Рецензија

ТВ Бокс - цвеќе помеѓу телевизискиот бетон!

ТВ БОКС е налик на Пандорината кутија од која излегуваат сите ненашминкани вистини за тоа како кај нас секоја приказна може да се испреврти, да се искриви и приспособи според потребите. Оваа театарска/телевизиска Пандорина кутија ни ги презентира и вистините за сите авторитети во нашето општество, ни ја прикажува и вистината за Големиот брат, кој од секаде нè посматра.

21 декември 2016 година, точно на зимската краткоденица, кога ноќта е најдолга, а денот најкраток, една група театарски уметници ни ја прикажаа равенката за театарска ренесанса; 1+5+30, или поточно кажано 1 режисер, 5 глумци и 30 лика. Претставата со име ТВ БОКС беше токму вистинскиот начин да се заврши револуционерната 2016 година, која ја разниша секоја можна сцена во нашата земја.

Претставата беше прикажана во еден простор, далеку од црвените завеси на новите театарски згради во барокното Скопје, пред публика поставена на една подвижна сцена, која требаше да ја долови минливоста на времето, но и да му ја додели на гледачот омнисцентноста на режисерот (кој пак трикстерски реши да го сподели со него клучот од скриените врати на телевизиските куќи), да ја задоволи неговата потреба да ѕирне зад кулисите и да слушне нешто повеќе од она што се случува зад сцената.

Подвижната сцена може да се протолкува и како потребата да се придвижат и освежат перспективите, но и претставите што се прикажуваат пред гледачите.

ТВ БОКС нè внесува, буквално, во телевизиската кутија, пред која толку голем дел од денот сме научени да дремеме и да го восприемаме бескомпромисно или критички (изборот е наш) сето она што некој од другата страна ни го сервира.

ТВ БОКС е кутија во која се спакувани и прикажани човечките ликови и нивните типизирани односи во нашето современо општество.

ТВ БОКС е и налик на Пандорината кутија од која излегуваат сите ненашминкани вистини за тоа како кај нас (но секако и во светот, ние не го поседуваме ексклузивното право за тоа) секоја приказна може да се испреврти, да се искриви и приспособи според потребите. Оваа театарска/телевизиска Пандорина кутија ни ги презентира и вистините за сите авторитети во нашето општество, ни ја прикажува и вистината за Големиот брат, кој од секаде нè посматра.

ТВ БОКС во исто време е и вистинска приказна за тоа како безусловно се сака уметноста, и како и без дебели надоместоци и со многу малку пари може да се постават револуционерни дела на една алтернативна сцена како што е просторот на Скопскиот саем. Златко Славенски, со својата група од 5 млади актерски имиња Ангела Стојановска, Ирена Мирческа, Васко Костовски, Владанка Димковска и Христијан Поп Симонов успеа по десет години од неговиот „Соларис“ прикажан на Плоштад, да донесе новина пред гледачите.

Во едно време во кое се инвестираше во погрешни вредности и во бетон и стиропорни фасади, Луменетика и ТВ БОКС се доказ дека вистинската уметност и живее и расте и може да се појави на места каде што најмалку се очекува, и во себе да инкорпорира и загатне многу општествени проблеми, да отвори дебати што допрва ќе се развиваат, да промовира ликовни уметници и музички групи за кои допрва ќе слушаме убави критики.

Во периодот од 16 до 20 октомври имавме можност да ја погледнеме ТВ БОКС на Телма.

И да бидеме дел од ова спектакуларно патување!

Лидија Николова Ѓорѓиева,

дипломиран компаратист


Кој кого „мафлосува“, тие нас или ние нив. Чекор напред, три назад, како раковите во Охридското Езеро од моето детство кои исчезнаа во налетот на технолошкиот напредок и уништувањето на животната средина.

повеќе

Ние сме земја што први во Европа имаме стратегија за интеркултурализам.

повеќе

Францускиот предлог претставува директно рушење на основните темели на ЕУ.

повеќе