ТЕАТАРСКА ПРЕМИЕРА

Скршената стомна е симбол за скршениот получовек што исчезнува под тежината и суровоста на капиталот

Премиерата на новата, осма по ред, претстава на независната театарска куќа „Интимен театар“ во Битола е закажана на 30 декември (петок), со почеток во 20 часот. Претставата „Скршената стомна“ во режија на Софија Ристевска Петрушева е правена по мотиви од Хајнрих Фон Клајст (германски автор од почетокот на 19 век) и авторски текстови на Билјана Крајчевска.

Специјална гостинка во претставата е госпоѓа Летка Андреевска, која преживеала рак на дојка, но не дозволила болеста да ја скрши, а токму за тоа ќе говори во претставата.

„Скршената стомна“, е претстава за човекот на дваесет и првиот век, којшто е претворен во шуплива кукла, манипулирана само и единствено од моќта на капиталот. Емоциите, љубовта и семејните социјални врски, сè поретко се појавуваат во секојдневието на човекот, што е пласиран и определен само и единствено од пазарот на трудот. Кариерата и финансиската моќ се ставени пред основните човечки начела и принципи. Инстант живеењето нè осакатува и нè претвора во осамени, егоистични и антисоцијални индивидуи.

Во натпреварот за поуспешна и поисплатлива кариера, станува сè потешко да се создадат семејство и поколение, па оттука се поставува прашањето дали капиталот е доволно добар за да го замени нашето неродено дете, нашите љубовни врски... Дали капиталот е доволно емоционален да го замени човечкиот стремеж за социјална припадност?

„Скршената стомна“ е расказ за изгубениот и заблудениот човек што нема капацитет да се бори, а секогаш го избира патот на финансискиот прогрес. Со помош на огромната индустрија, таканаречена „пластична хирургија“, надворешноста се доведува до перфекција, а душевноста затапува и го губи својот фокус. Оттука и идејата дека по улиците шетаат полумртви кукли, жртви на чудовишниот капитализам, што пополека се прекршуваат и ја губат својата животна рамнотежа.

Скршената стомна е симбол за скршениот получовек што исчезнува под тежината и суровоста на капиталот! – напиша во своето образложение Софија Ристевска Петрушева, режисерка на претставата „Скршената стомна“.

Во режија на Софија Ристевска Петрушева и со драматургија на Билјана Крајчевска во претставата играат Маја Андоновска Илијевски и Никола Пројчевски. Кореограф е Кире Миладиноски.

Свој придонес во претставата имаат и Златко Кузевски (дизајн на звук), Томе Ѓорѓиевски (дизајн на светло), Ксенија Вангеловска (шминка), Кристина Серафимова Кики (фризури), Петар Тасевски (фотографии) и Владимир Видановски (дизајн), известија од „Интимен театар“.

Уништувањето на шумите е една од најголемите еколошки катастрофи со кои се соочуваме, после загадениот воздух.

повеќе

Измените во законот за минимална плата е трул компромис меѓу социјал-демократите и бизнис-лобито во Владата.

повеќе

Македонската јавност е во исчекување од најавата на министерот Оливер Спасовски дека МВР ќе ги истражува сите агенции за обезбедување поради поврзаност со рекетарство.

повеќе