Филмски сплетки

Во Еуроимаж има интерес за новиот проект на Манчевски, 7 странски копродуценти го поддржуваат филмoт, но македонската Агенција за филм сѐ уште без одлука

Фокусиран сум на новиот проект, на кој веќе работат копродуценти од осум земји, а дали во него ќе се вклучи и Македонија не зависи од мене, изјави за МКД.мк режисерот Милчо Манчевски по повод најновите разврски за финансиската поддршка за неговиот најнов проект „Кајмак“. Еуроимаж, фондот за културна поддршка на Советот на Европа, прашува каде е застојот со проектот на Манчевски. Филмските фондови од 7 членки на Еуроимаж се согласни да влезат во продукција на овој филм, но засега нема никаков одговор од Агенцијата за филм, против чиј директор, Горјан Тозија, вчера Транспаренси интернешнел поднесе и кривична пријава.

„Во текот на јунската сесија на Еуроимаж добив неколку интервенции и прашања од колегите претставници на другите држави во врска со новиот проект „Кајмак“ на режисерот Милчо Манчевски. Седум странски продуценти кои пројавиле интерес за учество во овој проект ги очекуваат резултатите од нашиот конкурс за 2020 година за да можат да аплицираат во своите фондови“.

Ова е дел од писмото на Татјана Пепељугоска, националниот претставник во Еуроимаж, испратено деновиве до Горјан Тозија, директорот на македонската Агенција за филм.

Ова всушност значи дека за најновиот проект на македонскиот режисер Милчо Манчевски продуцентите од седум земји чекаат одговор од Македонија, од Агенцијата за филм, за делумно финансирање на овој проект, за да можат и тие да донесат позитивна одлука во однос на продукцијата на „Кајмак“.

Испровоциран од ова писмо, до Агенцијата за филм пиша и Хисни Исмаили, министерот за култура. Министерот Исмаили вели дека „од особено значење и во услови на здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот ковид-19 е да се одржи континуитетот на филмската дејност во Република Северна Македонија, вклучително и активностите на кои пандемијата нема влијание, како што се развојот на проекти и соработката со странски копродуценти и странски филмски фондови во развој на мнозински и малцински проекти“.

„Од комуникацијата со директорот и со Управниот одбор на Агенцијата за филм, известени сме дека постапката на одлучување по пријавите по конкурсот е во тек. Министерството за култура очекува дека во објективна, законита и транспарентна постапка, Агенцијата за филм наскоро ќе донесе одлука за избор на проекти по конкурсот.

Во оваа прилика би сакале да ја поздравиме можноста, во реализацијата на филмскиот проект на Милчо Манчевски да се вклучат и странски копродуценти што доволно говори за потенцијалите на филмот „Кајмак“, што кореспондира и со заложбите на Министерството за култура изразени во Националната стратегија за развој на културата 2017-2022 да се поддржуваат успешни проекти и творци кои ќе ја афирмираат Република Северна Македонија во светот“, пишува Исмаили во писмото испратено до Тозија и до Пепељугоска. Исмаили додава дека со творештвото на Милчо Манчевски се создаваат и промовираат вредности што се од јавен интерес во културата.

Еве што вели за ова Манчевски за МКД.мк: „Фокусиран сум на новиот проект. На него веќе работат копродуценти од осум земји (Данска, Велика Британија, Белгија, Луксембург, Словенија, Албанија, Унгарија и Полска). Дали во проектот ќе се вклучи и Македонија не зависи од мене. Нема да биде првпат македонските културни моќници да ми ги блокираат проектите“.

За мартовската распределба на парите од Агенцијата за филм, за која се води истрага од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) е поднесена и кривична пријава против Горјан Тозија од Транспаренси интернешнел. Во оваа распределба го немаше проектот на Манчевски. Најавено е дека за новите проекти во Агенцијата за филм постапката е во тек.

Инаку, на една од пријавите до ДКСК за работата на Агенцијата за филм и на директорот Горјан Тозија потпишан е и Милчо Манчевски.

А.Д.

Релевантните институции покажуваат неподготвеност да го спроведат долгоочекуваниот попис.

повеќе

Економската стратегија има за цел да се реализираат можностите на дигиталната трансформација, да се зајакне соработката во областа на климатските промени, енергетскиот сектор, човечкиот развој и безбедноста на храната.

повеќе

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе