Интервју

Срѓан Јаниќијевиќ: Ако кај Кафка системот го уништува човекот, во „Дух“ еден човек го уништува системот

Во режија на Срѓан Јаниќијевиќ на сцената на Македонскиот народен театар на 24 април ќе биде изведена македонската премиера на текстот „Дух“ од Дејан Дуковски. Во претставата еден човек ја зема правдата во свои раце во борбата против системот, а Јаниќијевиќ вели дека „секој ќе го почувствува поривот на Мара“.

Текстот на Дејан Дуковски веќе е поставен како „Духот кој оди“ во Српско народно позориште во Нови Сад, а мал дел од македонската публика имаше можност да го види на „Скупи Фестивал“ во 2015 година. Со текстот Дуковски „до коска“ го скицира времето во кое живееме со дејство сместено во домот на едно семејство. Бројните неправди кои се случиле во семејството доведуваат до состојба приказната да „излезе од контрола“.

Македонскиот народен театар во поставувањето на текстот на својата сцена влегува со голема актерска екипа, во која главниот лик Александар Мара го игра Гораст Цветковски, а со него на сцената се и Емил Рубен, Тања Кочовска, Ивица Димитријевиќ, Тина Трпкоска, Матеа Јанковска, Никола Ацески, Оливер Митковски, Сашко Коцев, Нина Деан, Јордан Симонов и Тони Михајловски. Завидно естетско ниво на претставата градат и сценографот Велимир Жерновски и костимографот Лидија Георгиева.

Тежок, мачен, но и забавен, бил процесот на поставување на претставата во МНТ, но целта била преку „Дух“ гледачите да се издигнат над чувствата на неправда и немоќ.

Како се случи поставувањето на текстот „Дух“ од Дејан Дуковски во МНТ? Ти го најде текстот или текстот те најде тебе, иако со Дуковски ова не ви е прва соработка?

Пред некоја година ја гледав претставата „Духот кој оди“ од Дејан Дуковски во режија на Александар Поповски, поставена во Српско народно позориште во Нови Сад, а која гостуваше во Скопје на „Скупи Фестивал“. Текстот го знаев и претходно, кога Дуковски почнуваше да го пишува, а на почетокот тема беше слободата. Уште тогаш имаше дилема дали да го напише овој текст, или како втора варијанта текстот да почнува таму кадешто завршува „Дух“. Може некогаш ќе го видиме и тој текст.

Значи текстот на „Дух“ го знаев и пред да ја видам претставата на Поповски, а потоа се случија работите текстот да го поставиме на сцената на Македонскиот народен театар, како еден од најдобрите текстови напишани од Дејан Дуковски. Енергијата, мислата и поентата во текстот се едни од најсилните што досега ги напишал Дуковски токму во овој текст. Тоа ме врза за „Дух“.

Срѓан Јаниќијевиќ

Темата во „Дух“ не е дух, туку е реалност што се случува во општеството, измачено од извршители и од долгите транзициски години кои придонеле за пропаѓањето на едно семејство. Дали текстот е дијагноза на општествената реалност?

Во својот текст Дуковски ја опфаќа големата слика од која базично доаѓа злото. На почетокот тоа е социјална драма, но потоа текстот оди во една мрачна слика за тоа каков е светот во кој живееме, но и го поставува прашањето колку можеме да го спасиме од злото. Текстот не е оптимистичен, иако со мојата режисерска визија се обидов да му дадам енергија дека мораме да се бориме и да се избориме против неправдите и против злото. Можеби не можеш да ја добиеш војната, но не смееш на злото да му го оставиш небранет просторот.

Од друга страна, текстот се однесува на еден криминален свет. Бидејќи криминалот веќе е подреден на системот, го ставив во канцеларија, во простори што нам ни се познати, во институционални простори. Тоа е главниот мотив во кој секој што ќе ја гледа претставата ќе може да се идентификува со главниот лик. Претставата почнува многу приземно, а завршува на небото.

Како лично гледаш на борбата на индивидуалецот против порите на криминалот навлезени длабоко во системот?

Поентите на текстот не се однесуваат на локалното, туку имаат универзално значење во контекст на глобалната приказна. Овој либерален капитализам го живееме многу сурово, но тој е суров насекаде. Текстот почнува со една локална приказна на слава на Свети Никола, а завршува на повисоко глобално ниво. Таа борба ни е последната шанса што ќе не одржи во живот, независно колку изгледа залудна. За жал, идејата и потребата за слободата ние си ја ограничивме самите на себе.

Низ историјата системот имал потреба да ги гуши и држи под контрола знаењето и мислата, и тоа се случувало од средниот век до појавата на капитализмот, но сега светот самиот се плаши од знаењето, бидејќи веќе му е понудено на тацна. Во најавниот текст за претставата веќе напишав дека „некогаш се смеевме на приказната за крајот на историјата, а сега историјата за крајот ни се смее во фаца“. Станува страшно и прашање е дали ние можеме да го спасиме светот, дури и ако одлучиме дека можеме. Прашање е дали не сме отишле предалеку за многу кратко време.

Околу подготовките на претставата беа спомнати споредби, како „антиХамлет“. Имаше ли намери во таа насока во поставувањето на „Дух“, а особено во градењето на главниот лик?

Процесот го нареков „антиХамлет“, дури ако сакате и подалеку – целата структура на претставата е антипроцес од Кафка. Ако таму системот го уништува човекот, тука еден човек тргнува да го уништи системот, и тоа му успева – колку и да звучи надреално. Желбата и потребата да се смени или сруши еден систем е главниот мотор на претставата.

Кај Хамлет, тој решава да се бори, но многу го контемплира проблемот и ја губи битката, додека нашиот „антиХамлет“ решава да го спастри системот. Тоа е приказна за, условно, еден шекспиролог-актер на кој му е нанесена неправда и сака да ја исправи неправдата.

Поконкретно, а универзално прашање е колку во целиот контекст театарот може да го спаси светот?

Отворено е прашањето ако сите седум милијарди луѓе на светов се договориме да го спасиме дали сме во состојба да го спасиме. А не, пак, театарот да го спаси светот. Мислам дека целта на театарот не е да го спасува светот, туку да едуцира, и пред сѐ да воспитува, да создава критична маса која би можела да ги освести луѓето и која би се обидела да го направи светот подобро место за живеење. Мислам дека театарот сѐ уште има некоја магија која е недофатлива со самото тоа што е ефемерен чин. На пример, една проба беше катастрофална, друга беше брилијантна, а станува збор за истата претстава. Тоа е енергија што не може да се дофати со секој момент, а тоа го прави театарот многу витален и има сериозно влијание врз тие што го гледаат. На крајот, сепак, останува надежта.

Изгледа надежите се остваруваат, ако имаме предвид дека на денот на театарот - 27 март годинава пред МНТ имаше редица за билети. Или, можеби, тоа беше инцидентна ситуација?

Да бидеме реални, досега претставата „Силјан Штркот шанца“ ја имаат видено десетина илјади луѓе, што за неполна година е голема бројка. Меѓутоа, темата на таа претстава е друга. „Дух“ е сосема друга претстава, но ѝ предвидувам долг живот, бидејќи има поинаква динамика. „Силјан Штркот шанца“ е претстава која има голема порака и има потреба да поучи, а сепак, е возбудлива, радосна и поедноставна за гледање.

Кај „Дух“ текстот е прилично мрачен и, на моменти, прилично насилен. Претставата е тешка бидејќи секој треба да се соочи со своите стравови преку главниот лик Александар Мара.

Преку твојот авторски багаж што го носиш со себе, публиката те препознава како режисер со „рокенрол“ стил, а често влегуваш и во мјузикли со многу пеење на сцената. Колку тоа се стилски определби и во новата претстава?

Оваа претстава е нешто сосема различно од сите што сум ги направил досега. Мразам стилови, но нешто може ќе се препознае, не сум друг човек. Во претставата има еден сонг со силна порака, кој е направен по текст со музика и пеење во живо на сцената со сериозен саунд дизајн на Илија Цветковски. И во оваа претстава посветив големо внимание на музиката, која ја направивме заедно со Надежда Рубен и Ивица Димитријевиќ.

Музичкиот бекграунд постојано го носиш со себе со проектот „Поган Паган“, кој си живее, си тлее, некогаш ве има, па ќе се изгубите, па ќе се појавите...

Проектот беше едно време „на пауза“, а неодамна се вративме на него со Новиот културен бран. Сега сме повторно заедно со уште поконкретен концепт. „Поган Паган“ никогаш не бил посветен само на музиката, туку постојано е дел од некој концептуелен перформанс. Кога ќе одморам од оваа претставата ќе почнеме со нова приказна.

Во однос на времето во кое живееме, во кое од една страна дигиталните медиуми ни даваат максимална слобода, но од друга ни ја одземаат истата слобода, велиш дека „профитот не е тоа што го генерира прогресот“. Што е тоа што го генерира прогресот?

Ако ги погледнеме примерите на најголемите умови, ќе видиме дека Џордано Бруно го запалиле. Слични судбини имале и Коперник, Софокле, Никола Тесла.. Тоа се луѓе кои го генерирале прогресот, а немало профит. Најголемата лага на капитализмот е што успеал сите да ги убеди дека прогресот е базиран на профит. Тоа не е сосема неточно, бидејќи за лагата да биде „точна“ мора да има дел од вистината. На пример, Ајнштајн или Стивен Хокинг не беа богати како Стив Џобс или Марк Цукерберг.

Профитот најмногу ја придвижува воената индустрија, која воопшто не ни треба, а ние ги живееме отпадоците на таа индустрија, која генерира прогрес за зголемување на профитот. Претходно прогресот на човештвото доаѓал од импулсот на креативните луѓе, а не со цел да ги земат парите. Најголемите умови на човештвото го направиле прогресот базиран на нивната креативност, а не на желбата да се збогатат. Прво се појавувале желбата и љубопитноста, а потоа се појавувале аспирации за збогатување на таа сметка.

Има ли рецепт по кој секој индивидуално треба да се бори со злото во и околу нас?

И злото и доброто не се ефемерни и не се толку транспарентни за да можеме да одговориме на нив. Секој од нас знае што е лошо, и тоа не е толку индивидуално, туку е глобално и универзално. Прашањето е колку ние со нашиот морал и етички кодекс, за кои е доволно и само да постои емпатија, ќе дозволиме злото и неправдата да превладеат. А ние правиме многу компромиси затоа што не сме во фаза на еволуција, туку на деволуција и сите сме многу корумпирани. Сите сакаат да се појави Мара (главниот лик во претставата), но да не бидат Мара. Секој сака некој друг да ја заврши работата, ако може.

Од друга страна, ако секој од нас, солидарно, по малку вложи во борбата против злото и неправдата, така ќе можеме многу да смениме. Но секогаш недостасува лидер. И тука се појавува проблемот, тој некој друг да ја предводи борбата. Нашата свест досега требаше да биде на ниво дека колективно можеме да го менуваме светот, само ако престанеме да бидеме ситнокорумпирани и алчни. Во спротивно, само дозволуваме одново и одново злото и неправдата да си ја освојуваат територијата. Во Македонија тоа веќе го преживеавме, и проблемот е да не се врати, но гледаме дека корените се длабоки и додека да се исчистат треба да бидеме спремни да не ни се повтори истото.

Тони Димков

Портретни фотографии: Горан Димов

Фотографии од претставата: Кире Галевски

Владите постојано ги повторуваат истите грешки. Тие го сметаат долгот како предност за долгорочен раст, наместо она што тој всушност е: тежок товар и извор на масивни долгорочни ризици.

повеќе

Гостиварскиот градоначалник од сограѓаните побара да бидат потолерантни кон однесувањето на печалбарите.

повеќе

Дента кога македонската делегација беше на пат за Нивици, Заев со себе требаше да понесе еден венец.

повеќе