вторник, 7 мај 2024

Венеција со новата туристичка такса заработила речиси милион евра

Новововедената такса за туристи на еднодневен излет во Венеција му донела на тој италијански град 975.000 евра приходи во првите 11 дена експериментален период.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Таксата, која првпат е воведена на 25 април, се наплатува по стандардна цена од пет евра, пишува ДПА.

Градот во понеделникот извести дека вкупно продал повеќе од 195.000 влезници, малку надминувајќи ги очекувањата.

Таксата ќе се наплаќа речиси секоја сабота и недела до средината на јули, кога градот ќе ја преиспита цената.

Како генерално правило, целодневните посетители меѓу 8:30 и 16 часот се обврзани да ја платат таксата и добиваат кју-ар код, кој служи како доказ за плаќањето. Ако не платат, можат да добијат казна до 300 евра.

Домашното население, гостите со ноќевање, студентите и децата до 14 години се ослободени од плаќање на таксата.

Со околу 15 милиони посетители годишно, Венеција е една од најпосетените туристички дестинации во светот.

Масовниот туризам на градот му носи големи приходи, но гужвите создаваат и големи проблеми.

Често е речиси невозможно да се помине по тесните улички околу Марковиот плоштад и мостот Риалто, двете најпопуларни туристички знаменитости.

Не се знае дали Венеција ќе го задржи надоместот и по експерименталниот период.

Ако градските функционери одлучат да ја задржат таа политика, приходот од надоместот ќе се користи за одржување на патиштата, каналите и зградите.

Меѓутоа, во моментов трошоците за воведувањето на надоместот и воспоставувањето на системот на наплата на влезници сè уште се поголеми од приходот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ