ТЕАТАРСКА ПРЕМИЕРА

Таинствена алхемија која воспоставува нова театарска митологија

Националната установа Турски театар премиерно ќе ја изведе претставата „Прометеј“ од Есхил, во режија на Дејан Пројковски, на 26 април 2015 година (недела), со почеток во 20 часот. Претставата ќе биде изведена на сцената во Театар Комедија.

Директорот на НУ Турски театар, Атила Клинче, во најава на втората премиера на театарот за 2015 година, нагласи дека станува за четврти проект што го подготвуваат во соработка со режисерот Дејан Пројковски. Досега на сцената на Турски театар Пројковски ги поставил претставите „Гилгамеш“, „Тартиф“, „Ромео и Јулија“ и сега „Прометеј“ по текст на Есхил.

Режисерот Дејан Пројковски на прес-конференцијата за претставата „Прометеј“ рече дека се чувстува добредојден во Турскиот театар и дека тоа е место каде ја чувствува позитивната енергија на луѓето.

„Претставата ’Прометеј‘ е проект во кој собрав актерска екипа и соработници кои сакаме да експериментираме и да си играме театар. Станува збор за радикална експериментална форма којашто ја создадовме. Носејќи ја големата тема на Прометеј, човекот што го подари огнот на луѓето, претставата се занимава со конструкција и деконструкција на повеќе човекови теми и дилеми. Притоа, мислам дека успеавме да создадеме еден наш измислен антички тип на театар, базиран на правилата на античкиот театар. Кажано со една реченица, претставата ’Прометеј‘ е лабораторија за антички театар“, рече Пројковски.

Пројковски најави шокантна актерска игра којашто ја тестира човечката и актерската издржливост и ја покажува нивната храброст и посветеност на театарот.

Во најтесната екипа соработници на Дејан Пројковски се сценографот Владо Ѓорески - Рафик, кореографката Олга Панго, костимографот Благоја Мицевски и авторот на музиката Горан Трајкоски.

Голем дел од дејството во претставата е базирано на движење. Кореографката Олга Панго вторпат соработува со Турски театар, а со режисерот Пројковски, со кого исто така вторпат соработува, сакале да создадат еден нов поглед за Прометеј со нов и современ израз.

Инспирацијата за кореографијата и за движењата на актерите во голема мера доаѓала од музиката на Горан Трајкоски.

„Имавме многу плодна и пријатна соработка со ансамблот на Турскиот театар и со другите соработници. Специфично за подготовката на претставата е што уште од самиот почеток се откри дека мазно ќе се состават работите во креативниот дел од процесот“, рече Трајкоски.

Сценограф и автор на идејното решение за плакатот е на Владо Ѓорески – Рафик, кој рече дека од работата со Турскиот театар ги носи најубавите впечатоци и сеќавања.

„Подготовката на сценографијата за претставата ’Прометеј‘ беше со поинаква интонација, што значеше дека не беше потребно да се направи убава, туку точна сценографија, односно да се ослободи и исчисти просторот за режисерската мисла, за извонредната кореографија, за беспрекорната актерска игра. Потребен беше чист, искристализиран, јасен, прецизен естетизам, кој го внесува Турскиот театар во најсовремените европски театарски движења со овој најнов проект, бидејќи хомогенизацијата на севкупното создавање е поврзано со некои таинствени нитки, со таинствена алхемија која Прометеј го воздигнува не само на ново архетипско ниво, туку воспоставува нова театарска митологија“, рече Владо Ѓорески – Рафик.

Резултатите при креацијата на претставата чудно мирно, тивко и длабоко се обликувале. Целиот тој процес минува преку грбот на актерите. Улогите во претставата ги толкуваат Селпин Керим, Џенап Самет, Сузан Акбелге, Неат Али, Осман Али и Аксел Мехмет. Станува збор за млада актерска екипа која веќе го носи репертоарот на Турскиот театар.

Улогата на Прометеј ја толкува актерот Селпин Керим, кој веќе соработувал со Пројковски во сите претстави што тој ги поставил во Турскиот театар.

Актерот Неат Али, кој настапува како Хефајст/Хермес, нагласи дека имале убав процес на подготовка на претставата и дека е убаво да се работи со режисер кој има сопствен концепт и визија за претставата, а притоа на актерите им дозволува да имаат сопствена актерска креација.

Улогата на Власт/Хороводец ја има Џенап Самет, кој кажа дека процесот бил тежок во физичка смисла, но лесно се одвивала комуникацијата на релацијата актер – режисер.

Преводот на текстот е на Фуркан Акдерин, главен соработник на режијате е Дамјан Читкушев, додека асистент на режија е Сибел Абдиу.

Во хорот учествуваат Марија Димитрова, Надица Петрова, Марија Петреска, Аница Бебиќ, Анастазиа Христовска, Никола Стефанов, Филип Трајаноски, Милош Стојковиќ, Антонио Китановски, Филип Миленкоски, Александар Иваноски и Денис Давитковски, студенти по актерска игра во класата на Дејан Пројковски на Универзитетот за Аудиовизуелни уметности ЕСРА.

Тони Димков

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе

Оваа појава почнува да претставува сериозна закана за учениците, но и грижа за родителите и наставниците.

повеќе

Пробацијата претставува клучна новина во реформата на нашиот пенитенцијарен и казненоправен систем и приоритетна цел на владината политика.

повеќе