Би-би-си

Сер Шон Конери: витезот со скромно потекло

За многумина, Шон Конери беше дефинитивниот Џејмс Бонд. Елегантен и ладнокрвен, неговиот 007 беше комплетно ист со студеновоениот диносаурус од книгите.

Тој стапна на екранот со дозвола за убивање. Се движеше како пантер, гладен и во потрага по плен. Немаше конкуренција. Неговиот голем ривал, Роџер Мур, едноставно крена веѓа, се насмевна и ја сврте работата на шега.

Но додека јунакот на Јан Флеминг се школуваше на Итон, во минатото на Конери забележливо недостигаа брзи автомобили, убави жени и вотка мартини – било протресено било промешано.

Скромно потекло

Томас Шон Конери е роден во областа Фаунтинбриџ во Единбург на 25 август 1930 година, син на католички фабрички работник и протестантска чистачка.

Семејството на неговиот татко емигрирало од Ирска во 19 век; неговата мајка потекнувала од галските говорители од Скај Ајленд.

Областа со години пропаѓала. Младиот Томи Конери растел во една соба во стан со заеднички тоалет и без топла вода.

На 13 години го напуштил училиштето и почнал да разнесува млеко, да полира ковчези и да реди тули, пред да ѝ се приклучи на Кралската морнарица. Три години подоцна, бил отпуштен од службата поради чиреви на желудникот. На неговите раце дотогаш веќе ги имало тетоважите што ги изразуваа неговите страсти; „Шкотска засекогаш“ и „Мама & тато“.

Во Единбург добил репутација на „тешкаш“ кога шестчлена банда се обидела да му украде нешто од палтото. Кога ги спречил, почнале да го следат. Конери сам тргнал во напад и идниот Бонд лесно победил во тепачката.

Се снаоѓал за живот како што можел. Возел камиони, работел како спасител и позирал како модел на Колеџот за уметност во Единбург. Своето слободно време го поминувал во бодибилдинг.

Убавина што остава без збор

Уметникот Ричард Демарко, кој како студент често го сликал Конери, го опиша како „премногу убав за опишување, виртуелен Адонис“.

Конери, силен фудбалер, бил доволно добар да го привлече вниманието на Мет Базби, кој му понудил договор со Манчестер Јунајтед од 25 фунти неделно.

Но, каснат од актерската бубачка додека работел сѐ и сешто во локалниот театар, тој одлучил дека фудбалската кариера е потенцијално прекратка и решил да си ја бара среќата на бината. Тоа беше, ќе каже подоцна, „еден од моите поинтелигентни потези“.

Во 1953 година бил во Лондон и учествувал на натпреварот за Мистер Универзум. Слушнал дека се делат улоги во продукцијата на мјузиклот Јужен Пацифик. Следната година, тој ја играл улогата на поручникот Баз Адамс, прославен на Бродвеј од Лери Хагман.

Американскиот актер Роберт Хендерсон го охрабрил Конери да се школува. Хендерсон му позајмил дела од Ибзен, Шекспир и Бернард Шо и го убедил Конери да земе часови по ораторство.

Прво од многуте појавувања на Конери како статист било во филмот од 1954 година „Јорговани во пролет“. Имал помали улоги и на телевизија, вклучувајќи и гангстер во една епизода од полициската драма на Би-би-си, „Диксон од Док Грин“.

Жените ќе го сакаат...

Во 1957 година ја добил својата прва главна улога во „Крвави пари“, преработка на Би-би-си на „Реквием за тешка категорија“, во која портретира боксер чија кариера е во опаѓање.

Во Америка улогата била прославена од холивудската легенда Џек Паланс. Кога Паланс одбил да отпатува во Лондон, сопругата на режисерот го предложила Шон.

„Жените ќе го сакаат“, рекла таа.

Една година подоцна се нашол заедно со големата Лана Тарнер во филмот „Друго време, друго место“. Нејзиното момче, мафијашот Џони Стомпанато, лошо реагирал на гласините за љубовна врска меѓу нив.

Тој упаднал на снимањето и извадил пиштол. Конери му го зграпчил пиштолот од рака и го совладал, пред другите да стигнат да го избркаат од сетот.

Името ми е Бонд...

И тогаш дојде Бонд. Продуцентите Каби Броколи и Хари Салцман ги имале добиено правата за снимање на романите на Јан Флеминг и барале актер што ќе го глуми 007.

Биле земени предвид и Ричард Бартон, и Кери Грант и Рекс Харисон, па дури и лордот Лукан и Питер Сноу од Би-би-си.

Сопругата на Броколи, Дана, била таа што го убедила својот сопруг дека Конери ги има магнетизмот и сексуалната хемија потребни за улогата.

Отпрвин креаторот на Бонд, Јан Флеминг, не го делел нејзиното мислење. „Јас го барам командантот Бонд, а не некој огромен каскадер“, инсистирал тој.

Но Брокули била во право, а не Флеминг. Авторот брзо се премислил кога го видел на екранот. Тој дури му додал и полушкотско потекло на ликот во некои од своите подоцнежни дела.

Режисерот Теренс Јанг го зел Конери под своја закрила, носејќи го во скапи ресторани и казина; учејќи го како да се однесува, за несмасниот Шкотланѓанец да помине како вешт и софистициран таен агент.

Конери му стави свој печат на ликот, спојувајќи ја немилосрдноста со зајадлива духовитост. На многу критичари не им се допадна тоа, па некои од критиките беа остри. Но јавноста не го делеше нивното мислење.

Акционите сцени, сексот и егзотичните локации беа формулата за успех. Првиот филм, Д-р Но, заработи куп пари на киноблагајните. Дури и во странство имаше огромен успех; претседателот Кенеди побара приватна проекција во Белата куќа.

Брзо следуваа други изданија; Од Русија со љубов (1963), Голдфингер (1964), Тандербол (1965) и Само двапати се живее (1967).

Беше исцрпувачко и повремено опасно. Во еден момент, тој бил фрлен во базен полн со ајкули само со пластифицирано стакло како заштита. Кога едно од суштествата се провлекло низ пластиката, Конери постигнал рекорд во брзо повлекување.

Имаше и други дела, вклучително и Марни и Хил на Алфред Хичкок, драма за воен затвор на британската армија во Северна Африка.

Но, до времето на „Само двапати се живее“, Конери веќе бил заморен од Бонд и се плашел дека тоа ќе му остане единствената улога.

Тој ја одбил улогата во „Тајната служба на Нејзиното височество“, која му беше дадена на австралискиот актер Џорџ Лазенби, чија кариера никогаш не се опорави.

Салцман и Брокули го намамија назад во „Дијамантите се засекогаш“ во 1971 година, исполнувајќи го барањето на актерот за тогаш рекорден хонорар од 1,25 милион долари. Тој ги употреби за формирање на Шкотскиот меѓународен образовен фонд, за помош во кариерите на идните шкотски уметници.

Филмот имаше мешани критики, а некои критичари се жалеа дека премногу се потпира на претеран хумор, тема што ќе продолжи и ќе се развива од неговиот наследник Роџер Мур.

Конери глумеше во приказната на Рудјард Киплинг „Човекот што ќе биде крал“, заедно со својот голем пријател Мајкл Кејн, но поголем дел од следната деценија помина во споредни улоги, како што се „Временски бандити“ или како дел од тим глумци во филмови како „Мост премногу далечен“.

Никогаш не вели никогаш

Откако изгубил многу пари во зделка, тој ја прифатил профитабилната понуда да го игра повторно Бонд, во „Никогаш не вели никогаш“. Овој пат 007 беше остарен херој; постар, помудар и незадоволен од себе, но на крајот сепак цврст како карпа.

Насловот бил предложен од сопругата на Конери, Дијана Силенто, која го потсетила својот сопруг дека ветил дека „никогаш повеќе нема да го игра Бонд“.

Продолжи да игра и други улоги, освојувајќи Бафта за неговата улога како Вилијам од Баскервил, во „Името на розата“ на Умберто Еко.

Една година подоцна, неговиот настап како заморен ирски полицаец, иако со дефинитивен шкотски акцент, во „Недопирливите“, му донесе Оскар за најдобра споредна машка улога.

Во Индијана Џонс и последниот крстоносен поход го играше таткото на Харисон Форд, и покрај тоа што беше само 12 години постар. А тука е и познатиот омаж кон Џејмс Бонд, заедно со Николас Кејџ во „Карпата“, каде што глумеше британски таен агент заробен со децении.

Постигна успех на благајните за „Лов на црвениот октомври“, „Руската куќа“ и „Заробување“; иако „Првиот витез“ и „Лигата на извонредни џентлмени“ не успеаја да заживеат.

Ја одби улогата на Гандалф во „Господарот на прстените“ во 2006 година, велејќи дека е уморен од глумата и дека му се лоши од „идиотите што сега прават филмови во Холивуд“.

Прогонство

Кратко време беше потенцијален избор за една улога во филмот за Бонд од 2012 година, Скајфол, но режисерот Сем Мендес мудро заклучи дека бившиот 007 ќе го одвлече вниманието ако се појави со Даниел Крег.

Шон Конери го почна животот во изнајмено станче во Единбург, а го заврши со вила во Грција, споделувајќи платформа за хеликоптер со кралот на Холандија.

Секогаш мразејќи го холивудскиот начин на живот, тој претпочиташе да игра голф во своите домови во Шпанија, Португалија и на Карибите, со својата втора сопруга Мишелин Рокубрун, уметница што ја запозна во Мароко.

Неговиот претходен брак, со австралиската актерка Дајан Силенто, заврши во 1975 година, со обвинувања дека бил насилен кон неа и дека имал афери со други жени. Тие имаа еден син, актерот Џејсон Конери.

И покрај егзилот, ја зачува бујната страст кон Шкотска.

Својот „краток фитиљ“ и својата „зловолност“ им ги припишуваше на своите келтски гени. „Моето гледиште е дека за да стигнете каде било во животот треба да бидете асоцијални“, рече тој еднаш. „Во спротивно, ќе ве проголтаат“.

Долго задоцнетото витештво, конечно доделено во 2000 година, наводно било спречувано од лабуристичката влада поради неговата поддршка за независноста на Шкотска.

За волја на вистината, неговиот Бонд сега е музејски експонат; портретирањето на жените е неверојатно застарено. Акционите сцени сè уште се возбудливи, но сексот премногу често се граничи со неконсензуалност.

За среќа, помина долго време откако 007 удри жена по грб и ја принуди на бакнеж. Но изведбата на Конери беше одраз на неговото време, во која уживаа милиони луѓе од обата пола и му ја дадоа на сребрениот екран иконата на 20 век.

Зад себе остава дело со кое секој актер би бил горд и, не помалку важно, празно место за титулата „Најголемиот жив Шкот“.

Кусокот во глобалното производство на вакцини против КОВИД-19 може да се надомести доколку на производителите ширум светот им се даде пристап до потребната технологија и знаење. 

повеќе

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе