Книга на Коле Ангеловски - „Педесет години во Драмски... и клоцата во ...“

Деновиве од печат излезе книгата „Педесет години во Драмски...и клоцата во..." на Коле Ангеловски, македонски театарски и филмски актер, театарски и филмски режисер, сценарист, писател, раскажувач и амбасадор на македонската култура.

Книгата, всушност, е своевиден автобиографски запис за работниот век од педесетина години што легендата на македонскиот театар Коле Ангеловски ги помина во Драмскиот театар во Скопје како актер и како режисер, но и искрена приказна за самиот театар, за луѓето во него и со кои работел, за претставите кои ги режирал, за успесите и наградите, но и за разочарувањата што ги доживеал. Впрочем, самиот автор за книгата вели:     

„Мојот живот во Драмски, пред се, беше огромната љубов кон Театарот и луѓето во него. Ова е многу субјективна и носталгична приказна за работите мене ми се случувале и, ако во овие мои писанија некој се почувствува навреден или обесправен, да знае дека не е со зла мисла, а може да е со намера. Ова е приказна за луѓето во Драмски, директорите, актерите, техничките директори, сценските работници, инспициентите, електричарите, тонските мајстори, шивачите, шминкерите, реквизитерите, администрацијата, чистачките, портирите.... за ходниците, тајните места во театарот, чигите, рефлекторите, прашината, провевот... за бифето, разговорите, песните, кавгите и тепачките...

Ова е приказна за претставите, пробите, животот во Театарот, за патувањата, турнеите, гостувањата, фестивалите... Сето ова јас го доживеав, но кој знае, можеби и не било баш така?!“

„Педесет години во Драмски... и клоцата во...“ ја красат и педесетина фотографии од најзначајните претстави што Коле Ангеловски ги режираше на сцената на Драмскиот театар, а содржи и индекс на театарски текстови што тој ги напишал и на театарски текстови што тој ги превел.

Рецензенти на книгата се Сашо Тасевски, актер во Драмскиот театар, и Свето Стаменов, новинар и публицист, кој е и уредник на изданието.

Излегувањето на книгата „Педесет години во Драмски... и клоцата во...“ е овозможено со финансиски средства на Министерството за култура.       

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе

Оваа појава почнува да претставува сериозна закана за учениците, но и грижа за родителите и наставниците.

повеќе

Пробацијата претставува клучна новина во реформата на нашиот пенитенцијарен и казненоправен систем и приоритетна цел на владината политика.

повеќе