Њујорк тајмс: Како „Медена земја“ ги смени правилата на игра на Оскарите

Македонскиот филм е првиот што е номиниран и за најдобар документарец и за најдобар меѓународен филм, вели Њујорк тајмс.

Трката за Оскар е во полн ек и сите очи се свртени кон големите претенденти: „Џокер“! „Брачна приказна“! „Беше еднаш... во Холивуд“!

Сепак, среде насловите преполни со ѕвездени имиња еден малку познат филм тивко се проби напред.

„Медена земја“ е првиот филм што е номиниран за најдобар документарец и за најдобар меѓународен филм (категорија порано позната како најдобар филм од странско говорно подрачје). Тој ја следи Хатиџе Муратова, средовечна пчеларка чиј мирен живот во едно македонско село е нарушен кога до неа ќе се досели едно хаотично семејство.

Филмот премиерно беше прикажан на филмскиот фестивал Санденс минатата година и се вивна на врвот со три награди, вклучувајќи ја и големата награда на жирито за документарен филм во светската кинематографија.

Продолжи да освојува признанија на помали фестивали низ целиот свет и сè уште котира високо. Има 99 проценти рејтинг на Ротен томатос, а, во декември, критичарот на Њујорк тајмс А.О. Скот го прогласи за најдобар филм на 2019 година.

Филмот, напиша тој, „не е ништо друго освен епска еколошка алегорија од реалниот живот и, исто така, сурова комедија за вековниот проблем со непромислените соседи“.

„Медена земја“ е аутсајдер во категоријата меѓународни филмови. Тој е долгометражно деби на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, а се натпреварува со два мошне дискутирани наслови од ветерански филмаџии: трилер-комедијата на Бонг Јон Хо „Паразит“ и драмата на Педро Алмодовар „Болка и слава“.

Во категоријата документарен филм конкурент му е „Американска фабрика“, првиот филм на Нетфликс од продуцентската компанија на Барак и Мишел Обама.

Па зошто еден филм за сиромашна жена во изолирано село од малку познати режисери одекна кај гледачите низ целиот свет?

Во почетокот, „Медена земја“ ја дава Муратова во нејзиниот секојдневен живот. Ја гледаме како им пее на своите пчели, го продава својот мед во Скопје и се грижи за својата болежлива, осумдесетгодишна мајка, која е полуслепа и слабо слуша.

Потоа ги запознаваме новите соседи: Хусеин Сем, неговата сопруга, нивните седум деца и нивните говеда и кокошки. Онаму каде што Муратова е мирна и весела, семејството на Сем е бучно и раздразливо (да не зборуваме за нивните погани усти). Нивните разлики стануваат проблематични кога Сем влегува во пчеларството и го крши златното правило на Муратова: оставај половина од медот за пчелите.

Сем може да се смета за негативецот - неговите методи се закана за судбината и на Муратова и на нејзините пчели. Од друга страна, тој е само татко што се обидува да го прехрани своето семејство и да задоволи еден нетрпелив купувач. Неговата ситуација, рекоа режисерите, е само еден од елементите што ја прават „Медена земја“ универзална приказна.

„Филмот функционира како огледало“, рече Котевска во телефонското интервју. „Некои луѓе се препознаваат себеси во Хатиџе. Некои се препознаваат во другото семејство“.

Нивната кавга е моторот на наративот. Потоа, има трогателни моменти помеѓу Муратова и нејзината мајка окована за креветот, која е мошне свесна за тешкиот товар на нејзината ќерка. Филмските режисери успеваат да ја доловат и сè поблиската врска меѓу Муратова и еден од синовите на Сем, кој честопати бега во нејзиниот тивок свет по бучните расправии со својот татко.

Резултатот е нијансирана приказна што ги рефлектира осаменоста, капитализмот и еден начин на живот што умира. Најмногу од сè, рече Стефанов, тој и Котевска сакале да покажат како алчноста функционира на едно „мошне базично ниво“ - во случајов, на зафрлено парче земја на кое живеат само мал број луѓе.

Критичарите врескаат од пофалби за филмот. Лос Анџелес тајмс напиша дека мал број документарци „понудија таква интимно вознемирувачка, методично детална алегорија на земјините чуда што се опустошени од последиците од човечката алчност“.

Холивуд рипортер напиша: „Хрониката во која навлегле Стефанов и Котевска изобилува со моменти на неочекувано откритиe - моменти што можe да бидат нежни, хумористични, бучни или спокојни“.

Сепак, Стефанов и Котевска немале поим дека ќе тргнат кон Оскарите. „По Санденс, беше јасно дека филмот е добар и дека им се допаѓа на луѓето“, рече Стефанов. „Но не очекувавме две номинации“.

Тие дури не очекувале ни да ја раскажат приказната.

Режисерите налетале на пчелите на Муратова додека правеле истражување за документарен филм за животната средина. Откако ја запознале, биле заинтригирани од нејзините пчеларски традиции, кои оделе од поколение на поколение.

Продолжиле со снимање повеќе од 400 часа материјал во текот на три години, работејќи во тешки услови. Муратова живеела во мала трошна колипка, без електрична енергија. Стефанов и Котевска ја посетувале на по неколку дена и спиеле во шатори. Нивниот единствен план бил да направат неодоливи снимки.

Номинацијата на филмот за Оскар за најдобар меѓународен филм, рече Котевска, е доказ дека фикцијата и нефикцијата не треба да се оценуваат одделно. (Дали некој документарец некогаш ќе биде номиниран за најдобар филм е друга приказна.)

„Ние филмот го сфаќаме како нешто што не треба да има граници“, рече Котевска. „Доброто раскажување приказни е добро раскажување приказни“.

Ковид-19 може да нѐ научи битни лекции за животот - дека почитта кон другите човечки суштества не е во честа која им ја даваме со пружање рака и тапкање по грбот, туку во суштинската грижа за нивната добробит и здравје.

повеќе

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе