„Лоша вест е дека со јавни средства се подржувале проекти кои не се во интерес на граѓаните. За жалење е тенденцијата на одредени кругови, кои се повикуваат на универзални вредности, а работат на уривање на тоа што за некој е значајно, вредно, дури и свето во Република Македонија. Ова е потврда дека има структури кои Македонија не ја разбираат како поле за културен натпревар меѓу народите, туку како поле за борба на секого против секого.
Поаѓајќи од ова, Министерството за култура се дистанцира од овој филм, го осудува јазикот на омраза кој го поттикнува тој и истакнува дека актуелниот состав на министерството останува посветен на поддржување на култура и културни проекти кои го почитуваат другиот, кои ги разбираат другите и кои афирмираат универзални културни вредности. Ние како министерство ќе градиме тесна соработка со актуелните раководители на Агенцијата за филм, за преземање на сите потребни законски чекори, со цел овој филм да не му наштети на соживотот на народите во Македонија. Откако го видов сценариото и ја разгледав документацијата, врз основа на член 60 од Законот за филмска дејност, донесов решение за спроведување на инспекциски надзор за утврдување на почитувањето на законската регулатива и другите прописи од областа на законот за филм. Иако уметноста нема граници, сепак таа не може да служи за поттикнување на омраза, со што се уриваат границите на љубовта и толеранцијата помеѓу луѓето.
Во комисијата што дала дозвола за овој филм нема ниту еден Албанец, што е посебен скандал, бидејќи вакви скапи проекти, кои го тангираат интересот на другите етнички заедници во земјата, не се нашол ниту еден Албанец или друг припадник на етничките заедници. Според нас, ова не е замислената мултиетничка и мултикултурна Македонија.
Иако овој не е првиот филмски проект кој се засновува на омраза кон другиот, бидејќи и во минатите години имало филмови со такви содржини, а во меѓувреме може да се појави и некој друг таков филм поддржан во изминатите години и минатиот режим, но за нас е важно да кажеме дека овој ќе биде последниот филм со ваква содржина. Со новиот Закон за култура ова прашање е регулирано поинаку и отсега натаму нема да има никаква можност некој со јавни пари да реализира проекти кои се косат со јавниот интерес на граѓаните. Затоа ние сме сигурни дека во иднина вакви примери на уривање на општествената кохезија во земјата, нема да се повторат“, рече Адеми.
На одлуката за некаква контрола на филмот „Ругање со Христос“, кој штотуку се прикажа на филмскиот фестивал во Монтреал, реагираше продуцентот и режисерот Јани Бојаџи.