ТЕАТАРСКА ПРЕМИЕРА

Претставата „Атена со пенис“ е комедија која може да се чита и како политичка сатира

Драмски театар - Скопје ја најави премиерата на својата најнова театарска продукција, претставата „Атена со пенис“ работена по текст на Александар Русјаков и во режија на хит-мејкерот Синиша Евтимов. Премиерната изведба на претставата ќе се одржи на 19 мај, во 20 часот во Драмски театар.

„Атена со пенис“ е сценска адаптација на истоимениот роман на Александар Русјаков која од комична позиција се занимава со сѐ поизразената деградација на општествените, семејни и културни вредности. Во фокусот на дејството е Виктор Велков, просечен, средовечен македонски „шалабајзер“ и самоповикан гуру на турбофолк сцената.

Виктор живее лесен, удобен и безгрижен живот, а ненадејната смрт на татко му и очекуваното наследство, ветуваат уште побезгрижни денови во иднина. Но, како што обично бива, на читањето на тестаментот работите добиваат сосема неочекуван тек. Обидувајќи се да извлече максимум од новонастанатата збунувачка ситација, Виктор презема низа дејствија врз кои бргу губи секаква контрола...

Претставата „Атена со пенис“ е третата премиера на Драмски театар во 2017 година, по „Франкенштајн“ и „Венецијанскиот трговец“, потсети Роберт Вељановски, директор на Драмски театар.

„По успешната соработка на претставата ’Чолак‘ пред две години, со ’Атена со пенис‘ повторно се враќам на сцената на Драмски театар, овојпат со малку поголем залак во однос на продукцијата и екипата со која ја подготвивме претставата. Поставивме нов и свеж македонски текст на Александар Русјаков, со кого претходно работевме и на приватниот театарски проект ’Станица љубов‘. Обично очекувам креативен инпут од сите што работиме на одреден проект и овојпат тоа го добив и едвај чекам да се случи премиерата на претставата“, рече режисерот Синиша Евтимов.

Примарниот жанр на претставата е комедија, но има елементи и на драма и на стрип, а ако се нурне подлабоко во текстот може да се прочита и како политичка сатира.

Прес-конференција за „Атена со пенис“ во Драмски театар

Авторот на текстот, Александар Русјаков очекува одлична претстава, бидејќи и тимот што ја подготви е одличен. Својот оптимизам Русјаков го базира на довербата и на соработката што досега ја имал со режисерот Евтимов.

„Текстот е извлечен од мојот роман ’Атена со пенис‘, што се појави во издание на ’Или-или‘, и мислам дека е податлив за денешното време, бидејќи има чуден наслов, но и бидејќи текстот е текст, а вистинското уметничко дело е екипата што го има вторпат ’напишано‘ и тоа ќе биде нивно дело“, рече Русјаков.

Во најновата претстава во Драмски театар играат Рубенс Муратовски, Катерина Коцевска, Лазе Манасковски, Зоран Љутков, Јана Стојановска, Гордана Ендровска, Филип Трајковиќ, Калина Наумовска, Емилија Мицевска, Благица Димитровска, Александар Степанулески, Ванчо Петрушевски, Гоце Тодоровски и Диме Илиев.

Актерот Рубенс Муратовски го истакна долгогодишното познанство со Евтимов и дека секогаш останувале убави чувства по завршувањето на процесот на подготовка на претставите. Во однос на текстот рече дека е забавен, но и дека има инаква длабочина којашто секој актер ја бара за да го оправда своето постоење на сцената.

Во претставата играат доајените на Драмски театар Ванчо, Гоце, Диме, Кате и Лазе, но и младата генерација актери во театарот.

За Ванчо Петрушевски ова е прва претстава како пензионер во Драмски театар, а со режисерот Евтимов соработува вторпат. Потсети и дека правењето комедија е многу потешко од правењето трагедија, а Евтимов веќе докажа дека знае навистина успешно да направи комедија.

„Народот заборави дека лек за долг живот е смеењето. Драмски театар постојано имал добри комедии, а оваа претстава мислам дека ќе биде продолжување на таа линија“, рече Петрушевски.

Диме Илиев навести дека жанровски претставата не е само комедија и дека има чувство дека ликовите како да се излезени од стрип, како „Алан Форд“, а со вклучувањето на костимите и маските добил чувство дека ликовите не се карикатури, туку своевидни креатури.

Младиот дел од екипата Емилија, Благица и Јана го истакнаа задоволството од соработката и со режисерот и со авторот на текстот, Евтимов и Русјаков, поради што на проектот работеле со голема радост и верба.

„Кога влегов во претставата добив чувство како да влегувам во друг свет“, објасни Јана Стојановска.

Сценографијата е на Милан Несторов и Александар Ношпал, костимографијата на Александар Ношпал, асистент-костимограф е Андреј Ѓоргиевски, додека маските ги изработи Ѓорѓи Ѓорѓиевски.

Инспициент на претставата е Гоце Бојчев, суфлер е Жаклина Цветковска, тон-мајстор е Чедомир Младеновски, а светло-мајстор е Митко Ризов.

Директорот на Драмски театар, Роберт Вељановски најави дека претстави на театарот ќе гостуваат на МТФ „Војдан Чернодрински“ со „Венецијанскиот трговец“, како и на Шекспир-фестивалите во Битола и во Нови Сад.

Т.Д.

Прашањето на потпишување договор за добрососедство со Бугарија е вештачко прашање.

повеќе

Никој од политичарите не сака на народот да му ја каже вистината. Вистината за Македонија.

повеќе

Референдумот во Дојран во недела е поделикатен од оние во Гевгелија, Богданци и Валандово, зашто отворањето рудник во Казандол може да го кутне во уште потешка агонија eзерото кое е прогласено за споменик на природата. 

повеќе