Недела на јапонски филм: Модерен аспект проткаен со древната култура

Од 4 јуни до 9 јуни на сцената на летното кино Мирно лето во Кинотеката ќе се одржи филмскиот циклус „Недела на јапонски филм“. Ревијата на современ јапонски филм годинава почнува на 4 јуни со почеток во 20 часот со проекцијата на „Покажи ми го патот до станицата“ (Eki Made no Michi wo Oshiete / Show me the way to the station) на Наоки Хашимото (Naoki Hashimoto).

Како и филмот на отворањето, снимен во 2019, ревијата продолжува со филмови кои се реализирани во последниве три години. Се работи за насловите „Ресторан од небото“ (Sora no resutoran / Restaurant from the sky) на Јошихиро Фукагава (Yoshihiro Fukagawa); „Само мачката знае“ (Hatsukoi: Otosan, Chibi ga Inaku Narimashita / Only the cat knows) на Шотаро Кобајаши (Shotaro Kobayashi); Стоп-моушн анимирани филмови на Такеши Јаширо (Stop Motion Animation Films by Takeshi Yashiro), уникатни дела кои ретко се прикажуваат надвор од Јапонија; „Ручекот на тато“ (Papa no obentô wa sekaiichi / Dad’s lunch box) на Масаказу Фукацу (Masakazu Fukatsu); и „Секој ден е добар ден“ (Nichinichi kore kôjitsu / Every day a good day) на Тацуши Омори (Tatsushi Omori).

Изборот за годинешното издание на Неделата на јапонски филм е главно од жанрот на семејната драма: филмовите ни го осветлуваат актуелниот аспект на модерното живеење во Јапонија, низ кој се проткајува чудесната традиција на древната јапонска култура и цивилизација.

Билетарата ќе биде отворена секој ден од 19 часот; проекциите се бесплатни и започнуваат во 20 часот. Проекциите се одвиваат со почитување на препораките за заштита од ковид-19.

 

4 ЈУНИ (ПЕТОК), 20:00

ПОКАЖИ МИ ГО ПАТОТ ДО СТАНИЦАТА

(Eki Made no Michi wo Oshiete / Show Me The Way To The Station)

Игран филм, Јапонија

2019, 125 мин., колор, ДЦП

Режија: Наоки Хашимото (Naoki Hashimoto)

Сценарио: Иџуин Шизу (Ijuin Shizu)

Улоги: Ниицу Чисе, Јоши Оида, Сакаи Маки, Такито Кеничи (Niitsu Chise, Yoshi Oida, Sakai Maki, Takito Kenichi)

Девојчето Сајака сè уште не може да прифати дека Лу, нејзиното сакано куче, починало. Еден ден Сајака оди на тајното место каде што играле заедно со Лу за да го бара, верувајќи дека тоа е сè уште живо. Таму наидува на куче, кое по неколку дена подоцна, повторно ќе го сретне пред кафуле во нејзиното соседство. Сопственикот на кафулето, Котаро, во соседството важи како тврдоглав и необичен. Исто како и Сајака, и стариот Котаро сè уште не може да ја прифати реалноста по смртта на неговиот мал син пред неколку децении... Сајака започнува почесто да го посетува кафулето на Котаро и тие постепено се запознаваат подобро. Заедничка им е силната желба повторно да ги видат оние кои ги сакале, а заминале. Така, тие двајцата се среќаваат со една чудесна „илузија“...

 5 ЈУНИ (САБОТА), 20:00

РЕСТОРАН ОД НЕБОТО

(Sora no resutoran / Restaurant From The Sky)

Игран филм, Јапонија

2019, 126 мин., колор, ДЦП

Режија: Јошихиро Фукагава (Yoshihiro Fukagawa)

Сценарио: Доки Харуми (Doki Harumi)

Улоги: Оизуму Јо, Хонџо Манами, Окада Масаки (Oizumi Yo, Honjo Manami, Okada Masaki)

Ватару живее со неговата сопруга и ќерката Шиори на ранч со добиток во Хокаидо. Го наследил ранчот од неговиот татко. Тој произведува и сирење, но не е толку вешт во правењето сирење и неговиот строг учител често го критикува. Сепак, тој добро се забавува со своите колеги, вклучувајќи го и Канбе, кој се пресели од Токио во Хокаидо. Еден ден, кај нив доаѓа познат шеф-готвач од Сапоро, со намера да купи намирници што ги произведуваат на ранчот. Ватару и пријателите се воодушевени од готвењето и одлучуваат да отворат ресторан. Тие сакаат нивните клиенти да го доживеат истото чувство што го имале кога ја вкусиле преубавата храна на готвачот...

6 ЈУНИ (САБОТА), 20:00

САМО МАЧКАТА ЗНАЕ

(Hatsukoi: Otosan, Chibi ga Inaku Narimashita / Only The Cat Knows)

Игран филм, Јапонија

2019, 104 мин., колор, ДЦП

Режија: Шотаро Кобајаши (Shotaro Kobayashi)

Сценарио:  (Yuka Honcho, Keiko Nishi)

Улоги: Татсуја Фуџи, Киеко Баишо, Микако Ичикава (Tatsuya Fuji , Chieko Baisho, Mikako Ichikawa)

Масару (Фуџи) и Јукико (Баишо) се во брак речиси поповина век. Тие имаат три деца кои живеат независно од нив. Масару и Јукико ги живејат мирните пензионерски денови: секојдневната рутина на Масару се состои од негодување и или игнорирање на сопругата Јукико: груб е спрема неа, одбива да разговара. Не ја забележуве Јукико дури и пред други луѓе, негови пријатели од локалниот шоги-клуб, каде што редовно седи. Јукико дома плете или гледа корејски ТВ-серии, и единственото друштво во осаменоста ѝ е Чиби, црната мачка скитница, која многу ја сака. Но, еден ден, Јукико ѝ кажува на својата ќерка Наоко (Ичикава) дека сака да се разведе од Масару...

САМО МАЧКАТА ЗНАЕ на Кобајаши е базиран на популарниот „манга“ стрип на Кеико Ниши. „Манга“ е специфичен стил на цртање стрипови, развиен во Јапонија во кон крајот на 19. век – со корени во раната јапонска уметност – а потоа актуелизиран и популаризиран по Втората светска војна. „Манга“-стриповите се популарно четиво на возрасните Јапонци. Најчестите жанрови кои се застапени во „манга“-стриповите се акција, авантура, романтика, спорт, историја, комедија, научна фантастика, мистерија, хорор, секс, бизнис... Овие стрипови се популарни и во светот, па често се инспирација и за филмските автори.

Возрасна категорија: 14 години

7 ЈУНИ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00

СТОП-МОУШН АНИМИРАНИ ФИЛМОВИ НА ТАКЕШИ ЈАШИРО

(Stop Motion Animation Films by Takeshi Yashiro)

- НОРМАН СНЕШКОТО: ПОЛАРНАТА СВЕТЛИНА (Norman The Snowman: The Northern Lights, 2014) -

- НОРМАН СНЕШКОТО: НОЌТА КОГА ПАЃААТ ЅВЕЗДИ (Norman The Snowman: On A Night Of Shooting Stars, 2016) -

- МЕСЕЧИНА НА НЕСОНИЦА (Moon Of A Sleepless Night, 2017) -

- ГОН, МАЛАТА ЛИСИЦА (Gon, The Little Fox, 2019) -

Филмовите реализирани со стоп-анимација на наградуваниот режисер Такеши Јаширо ретко се прикажуваат надвор од Јапонија, па затоа ова е уникатна можност за уживање во изборот за НЕДЕЛАТА НА ЈАПОНСКИ ФИЛМ во Кинотеката.

Такеши Јаширо (р. 1969) дипломирал на Универзитетот за уметности во Токио во 1993 година. Како директор во компанијата „Таијо Кикаку“ (Taiyo Kikaku Co. Ltd.), јапонска компанија за производство на ТВ-реклами, тој режира бројни реклами, но самостојно создава и разни техники на анимација, користејќи ги и усовршувајќи ги во неговите комерцијални филмски дела и интернет-продукции. Во 2012 година се фокусира на создавање на „стоп-моушн“ анимација. Делата на Јаширо создаваат чувство на рачни изработки; а освен аниматор, тој е и сценарист, режисер, сценограф и креатор на кукли.

 

8 ЈУНИ (ВТОРНИК), 20:00

РУЧЕКОТ НА ТАТО

(Papa no obentô wa sekaiichi / Dad’s Lunch Box)

Игран филм, Јапонија

2017, 76 мин., колор, ДЦП

Режија: Масаказу Фукацу (Masakazu Fukatsu)

Сценарио: Тошицугу Оно (Toshitsugu Ono)

Улоги: Тошими Ватанабе, Рена Такеда, Шо Кијохара (Toshimi Watanabe, Rena Takeda, Sho Kiyohara)

Филмот на Фукацу е инспириран од вистинска приказна за еден јапонски татко, кој три години подготвувал секојдневни ручеци „бенто“ – за својата ќерка-средношколка. Неговите ручеци се повеќе од вообичаени оброци: тие се вкусни и непобедливи креации, секогаш спакувани во интересен стил. За целиот тој период, таткото се потрудил да подготви прекрасна храна за својата ќерка додека е в училиште... РУЧЕКОТ НА ТАТО избира многу директен пристап: сите дијалози во филмот се за ручеците. Таткото и ќерката Мидори, таткото и неговите колеги, Мидори и нејзиното момче, Мидори и пријателките... Сите разговараат само – за храната која таткото ја подготвува за ќерката...

9 ЈУНИ (СРЕДА), 20:00

СЕКОЈ ДЕН Е ДОБАР ДЕН

(Nichinichi kore kôjitsu / Every Day A Good Day)

2018, 100 мин., колор, ДЦП

Режија: Тацуши Омори (Tatsushi Omori)

Сценарио: Тацуши Омори (Tatsushi Omori)

Улоги: Хару Куроки, Кирин Кики, Микако Табе, Шинго Цуруми (Haru Kuroki, Kirin Kiki, Mikako Tabe, Shingo Tsurumi)

Норико е студент на Универзитет. По препорака на нејзината мајка, Норико започнува да присуствува на традиционалната јапонска церемонија на чај во близина на нејзината куќа, со нејзиниот братучед Мичико. На тие церемонии на чај, Норико е подучувана од наставникот Такеда. Норико го стекнува искуството на церемонијата на чај во својот живот, искуство токју потребно за неа, во моментите на тага или среќа...

СЕКОЈ ДЕН Е ДОБАР ДЕН е базиран врз есејот на Норико Моришита (Noriko Morishita) од 2002 година – кој го анализира филозофскиот дух на овој сегмент од јапонската традиција. Јапонскиот израз „日々是好日“ („nichinichi kore koujitsu“), или „секој ден е добар ден“ – е зен израз што се користи во популарниот социјален момент на „церемонијата на чај“, што е многу повеќе од просто испивање топол (или студен) напиток од разни видови билки...

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе