И по една година од излегувањето од печат

Монографијата за „Браќа Манаки“ сѐ уште без промоција

Промоцијата на монографијата „40: ИФФК Браќа Манки" во издание на Кинотеката на Македонија, која од печат излезе минатата година, сѐ уште не може да ја доживее својата промоција. На два пати закажаните промоции беа откажани поради почитување на мерките за заштита од ковид-19. Станува збор за прво поголемо издание кое одбележува јубилеј на фестивалот „Браќа Манаки",

Поради пандемијата со корона вирусот, во март годинава закажаната промоција на монографијата издадена по повод 40-годишнината од основањето на Фестивалот, беше откажана иако претходно беа набавени авионските билети за странските гости и промотори.

Откажување на промоцијата се случи и подоцна, на фестивалот „Браќа Манаки" заради познатите превентивни мерки и протоколи за заштита на јавното здравје, соопштија од Кинотека. Оттаму порачуваат дека е заклучено оти изданието ќе биде промовирано во оној момент кога ќе се создадат поповолни и побезбедни услови. Монографијата може да се набави во книжарницата на Кинотека."

Станува збор за прво поголемо издание кое одбележува јубилеј на фестивалот „Браќа Манаки", кој е еден од ретките во светот фокусирани на филмската фотографија и работата на директорите на фотографија, кинематограферите.
Фестивалот „Браќа Манаки" од манифестација (Манакиеви средби) прерасна во фестивал на југословенска камера, за по осамостојувањето на Македонија да добие меѓународен карактер. Денес е официјално познат како Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки".

Монографијата го следи развојот на фестивалот.
„На картата на европските филмски фестивали има еден на југот од Македонија кој е поинаков од сите, попосебен и повпечатлив. Фестивал на камерата." – се зборовите со кои уредникот на Програмата за култура на босанскохерцеговската национална телевизија BHT1, Џевдет Тузлиќ, го започнува својот осврт на значењето на фестивалот „Браќа Манаки" за европската кинематографија. Неговиот текст, заедно со уште 13 други за фестивалот и неговото значење, за историјатот и хронологијата, за браќата Манаки по кои е именуван фестивалот, како и за наградуваните филмови и филмски професионалци се поместени во монографијата со цел да дадат една заокружена слика за изминатите четири фестивалски децении.

Покрај Тузлиќ, автори на објавените текстови се и Гена Теодосиевска, сегашен директор на фестивалот, Благоја Куноски-Доре, поранешниот директор, а сега селектор на фестивалот, филмолозите Игор Старделов и Владимир Ангелов од Кинотеката на Македонија, Душко Димитровски – новинар и критичар од Сараево со постојан престој во Виена (чест гостин на Битола и на светските филмски фестивали), хроничарот Стефан Хаџи Андоновски, но и Пол Рене Ростад, претседателот на Меѓународната федерација на кинематографери (IMAGO), Миха Брун, филмски критичар и новинар од Љубљана и Најџел Волтерс, потпретседател на Британското здружение на кинематографери (BSC).

Ростад, претседателот на IMAGO, кој минатата година во име на федерацијата, на ИФФК „Браќа Манаки" му ја додели престижната награда – „Кристалното око" на IMAGO за неверојатен придонес кон уметноста на кинематограферите, пишува дека за неговите колеги фестивалот е од исклучителна важност не само поради тоа што станува збор за најстариот фестивал од својот вид со посветен фокус врз уметноста на кинематограферите, туку и поради високиот квалитет на фестивалот, професиналната администрација и водство, како поради топлината и пријателската настроеност на луѓето на фестивалот и луѓето во Битола и Македонија.

Монографијата изобилува со фотографии од фестивалските церемонии, настани, тркалезни маси, мастеркласови, како и прес-клипинзи од написи објавени во печатените медиуми. Содржините се двојазични – на македонски и на англиски јазик, се вели во соопштението на Кинотека.

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе