Премиера на документарниот филм за Бигорски манастир „1000 години-Сведок на светлината“

Во НУ Македонски народен театар синоќа се одржа премиерата на документарниот филм „1000 години-Сведок на светлината“, во режија на Илија Ико Каров, посветен на Бигорскиот манастир, по повод големиот јубилеј на манастирот, кој го доловува духовниот монашки континуитет низ вековите.

Премиерата на документарниот филм паралелно се емитуваше и на Националниот сервис, на каналот Јутјуб, како и на официјалните Фејсбук страници на филмот и на Бигорскиот манастир.

На премиерата, покрај монашката заедница од Бигорски манастир, предводена од отец Партениј, присуствуваше поглаварот на Македонската православна црква Охридска архиепископија г.г  Стефан, претседателот Стево Пендаровски, министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за финансии Фатмир Бесими, за економија Фатмир Бесими, за одбрана Славјанка Петровска, и за правда Никола Тупанчевски, како и градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.

„Премиера на документарниот филм „1000 години Сведок на Светлината“ посветен на еден од најубавите и најзначајните македонски манастири Св. Јован Бигорски. Гордоста на македонскиот народ и македонската Црква, симболот на непокор, кој одбележа 1000 години од своето постоење“, напиша претседателот Пендаровски на својата Фејсбук страница.

Министерот Спасовски на својот Фејсбук профил напиша дека документарниот филм претставува сведоштво за живоста на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.

„Во 2020 година, Бигорската обител го одбележа своето илјадалетие од основањето во 1020 година, а документарецот „1000 години – Сведок на светлината“ е вистинско заокружување на ова чествување, како јасен и опсежен приказ на монашкиот континуитет низ вековите, на аскетскиот живот на монасите од Бигорски манастир исполнет со молитва, со Божјата реч во слободата Христова, кој за световниот човек отсекогаш претставувал едно посебно, дури и мистично дејство на Божјата благодат. Бигорскиот манастир сам за себе е приказна за едно светилиште кое зрачи со својата убавина, а љубовта којашто живее, енергијата којашто извира од Братството, всушност, претставува исконски и градбен елемент на Бигорската вера, која дотолку повеќе ја дополнува грандиозноста на манастирот“, објави Спасовски.

Во неодамнешното интервју за МИА режисерот Каров рече дека овој филм говори за љубовта, постоењето, заборавените вредности, духовната преобразба и е морално патување нагоре кон вечноста.

„На секои илјада години во Бигорскиот манастир процутува по еден цвет, којшто сведочи за една друга убавина, не од овој свет. Тоа е токму оној петтиот елемент кој им дава потекло на сите оние познати четири елементи, тоа е онаа убавина којашто многу просветлени и филозофско освестени луѓе ја сместиле во центарот, како есенција на мудроста. И овој филм е токму за таа убавина што веќе еднаш го спаси светот“, вели режисерот Каров за филмот за Бигорски.

Каров кажа дека филмот го снимиле без финансиска поддршка, но самиот тој и целата екипа за возврат добиле многу повеќе.

„Едноставно не ни требаше финансиска поддршка. Нашите хонорари сесрдно без колебање ги дониравме, никогаш не ни стана збор за некој од нас да побара какви било пари. Ние за возврат добивме многу повеќе, нешто што не можеме да го потрошиме за време на животот, туку напротив можеме да го умножиме заради тоа што светлината и љубовта се единствените два елемента во нашиот живот што кога се делат, се умножуваат“, вели режисерот Каров за МИА.

Во рецензијата на филмот напишана од етнологот Владимир Деловски се вели дека филмот е автентичен, вистинит, а во неговата срж е љубовта.

„Сведокот на светлината“ транзитира, поставувајќи темели на една подруга документаристика за Бигорскиот Манастир. Досега бевме навикнати само на еден репортажен пристап. Овој филм отвора перспектива на оригиналност, автентичност, непосредност и доживеаност. Тој е складен со традицијата и наративот, но има и нешто ново и оригинално, нешто свое. Без овие нешта хоризонтот на филмот останува затворен или сувопарен, се наведува во рецензијата за филмот.

Документарниот филм „1000 години-Сведок на Светлината“ на „Кат продукција“ е сниман речиси пет години.

Потписниците на нотарските изјави дека нема да гласаат за измените на Уставот се подложни на промени за материјално благо.

 

повеќе

Здруженост, сплотеност и поврзаност на луѓе, друштва, организации и институции кон една заедничка цел или поради заедничка причина. 

повеќе

Неколку години при здрав разум сакаат да ни наметнат и да нѐ убедат дека со соседна Бугарија сме имале заедничка историја. 

повеќе