Новиот филм на Манчевски премиерно на 19 октомври на Филмскиот фестивал во Рим

Светската премиера на најновиот игран филм „Врба" на Милчо Манчевски ќе се случи на Филмскиот фестивал во Рим кој се одржува од 17 до 27 октомври. Премиерата на „Врба" во Рим е на 19 октомври.

Со „Врба“, македонската кинематографија освојува нова територија: ова ќе биде прв македонски филм што е селектиран во официјалната програма на фестивалот во Рим.

Ова е најмладиот меѓу најелитните 5-6 фестивали во светот, каде свои светски премиери досега имале многу оскаровци. Како и на фестивалот во Торонто, и Рим нема награди. Годинава се одржува по 14. пат.

Антонио Монда е уметнички директор на фестивалот, на чие огромно задоволство филмот „Врба“ беше селектиран во официјалната програма.

„Врба“ е во официјалната селекција меѓу 30-на филмови на фестивалот, заедно со најновото остварување на легендарниот Мартин Скорсезе „The Irishman“, како и „Motherless Brooklyn“ на Едвард Нортон, меѓу другите.

Годинава добитник на наградата за животно дело е актерскиот великан Бил Мареј, кому наградата ќе му ја врачи прославениот американски режисер Вес Андерсон. Во Рим ќе дојдат и едни од најзначајните современи филмски режисери како Јапонецот Хироказу Коре-еда и Французите Бертран Таверние и Оливие Асајас.

Изминативе години на фестивалот свои светски премиери имаа многу познати режисерски и актерски имиња од Френсис Форд Копола, браќата Коен, Хелен Мирен, Харисон Форд, Мерил Стрип, Кејт Бланшет, Џулиен Мур, до Никол Кидман, Џуд Ло, Хоакин Феникс, Шон Пен, Скарлет Јохансон, Томас Винтерберг, Кжиштоф Зануси, Питер Џексон, Парк Чан-вок, Мајкл Мур, Стивен Содерберг, Ричард Линклејтер, Сали Потер, Дејвид Линч...

По овој повод, Горјан Тозија, првиот човек на Агенција за филм изјави:

„Филмот 'Врба' на Манчевски е континуитет на една успешна приказна која на нашата земја ѝ го донесе најголемиот успех. Милчо е македонскиот 'билборд' во светот. Самиот факт што филмот е селектиран на еден ваков престижен фестивал е одличен доказ за тоа“. 

Од освојувањето на Златниот лав во Венеција со „Пред дождот“ во 1994 и номинацијата за најдобар странски филм на Оскарите во 1995, Манчевски со своите филмови за првпат за македонската кинематографија ги отвори вратите на најголемите фестивали како Санденс, Торонто, Токио, Берлин, Сао Пауло, Локарно, Шангај, Хонг Конг, Ерусалим, Палм Спрингс и десетици други...

„Врба“ е шестиот долгометражен филм на Милчо Манчевски. Oва е филм за мајчинство, љубов и доверба. Во филмот игра млада актерска екипа: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски. Во останатите улоги се Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други.

„По десет години, убаво е пак да снимам тука – во меѓувреме снимив филм во Њујорк, краток филм во Куба и уште еден во Њујорк. Овој пат искуството беше одлично оти имав поддршка во организацијата како никогаш досега. Овој пат работев со одлични продуценти, посветени, чесни, професионални. 'Врба' е приказна за три мајки, филм за лојалност, љубов, мајчинство и доверба“, изјави на конференцијата за печат Манчевски.  

Филмот е во продукција на 'Банана филм' и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија. Снимањето на филмот траеше два месеци, од крајот на октомври до првата половина на декември 2018 година, низ различни локации на живописниот прилепски регион и на препознатливи локации низ Скопје. Процесот на снимањето на филмот помина во совршен ред, благодарејќи на  професионализмот на целата екипа, и успеа да се сними дури и неколку дена порано од предвиденото.

„Беше навистина сложено да се координираат сите земји копродуценти во филмот, но од друга страна и огромен предизвик. Филмот успеавме да го снимиме дури неколку денови пред предвиденото, тоа е адут дека се работеше крајно професионално и во тивка и беспрекорна атмосфера. Среќни сме што достоинствено ќе можеме земјава да ја претставиме пред светот на претстојниот Филмски фестивал во Рим, Италија“, заклучи продуцентот на филмот Јане Ќортошев.  

ЕУ треба принципиелно да реагира на отворениот национал-шовинизам на бугарскиот парламент, се вели во отвореното писмо на македонски академици и професори до европретставниците во Македонија.

повеќе

Нашиот процес на преговори многу веројатно ќе биде предмет на уште построги критериуми и мониторинг имајќи ги предвид искуствата на земјите кои во моментот преговараат. 

повеќе

На Македонија и Бугарија им треба дебата која ќе го унапреди историското разбирање без робување на идеологии, митологии и политики.

повеќе