ на фестивалот „Браќа Манаки“

Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во своето 38-мо издание заврши на 30 септември со свеченото доделување на наградите. Покрај истакнатите светски кинематографери и верната битолска публика на фестивалот, на црвениот тепих пристигна и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, кој му ја врачи Специјалната „Златна Камера 300“ за особен придонес во македонската и светската филмска уметност на режисерот Милчо Манчевски.

Мигот кој сите со нетрпение го очекуваа, секако, беше објавувањето на добитниците на наградите Златна, Сребрена и Бронзена „Камера 300“ за кои оваа година се натпреваруваа 13 кинематографери на филмовите во официјалната компетиција.

Жирито во состав Пол Рене Ростад, претседател, и членовите Лука Коасин, Јани Петери Паси, Даријан Пејовски и Ерол Зубчевиќ, кој не беше во можност лично да присуствува на затворањето, им ги врачија наградите на кинематограферите, велејќи дека не било воопшто лесна работа да се одбере помеѓу толку квалитетни филмови.

Прво се обрати претседателот на жирито, Пол Рене Ростад, заблагодарувајќи му се на фестивалскиот тим за организирањето на ваков фестивал во чест на кинематограферите од целиот свет.

„Како претседател на Европската федерација на кинематографери, би сакал особено да ја истакнам важноста на овој фестивал за сите кинематографери низ светот и да нагласам колку искрено се воодушевуваме на важната работа што ја прават Благоја Куновски, Гена Теодосиевска и нивниот фантастичен тим, фокусирајќи се на кинематограферите од секаде од светот.

Да се биде член на жири е тешка работа. Особено кога сте опкружени со толку талентирани кинематографери. Понекогаш се чувствувавме како да сме во музеј, опкружени со слики на Рембрант, Тицијан, Сезан и Реноар и како да треба да избереме кој од нив е најдобар. Но, конечно, вистинската работа на жирито е да пресече. Па ние пресековме“, рече Пол Ростад пред самото доделување на наградите.

Наум Доксевски ја доби Малата Камера 300

Малата Камера 300 му припадна на кинематограферот Наум Доксевски, кој го сними македонскиот краток филм во режија на Горан Столевски, „Види ја ти неа“, за една млада девојка што ги крши правилата на едно патријархално општество.

Специјално признание на младиот руски кинематографер Данил Фомичев

Оваа година покрај главните награди, жирито му додели Специјално признание на младиот руски кинематографер Данил Фомичев, за филмот „Како Виктор Лукчето го однесе Алексеј пастувот во домот за стари лица“, во режија на Александар Хант. Даријан Пејовски му ја врачи наградата на Фомичев, образложувајќи дека за тоа е заслужен свежиот пристап на кинематограферот во овој дебитантски филм.

Бронзена камера 300 за Дејан Димески

Бронзената камера 300 му припадна на Дејан Димески за филмот „Жаба“ во режија на Елмир Јукиќ. Лука Коасин, предавајќи му ја наградата на Димески, рече дека жирито смета дека кинематограферот се справил со предизвикот на раскажување на приказна во многу ограничен простор, наоѓајќи го идеалното растојание помеѓу камерата и изведбата на актерите.

Димески се заблагодари на жирито и на својата екипа, потсетувајќи се дека првпат дошол на фестивалот „Браќа Манаки“, како студент во 1993 година, за да сега доживее да стои на сцената со една од главните камери.

Јани Петери Паси, пред да ја додели Сребрената Камера 300 истакна дека не било лесно да се одлучат помеѓу двата филмови кои се бореа за првото место. Сребрената камера 300, му припадна на Рајнер Клаусман за филмот „Од ништо“, во режија на Фатих Акин.

Сребрена камера 300 за Рајнер Клаусман

„Кинематографер кој ни го покажува своето огромно искуство и способност визуелно да раскаже приказна на начин што совршено се совпаѓа со важната и драматична приказна. Тој визуелно го поддржува и совршено го засилува секое мало дејствие во сценариото, ненаметливо придонесувајќи кон емоционалната рамнотежа на приказната“, образложи членот на жирито, Паси.

Златната камера 300 му припадна на Унгарецот Марсел Рев, кинематограферот кој го сними филмот „Месечината на Јупитер“, интригантна сторија за односот кон бегалците.

Златна камера 300 за Марсел Рев

Претседателот на жирито Пол Ростад му ја додели наградата, велејќи дека Марсел Рев изненадил со својата визуелна енергија и исклучителна креативност во пренесувањето на приказната низ слики.

Сите добитници на наградите, видно возбудени му се заблагодарија на жирито и на организаторите на фестивалот, за прекрасната можност да се учествува на еден ваков уникатен филмски фестивал кој ја слави работата на луѓето зад камерата.

Претходно, министерот Алаѓозовски му ја врачи наградата на Милчо Манчевски, истакнувајќи дека му ја предава оваа награда од сѐ срце, бидејќи неговите филмски истражувања и критики кои ги пишувал порано, во голем дел биле посветени токму на творештвото на овој режисер.

Милчо Манчевски се заблагодари за наградата и му посака побрзо закрепнување на директорот на фестивалот Благоја Куновски – Доре. Исто така, тој апелираше културата да го добие соодветниот третман во општеството.

Специјална камера 300 за Милчо Манчевски

„Култура не е нешто што треба да се стави меѓу некролозите и малите огласи, културата е она што човекот го прави човек, заедницата ја прави да биде заедница и конечно, културата е она што човештвото го прави човештво. Затоа апелирам да не ја туркаме меѓу некролозите и малите огласи“, рече Манчевски.

Тој со своите култни филмови „Пред дождот“, „Мајки“, „Прашина“ и „Сенки“ ја постави Македонија на светските листи за најдобри филмови.

За крај на свеченоста, министерот за култура Роберт Алаѓозовски изрази благодарност до сите учесници на фестивалот, до филмските работници кои пред речиси 40 години создадоа бренд кој уште зрачи со единственост помеѓу безбројните филмски фестивали ширум светот.

„Освен филмските работници, признание заслужуваат и вистинските домаќини на фестивалот, битолската публика. Оваа публика е нашиот центар, оваа публика сме сите ние. Токму заради љубителите на уметноста, Фестивалот треба да продолжи да се развива како грижливо креирана прослава на филмот, со возвишена почит кон директорите на фотографија и нивната посветеност во конструкцијата на естетиката на подвижните слики“, рече Алаѓозовски.

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски

Тој, исто така, ја изрази поддршката на Министерството, насочена кон подобра и постабилна иднина и развој на фестивалот, во духот на современите трендови во уметноста.

„Тоа го демонстриравме и неодамна, кога помогнавме да се исправи една неправда и тој да се врати во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија, што го организира над три децении. Решени сме да ја антиципираме иднината свртени кон квалитетот во создавањето, но истовремено горди на нашата традиција и на свежината на искуството од таа традиција. Тоа е скапоцено, благородно, и навистина многу ретко, и затоа сите ние треба достојно да го претставуваме и надградуваме“, рече министерот Алаѓозовски.

По свеченото доделување на наградата, публиката во Центарот за култура го виде последниот филм од главната програма „Нека влезе сонцето“ во режија на Клер Дени, со Жулиет Бинош во главна улога.

Македонија сѐ повеќе заглавува во сиромаштија чија стапка изнесува скоро 22 отсто од вкупното население, речиси една третина од децата живеат во сиромаштија.

повеќе

Дали поновите, посјајните и посложените нешта автоматски значи дека се подобри? Всушност, најчесто вистината е спротивна на тоа.

повеќе

Сознанијата за степенот на местенки во судството неминовно го наметнува прашањето дали има местенки и во високото образование.

повеќе