Со доделување на наградите, премиера на „Медена земја“ и концерт на „Фолтин“ ќе биде затворен „Македокс“

Со доделувањето на наградите, премиерата на документарниот филм „Медена земја" на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов и концерт на групата „Фолтин" вечер во Куршумли-ан ќе биде затворен 10.Фестивал на креативен документарен филм „Македокс".

- Премиерата на „Медена земја“ е круна на македонската програма која беше прикажана во текот на годинашното издание на „Македокс“ и во чии рамки беа прикажани уште девет македонски филмови. Особено радува фактот што Друштвото на филмски работници на Македонија ден претходно донесе одлука „Медена земја“ да биде национален кандидат за Оскар во категоријата најдобар странски филм, а дополнително филмот влезе во трка и за уште една престижна награда – за најдобар документарец на „Европските филмски награди“, што ги доделува Европската филмска академија, се вели во соопштението од „Македокс“.

По светската премиера во јануари, на 38. Фестивал на независни филмови „Санденс“ каде ги освои трите главни награди, филмот со фантастичен успех е прикажан и на повеќе светски фестивали, а публиката го очекува и во македонските кино-сали. На „Македокс“ филмот ќе има две проекции – во Куршумли-ан и во киното „Фросина“, во 22.30 часот во МКЦ. По проекцијата во Куршумли-ан ќе следува концерт на групата „Фолтин“.

Пред премиерата на „Медена земја“ ќе бидат доделени фестивалските награди во пет категории: „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Наградата за етички идеи. На разговорите „Под смоквата“ во Куршумли-ан во 18 часот ќе учествуваат членовите на комисиите кои ги донесоа одлуките за најдобрите филмови на 10. „Македокс“.

Главна тема на фестивалот годинава беше филмската копродукција како алатка за создавање културни врски меѓу државите и градење мостови на соработка меѓу уметниците. Тоа беа причините на „Македокс“ да бидат поканети гости од регионот и заедно со Хеле Хансен, комесар од Норвешкиот филмски институт, Лиза Ниед од „Скане“ (Шведска) и Сорен Тарп од Данскиот филмски институт, да учествуваат на форумот „MakeCoProDox“, што се одржа од 25 до 27 август во МКЦ. Форумот е поддржан од Канцеларијата на Креативна Европа – Медиа Деск МК во Скопје и Агенцијата за филм.

Во Младинскиот културен центар синоќа се одржа премиерата на четвртиот краток документарен филм што оваа година произлезе од школата „Докуникулци“, а во продукција на „Македокс“. Документарецот „Лог Аут“ на Рамона (Моња) Кочишка привлече бројна и разновидна публика. Документарецот на многу  аналитичен начин го портретира ликот на нејзиниот татко – Логин Кочишки. На фестивалот премиерно беа прикажани и кратките филмови „Низ објективот на копнежот“ на Розе Симоновска, „Скопска ситуација ’18“ на Анастасија Павловска и „Палец горе“ на Марија Матеска.

Јубилејното издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм, Креативна Европа – МЕДИА, Националната фондација за демократија од Вашингтон (НЕД), Институтот „Јунус Емре“, Музејот на Република Северна Македонија, Археолошкиот музеј, Националната галерија, МНТ, Гете-институтот, Францускиот институт во Скопје, Швајцарската, Италијанска, Чешката о Словенечката амбасада, Чешкиот центар Софија, Град Скопје, Current Time TV. Партнери на „МакеДокс“ се „Петра Пан“, „Кино Култура“, МКЦ и Кинотека. 

Макси помпа, просечен дипломатски и небитен медиумски ефект.

повеќе

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе