Во режија на Пројковски

Премиера на „Браќа Карамазови“ во Народниот театар во Софија

Претставата „Браќа Карамазови" во режија на македонскиот автор Дејан Пројковски вечерва ќе биде премиерно изведена на големата сцена на Народниот театар „Иван Вазов" во Софија.

Пројковски го режира најголемиот проект за оваа сезона на сцената на водечкиот бугарски театар и еден од најважните европски театарски центри, а претставата е дел и од официјалната програма на „Пловдив – европска престолнина на културата за 2019 година“.

Народниот театар од Софија „Браќа Карамазови” на Пројковски ја најави како грандиозна и неверојатна претстава, истакнувајќи ги спектакуларната сценографија и раскошните костими, но и ѕвездената актерска екипа во која учествуваат дел од најголемите актерски имиња на бугарскиот театар денес.

„Разликата помеѓу совршената и останатите камбани е во еден полутон кој што го слушаат само големите мајстори. Таква е разликата и помеѓу ангелот и ѓаволот. Токму со тој полутон се занимава нашата претстава. Важно е човекот да го изострува добриот слух, изјави Пројковски, при најавата на премиерата во бугарските медиуми, истакнувајќи дека „за човекот не е важно само дека живее, туку и прашањето зошто живее. Всушност, оваа претстава е едно бурно и емотивно патување низ човековата душа и срце“, најави Пројковски.

Пројковски, покрај режијата, ја потпишува и сценската адаптација на епохалниот роман на Достоевски, а заедно со него, на претставата работеа уште двајца истакнати македонски автори – сценографот Валентин Светозарев и композиторот Горан Трајковски. Костимите се на легендарното име на бугарскиот театар, Елена Иванова.

Билетите за премиерата се одамна распродадени, а следните изведби се во мај и во јуни.

Вечерашната премиера за македонскиот режисер значи освојување на уште еден важен театарски центар, откако минатата година за свои претстави доби престижни награди во регионот – неговата „Ромео и Јулија“ беше прогласена за најдобра претстава во Турција, а претставата „Орестија“ беше прогласена за претстава на годината во Хрватска.

Кризата на вредности влијае негативно на балансот помеѓу императивот за слобода и потребата за безбедност, стеснувајќи го либералниот простор на современо конципираните општества.

повеќе

Mора да се научиме како да ги градиме политиките кои ќе водат кон осврт на сите теми важни за градење позитивен мир, но и реторички да останеме конзистентни на она за што се залагаме.

повеќе

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе