Реакција

Николов: Тозија и Иванов се штетни за македонската кинематографија

Вчера Агенцијата за филм, Горјан Тозија, потпиша меморандум за соработка со Игов Иванов-Изу, претседател на Друштвото на филмските работници, здружение кое има правосилни пресуди за незаконски донесена одлука за разрешувањето на директорот на ИФФК „Браќа Манаки", реагира поранешниот директор на фестивалот Димитар Николов.

Димитар Николов

Тој во својата писмена реакција потсетува дека потписник на овој договор е и државната Агенција за филм, „синоним за институција која во последнава година е позната по поништување на конкурси, доделување на средства (во милиони евра) на проекти од „посебен интерес“, доделување на проекти на близок роднина на директорот, поддржување на фестивал со осум милиони денари, а намалување на буџетот на единствениот категоризиран фестивал во земјава за еден милион денари и уште многу други слични активности“. 

Николов вели дека овие два субјекта имаат сакаат да создадат лажна слика дека основниот претставник на филмските професионалци е Друштвото на филмски работници на Македонија, здружение со  помалку од 40-тина членови, од најмалку 350 професионалци, кои се активни во филмската дејност.

„Неточен е податокот дека 'овој меморандум ќе се стави крај на повеќегодишните проблеми што се создавале поради нетранспарентното и сомнително раководење на Агенцијата за филм, а на голема штета на македонската кинематографија'. Затоа што сите филмови кои се снимале во периодот од кога фондот односно агенцијата постојат, биле доделувани речиси исклучиво на членови на ова здружение. И тоа неколку одбрани. На тие членови во тој период им се доделени огромни средства, над 85 отсто од буџетот (а тој последниве 10-тина години бил огромен) за проекти по разни основи. Дел од тие избрани членови на ДФРМ добивале уште поголеми дополнувања на своите филмски буџети (во милиони евра) директно од Владата на Република на Македонија, од истата таа чии наводни жртви биле. А всушност добиле многу милиони евра.

Лага е дека 'друштвото беше соочено со притисоци кон членовите да преминат во новосоздадени здруженија, обиди да му се одземе фестивалот „Браќа Манаки“, да му се оспори лиценцата за избор на македонски кандидат за Оскар'. Никакви притисоци немало членови од ДФРМ да преоѓаат во други здруженија. Новосоздадената  Асоцијација на филмски професионалци на Македонија (АФПМ), е најголемо здружение на филмски професионалци во земјава благодарејќи на транспарентното работење и пристап кон сите филмаџии. Незадоволни членови, или филмски професионалнци на кои им било оневозможено да членуваат во ДФРМ, а сакале да допринесуваат во развојот на филмската дејност, станале активни членови во АФПМ.

Никој не се обидел да го одземе ИФФК „Браќа Манаки“. Се појави асоцијацијата „Центар за филм Битола“, која сакаше најтранспарентно да се вклучи во процесот на организација и реализација на овој фестивал и трошењето на 150.000 евра државни пари од страна на здружение против кое судот веќе имаше донесено пресуда за незаконско работење. Уште повеќе градот Битола, сосема легитимно, како основач, ја регистрираше трговската марка ИФФК „Браќа Манаки“ во Државниот завод за заштита на интелектуална сопственост. Градот Битола во 2015 година стана и град на филмот, во мрежата на креативни градови поддржана од УНЕСКО и заслужуваше да е посериозно вклучен во развојот на овој фестивал. Целта на ова здружение беше да го доближи „Браќа Манаки“, до сите граѓани и ентузијасти од градот, кои на кој било начин можеа и сакаа да се вклучат во организацијата и реализацијата на оваа манифестација. Од таа најтранспарентна постапка се направи фама за безмалку кражба. И денес на веб страницата на министерството  стои една небулоза, која веруваме дека наскоро ќе биде исправена, најверојатно пласирана од некој од советниците на поранешниот министер со цел тој и јавноста да бидат изманипулирани и доведени во заблуда. Во текстот се вели 'ги ослободуваме и стабилизираме институциите, ги откриваме злоупотребите на парите на граѓаните'. Без оглед на трансферот на власта во институциите, работата на културните установи и сите тековни манифестации се реализираа без нарушувања и тешкотии, со целосна поддршка од министерството. Дури и онаму каде што имаше предизвици, помогнавме тие да се надминат, како што беше со процесот на враќање на организацијата на Фестивалот „Браќа Манаки“ на друштвото на филмските работници/професионалци, кое повеќе од 3 децении го организира фестивалот, а на кое со одлука на поранешната власт му беше одземена организацијата и доделена на новооформен ентитет.

Неточно, несериозно и тендециозно е да се тврди од кој и да е, дека имало каков и да е обид за одземање на фестивалот од кој и да е. Уште поголема злонамера постои во делот кој вели дека претходната власт му ја доделила организацијата на новоформиран ентитет, а ја одзел од ДФРМ. Кутрите свети четириесет маченици.

По однос на лиценцата за Оскар, јас не знам дали е оспорена официјално, но дека изборот е спорен, тоа е неспорно. Па која мала земја како нашата, може да си дозволи во последните неколку години да не испраќа свој кандидат за Оскар, на база на кобожемски уметнички и естетски критериуми, притоа негирајќи ја сета заложба на група автори, изведувачи и други субјекти, доведувајќи ја под прашалник и целокупната финансиска поддршка што државата ја дала „напразно“ на овие проекти. Кое е тоа здружение кое се става над интересите на филмот и филмската продукција во Република Македонија, за да денес биде привилегирано да потпишува меморандум со Агенцијата за филм. Инаку за потсетување првата жртва на оваа практика на неиспраќање кандидат за Оскар, е сегашниот претседател на друштвото и сите со малку подобра меморија се сеќаваме на неговата реакција од тоа време.  

Крајната цел, е точно во еден транзициски период, каков што е сега, со методи и тактика за нив својствена отсекогаш, се обидуваат да создадат заблуда кај институциите и сите помалку информирани, за да си создадат подобра стартна позиција при своето вклучување, институционално или индивидуално во реформите кои треба да следат. Со неточни информации и иницијативи кои се само алиби, за да се продолжи по истиот курс и со истите луѓе.

Овој меморандум за соработка според нив е од огромно значење 'бидејќи со него се официјализира институционалната поддршка од страна на Агенцијата за филм кон ДФРМ, најстарата жива македонска филмска институција'. ДфРМ е само едно старо, прилично старомодно и неактивно здружение кое сака да е институција и тоа ако може по дифолт. И ја има целосната поддршка од поранешниот нејзин претседател, а сега директор на Агенцијата за филм, поранешен државен секретар и партиски активист. Кој пак од друга страна не ги есапи АФПМ, најголемата асоцијација на филмски професионалци, МЗФП кое е единственото здружение на продуценти кое е формирано по условите на ФИАПФ, најголемата федерација на светски асоцијации на продуценти и кое од 2017 е член на оваа федерација, АФИДИ, асоцијацијата на филмски дистрибутери членка на ФИАД, федерацијата на светски асоцијации на филмски дистрибутери итн. Ниту една од овие асоцијации не е поддржана од Агенцијата на филм на последните конкурси за проектите со кои аплицирале за развој на кинематографијата во Република Македонија, а ниту им е прифатена молбата агенцијата да ја покрива членарината во меѓународните асоцијации во кои членуваат.

Нема да навлегувам во дополнителни анализи на потпишаниот меморандум. Се обраќам само за да апелирам дека треба да бидеме внимателни со овие луѓе. Затоа што штетата што сега можат да ја направат може да значи крај на македонската кинематографија. Како што се случи со „Вардар филм“, институцијата во која многумина од нив работеа и директоруваа“, пишува Димитар Николов. 

Според Агенцијата за вработување, најмногу невработени има меѓу дипломираните правници, економисти, професори по одделенска настава на македонски и албански јазик и социјални работници. 

повеќе

Република Македонија треба да понуди законска можност за реализација на правото на приватен и семеен живот за истополовите партнери.

повеќе

Умре Милена Дравиќ. Да живеевме во некое друго време, во некоја друга земја, таа вест ќе се прикажеше на екраните на југословенските телевизии, како што ни се прикажа веста за смртта на Тито.

повеќе