Во филмот главен лик е младата шарпланинка Стела, за прв пат на долгометражен филм е младиот Петар Маниќ, а во филмот играат и Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и српската актерка Христина Поповиќ, позната од филмскиот хит Парада. Сценариото е на Ева Камчевска, кинематографер е Горѓи Клинчаров, костимограф на филмот е Милена Миленковиќ, монтажер е Данчо Стефков, а композитор Оливер Јосифовски од Љубојна.
Стела е приказна за едно куче, шарпланинка, едно дете и еден дедо. Звучи идилчично, но не е. Откако детето Николa ќе проба да се самоубие заради булинг во училиштето, изгледа дека никој не ќе може да допре до него. Престанува со секаква вербална комуникација. Шарпланинката Стела е единствена која не бара ништо од него, не поставува прашања, не бара одговори.
Стојан Вујичиќ е еден од водечките македонски режисери, чиј опус вклучува бројни кратки играни и документарни филмови и телевизиски проекти. Оваа награда е петта награда по ред која што ја освојува филмот Стела, со што се потврдува уште еднаш квалитетот на филмот, а воедно и успехот на Македонската кинематографија во целост, велат од продукцијата.
Во реализацијата на овој прв и единствен македонски долгометражен филм за деца е вклучена меѓународна екипа која брои голем број на автори и филмски професионалци.
„Долгометражниот игран филм „Стела" е копродукција помеѓу македонската продукциска куќа „Дрим Фектори" (продуцент: Огнен Антов), српската продукција „Акција Продукција" (продуцент: Јована Караулиќ) и германската „Моуна" (продуцент: Никол Акерман). Стела беше препознаен како проект од исклучителна важност и доби финансиска подршка од„Агенцијата за Филм на Република С.Македонија", „Филмскиот центар на Србија" и Филмскиот фонд Баден Вунтерберг во Штутгарт, Германија, а горд спонзор на филмот е и Витаминка“, соопштува продукцијата Дрим фектори.