По наградите во Софија и Бергамо, „Исцелител“ ќе се натпреварува и на филмскиот фестивал во Обањ

Македонскиот филм „Исцелител“ минатата недела освои две значајни награди на два престижни меѓународни филмски фестивали. На филмскиот фестивал во Бергамо, Италија, тој беше избран за најдобар филм во главната натпреварувачка конкуренција, а на филмскиот фестивал во Софија доби специјална награда од жирито на Балканската програма.

Покрај присуството на двата фестивали на кои беше награден, филмот „Исцелител“ истовремено беше прикажан и на „Франкофилм“ во Рим и на „Фебиофест“ во Прага, каде сите проекции беа целосно распродадени.

Претставувањето на „Исцелител“ пред светската публика продолжува на 22-ри март во натпреварувачката програма на фестивалот во Обањ, Франција, каде филмот е во конкуренција со 9 други филмови.

Меѓународниот филмски фестивал во Обањ е основан 2001 година како фестивал кој е посветен на промоција на нови кинематографски остварувања со посебен акцент на музиката во филмовите. Во склоп на фестивалот се одржуваат и концерти на некои од најзначајните француски имиња од класичната, џез и независна музичка сцена.

Исто така, се одржуваат и работилници и предавања со познати композитори на филмска музика. Оваа година гостин на фестивалот е Гаспар Клаус, челист кој е и композитор на музиката на минатогодишниот добитник на две награди на Канскиот филмски фестивал, документарниот филм „Макала“.

Во меѓународното жири за долгометражен филм членови се познати имиња од филмската и музичка дејност како: Алекси Ро, композитор на музика на повеќе од петнасет филмови, Шандор Фунтек, актер, носител на бројни улоги, меѓу кои и улогите во „Сина е најтоплата боја“ на Абделатиф Кешиш и „Дипан“ на Жак Одијар, и други. Овогодишната програма на фестивалот е опишана како „мешавина на звуци и слики која остава без здив“.

Автори на музиката во „Исцелител“ се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски.

„Исцелител“ досега учествуваше на 16 филмски фестивали и освои пет меѓународни награди, а во Македонија го погледнаа околу 12 илјади гледачи.

Република Македонија треба да понуди законска можност за реализација на правото на приватен и семеен живот за истополовите партнери.

повеќе

Умре Милена Дравиќ. Да живеевме во некое друго време, во некоја друга земја, таа вест ќе се прикажеше на екраните на југословенските телевизии, како што ни се прикажа веста за смртта на Тито.

повеќе

Во кичестиот амбиент на магичното Скопје, каде што се изградени огромни споменици на Александровите фалангисти, а знамето на НАТО се вее пред зградата на Генералштабот, во градот поделен на македонски и на албански дел, лебди Бизмарковата геополитичка визија: оној што ја контролира долината на реката Вардар, станува господар на Балканот.

повеќе