Пoчнува снимањето на „Кајмак“, новиот филм на Милчо Манчевски

Екипа од Македонија, Данска, Холандија, Хрватска, Бугарија, Англија, Италија и од Србија почнува со работа на новиот филм на Милчо Манчевски, „Кајмак“.

„Кајмак е црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот на филмот. Филмот е безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштината“, вели Манчевски.

По сценарио и режија на Милчо Манчевски, во филмот играат: Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Ана Стојановска, Симона Спировска, Петар Мирчевски, Филип Трајковиќ, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.

Филмот е европска копродукција, поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, како и од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и Бугарија. Македонската радио-телевизија е копродуцент.

Екипата е особено горда што во оваа најтешка пандемиска година во светот, токму овој филм доби поддршка и од европскиот фонд Еуримаж, што е несомнено огромна потврда за вредноста на проектот.

Според финансиската конструкција на филмот, Македонија учествува со 48 проценти, додека 52 проценти од средствата доаѓаат од странство.

На прашањето како во период на пандемија, проектот Кајмак успеа да мобилизира голема европска екипа за филмот, македонскиот продуцент на филмот Јане Ќортошев рече:

„Се е можно кога работиш на убав проект и со пријатели. А „Кајмак“ има навистина многу пријатели - низ цела Европа, а и дома. Собрани заедно зад убав проект, ништо не може да не сопре“.

Ова е седми филм по ред на Манчевски, кој досега има работено и во Америка и во Македонија. На прашањето за тоа како се чувствува пред самото снимање на „Кајмак“ на денешната конференција за медиумите режисерот Манчевски рече:

„Се радувам како летен ден, затоа што после сета напорна работа сега почнуваме да правиме убава уметност, ама уште повеќе затоа што работиме со талентирани професионалци, кои се и добри луѓе. Животот е прекраток за да работиш со лоши луѓе“.

Дански копродуцент на „Кајмак“ е Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентка на филмовите „Антихрист“ и „Меланхолија“ на Ларс Фон Трир, како и на данскиот кандидат за Оскар „Кралската афера“ и на „Сопругата“ со Глен Клоуз. Холандски копродуценти се Изабела Депевег и Елс Вандерворст, која важи за една од најискусните холандски продуценти, со култни филмови како „Мандерлеј“, „Догвил“ и „Танчер во мракот“ на Ларс Фон Трир и „It's All About Love“ на Томас Винтерберг. Хрватски копродуцент е Синиша Јуричиќ, а бугарски Иван Дојков. Извршен продуцент е Иан Прајор од британската Скала Продакшнс.

Македонски продуцент на филмот е Банана филм. Продуцира Јане Ќортошев.

Продукциски дизајнер е Дејвид Манс од Англија, директор на фотографија данецот Улрик Боел Бенцен, кастинг директор Милка Анчевска, а костимограф Жаклина Крстевска.

Филмот ќе се снима исклучиво на локации низ Скопје.

Манчевски реши да го задржи оригиналниот збор, па англискиот наслов е „Kaymak“. Партнерите на филмот го доживуваат како интересен, нов збор што го научиле, како мистерија во насловот, слично на „Е.Т.“ или „Кагемуша“, на пример.

Главни партнери на филмот се Алкалоид, НЛБ Банка и Виза, и партнерите на филмот Окта, Тиквеш, Витаминка и Лимак.

Последниот филм на Манчевски „Врба“ ја доживеа премиерата на Римскиот филмски фестивал, а потоа беше прикажан на уште 30 меѓународни фестивали и освои пет награди (Рејнденс, Синеквест, Валенсија, итн), Европската филмска академија го вброи во потесниот избор на филмови за награда во 2020, а „Врба“ беше и македонски кандидат за Оскар. Филмот собори рекорди на гледаност во Македонија, а од неодамна е продаден за дистрибуција во САД, каде што наскоро ќе има и ДВД-издание. Тој се прикажува и на Синемакс и на Ејч-би-о.

Време е да се фокусираме врз суштинските проблеми. Време е да создадеме вистински ’општествен договор‘ за владеење на правото и на човековите права како главни столбови на европските вредности

повеќе

Стратешко партнерство на македонската влада со Зока енерџи солушнс, компанија регистрирана за обработка и отстранување на опасен отпад, не е правилен начин за решавање на проблемот во мала држава како Македонија.

повеќе

Цивилизацијата би можела да се дефинира како глутница која има рационална потреба да ги легитимира и образложи своите колежи, грабежи и узурпации.

повеќе