МТФ „СКУПИ“ 2015

Претставата „Духот кој оди“ на Дејан Дуковски и Александар Поповски ја доби наградата на театарскиот фестивал „Скупи“

Со грузискиот театар „Нодар Думбадзе“ и претставата „1945“ синоќа беше затворено деветтото издание на МТФ „Скупи Фестивал“, кое годинава донесе осум претстави кои на публиката ѝ понудија сосема поинакво доживување во текот на шесте фестивалски дена во киното „Фросина“ во МКЦ.

Секоја од претставите беше проследена од страна на тричленото жири во состав Рози Костани - претседател на жирито и членовите, Тодор Кузманов и Сулејман Рушити, кои едногласно ја доделија Гранд-при наградата за најдобра театарска претстава на „Духот кој оди (Патот на Прометеј)“ од Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски и продукција на Српското Народно Позориште од Нови Сад, Србија.

Во образложение на жирито е наведено дека претставата „Духот кој оди“ е театарско остварување кое се одликува со актуелност и ангажираност во претставувањето на моралните дилеми на човекот во современиот свет. Режијата во претставата е минуциозна и аналитична, при што врз основа на драмскиот текст создава цврста театарска структура, а актерската игра е на високо професионално ниво, известија од тимот на МТФ „Скупи Фестивал“.

Фестивалот „Скупи“ секоја година напредува во однос на селекцијата на претставите и актуелноста на темите присутни во програмата. Со тоа фестивалот привлекува своја публика која е љубопитна да види различни театарски естетики што се присутни во рамките на европското и светското драмско творештво.

Покрај наградената претстава, годинава големо внимание привлекоа и претставите „Шопинг & факинг“ од Марк Равенхил во режија на Фатос Бериша, подготвена како копродукција меѓу Националниот театар на Косово и „Урбан театар“ од Приштина, и претставата „Куќата на гневот“ во режија на Диана Добрева во изведба на театарот „Взраждане“ од Софија, Бугарија.

Т.Д.

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе