Порака по повод Светскиот ден на театарот 27 март

Театарот како светилиште

Автор на светската порака е Шахид Надим (драмски автор и новинар од Пакистан). Авторка на домашната порака е Снежана Конеска Руси (актерка, театарски режисер, МНТ Скопје).

За време на Аџока турнејата во Индискиот Пенџаб во 2004, после топлиот пречек на претставата пред огромниот број на рурална публика, еден стар човек му пријде на актерот кој ја играше улогата на големиот Суфи. Старецот го придружуваше младо момче. „Мојот внук е многу болен; ќе фрлите ли еден благослов врз него?“ Актерот малку се повлече назад и рече: „Бабаџи (10), јас не сум Булех Шах, јас сум само актер кој ја игра таа улога.“ Старецот почна да плаче и рече: „ Те молам, благослови го мојот внук, јас знам дека тој ќе закрепне ако ти го сториш тоа.“ Ние му советувавме на актерот да ја исполни желбата на старецот. Актерот го благослови младото момче. Старецот беше задоволен. Пред да си замине, тој ги изговори следниве зборови: „Синко, ти не си актер, ти си реинкарнација на Булех Шах, негов Аватар.“ (11) Одеднаш пред нас се отвори цел еден нов концепт на актерска игра каде што актерот станува реинкарнација на ликот што тој или таа го портретира.

Јас сум секуларна личност и мојот интерес за Суфизмот е воглавно од културна природа. Јас сум повеќе заинтересиран за изведбениот и уметнички аспект на Пенџабските Суфи поети, но мојата публика која можеби не е од екстремисти или фанатици, сепак би можеле да имаат искрени верски убедувања. Истражувањето на приказните како таа на Булех Шах, а ги има многу во сите култури, може да стане мост меѓу нас, театарските практичари и непознатата, но ентузијастичка публика. Заедно, можеме да ги откриеме духовните димензии на театарот и да изградиме мостови меѓу минатото и сегашноста водејќи се кон иднината која е судбина на сите заедници; верувачи или неверувачи, актери и старци и нивните внуци.

Причината зошто ја споделувам приказната на Булех Шах и нашето истражување на Суфи театарот е во тоа дека додека трае изведбата на сцената, ние сме понекогаш понесени од нашата филозофија на театарот, од нашата улога како предвесници на општествените промени и ние, правејќи го тоа, оставаме голем дел од народните маси зад нас. Во нашиот ангажман со предизвиците на сегашноста, ние се лишуваме себеси од можностите на подлабоко движење на духовното искуство кое може да ни го пружи театарот. Во денешниот свет, каде фанатизмот, омразата и насилството се повторно во пораст, народите се устремуваат против народите, верниците се борат со други верници и заедниците фрлаат голема омраза наспроти другите заедници… и во меѓувреме децата умираат од неухранетост, мајките за време на породувањата заради недостаток на навремена лекарска грижа, а идеологијата на омразата цвета. Нашата планета тоне се подлабоко и подлабоко во климатска и климактичка катастрофа и веќе може да се чуе топотот на коњите од Четворицата Јавачи на Апокалипсата. (12) Ние мораме да ја надополнуваме нашата духовна сила; мораме да се бориме против апатијата, летаргијата, песимизмот, лакомоста и непочитуавањето на светот во којшто живееме, на Планетата на којашто живееме. Театарот има улога, благородна улога во витализирањето и мобилизирањето на хуманоста за да се подигне себеси од спуштањето кон бездната. Тоа може да ја подигне сцената, изведбениот простор во нешто свето.

-Шахид Надим (драмски автор, новинар)

 

Порака на Снежана Конеска Руси по повод Светскиот ден

Глумците заминуваат...сире!....Тивко-бучно, тајно-јавно...случајно или намерно, ненадејно или правно, се откинуваат од магичниот театарски круг...исчезнуваат ...остаруваат, па и „паметуваат“. А зошто да не? Учевме во  најдобро училиште за смеа и солзи, радост и тага, среќа и мака, вистина и лага, добро и зло, љубов и омраза, за се` она што доаѓа од срцето на сите луѓе. Учевме од театарот. Да, театарот подучува, твори слики невидени, раскажува,  нахранува, охрабрува, создава  јазик разбирлив за сите, создава трајно единство на автори, актери, гледачи,  не‘ штити, не‘ засолнува,  не’ сака...

Генерации глумци заминуваат - театарот останува. Опстојува, пркоси на просторот и времето. Паѓа - се крева, се урнисува - се издигнува, се спротивставува – заздравува. Преживува се:  беда, сиромаштија, конфликти, војни, делби, цензури...клучни кругови, чести кризи, смени на генерации – и секогаш истото прашање – „може ли театарот повеќе од ова долу-подолу?“

Театарот му пркоси и на филмот. Кој ќе надвладее? Филмот или театарот? Стравував од доминацијата на филмот. Тој не нуди одживување на туѓиот живот, тој можеби го ослободува гледачот од мака, но и го полни со агресија. Се обидува да создаде илузија кај човекот дека е надчовек. Театарот само го формира човека како човек.

Телевизијата пак го тера гледачот да ги заборави своите маки, порази, а да ги преживува туѓите. Телевизијата го прави гледачот мртов.

Гледачот во кино сака да се скрие од светот, да превземе доживувања кои самиот ги нема. Гледачот во театар вистински ужива. Театарот овозможува „игра“, нуди неповторливо задоволство. Театарот го чинат живи луѓе. Филмот нуди одредена приказна, театарот нуди живот. Театарот е уметност на живи луѓе.

Театарот е лековит. Ослободува од страв, а ослободен од страв човек живее, се радува, создава, задоволен е. Задоволен човек оди во театар.

Човекот на нашево време живее во страв и се‘ прави за да го потисне. Глумецот е тој, кој треба со својата дарба да го растера стравот кај другите, но и кај него лежи тој пусти страв, страв од вчера, од денес, од новото утре, страв од неуспех, од успех... Јас, третиот чинител на трајното единство - автор, актер, гледач, стравувам од новата можна самоцензура кај уметникот.

Стравувам и од новата битка на театарот со интернетот. Театарот за нас е дијалог, интернетот е дијалог на поединецот со светот. Секој прави лажна претстава за себе. Секој има свој Фејсбук профил и секој сака да се презентира и да создаде свој имагинарен свет. Секој свесно или несвесно, става маска, игра своја „игра“, некоја улога во животот – па  нели „целиот свет е театар“? А „светот е сцена“ (Шекспир). Најточно ќе прозвучи латинската изрека – Totus mundos agit histrionem! (светот цел во глумење се дал). Во театар, под режисерската рака, глумецот ја отфрла маската, се разоткрива себе си, секоја улога ја откинува од животот, за да биде веродостојна, за да му се верува безрезервно.

Во театарот влегуваме како поединци, а твориме како колектив, најразлични претстави... добри, просечни, интересни, зачудни...потребен е долг период за да се појават врвни дела. Тоа е магичен круг...

Новото време носи нови предизвици...или можеби се стари?... историските прилики  можеби се менуваат, или се повторуваат? Повторно врамени во круг. И битката се повторува,постојано иста. Театарот сака да ја зачува својата моќ, за да може да твори, да креира нов свет, да ѕирка во забранетото, да ја открива вистината...убавината...да ја препорачува и поезијата, толку потребна на овој свет, а  глумецот  –  ќе сака и ќе треба да ја дарува... тоа е и наша мисија  –  да им ја вратиме на луѓето вербата во соништата...

 

(Изборот на автори за светската порака со промотивниот пакет го организира, изработува и спроведува, Меѓународниот извршен одбор на мрежата на Интернационален театарски институт, УНЕСКО, Париз/Шангај. Изборот на домашните автори за локалната порака со промотивниот пакет, го организира, изработува и спроведува Програмскиот и Извршниот одбор на Македонскиот центар на ИТИ/ПРОДУКЦИЈА.)

 

 

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе