Интервју

Јани Бојаџи: министерот и премиерот дадоа „лиценци за убивање“

Новиот македонски филм „Ругање со Христос“ предизвика многу реакции уште пред да биде прикажан во Македонија, а досега го виделе затворени кругови луѓе, или критичките ставови биле донесени врз основа на 4-минутниот трејлер. Режисерот на филмот, Јани Бојаџи, во интервју за МКД.мк ги искажува своите чувства на збунетост, поради реакциите во Македонија, и на радост, поради освоената награда за иновативност на престижниот филмски фестивал во Монтреал.

Трејлер од неколку минути од вашиот филм „Ругање со Христос“ предизвика многу реакции во политичкиот естаблишмент во Македонија. Што би можело да биде причината за заканувачките реакции? За што зборува филмот?

Реакциите и оценките за цел еден филм според трејлер се случија заради примитивизмот на тие што реагираа на таков начин. Се работи за луѓе кои немаат капацитети да се носат со ситуацијата во која самите се ставиле – во вакви времиња, комплицирани од секаков аспект да бидат министри и премиери! Има една сцена во „Андерграунд“ на Кустурица во која мајмунот ќе влезе во тенкот – реакцијата е: ќе биде катастрофа! За жал, тие денес влегоа во таков филм. Инаку нашиот филм зборува за тоа дека секоја сила предизвикува терор, а секој терор - војна!

Како лично се чувствувате по реакциите од страна на политичарите?

Лично се чувствувам збунето. Очекував секакви реакции. Но не вакви. По природа сум позитивен и оптимист, задоволен од животот. За жал, сега гледам дека е полошо од тоа колку што се плашев дека е. Ме плаши тоа што негативната селекција ни стана нормалност. Страв ми е што сме толерантни кон незнење, криминал, неморал и примитивизам.

Иако имаше светска премиера на филмскиот фестивал во Монтреал, филмот јавно не е прикажан во Македонија. Премиерот Заев му дал „задача на министерот за култура да разговара со директорот на Агенцијата за филм да ги спречат и да најдат законски начин за сите активности на промоција на вакви дела“. Планирате ли македонска премиера на филмот во вакви услови?

Деновиве седиме во продукцијата и мислиме што да правиме. И загрижени сме од тоа дека ни се закануваат оти ќе оделе до крај! Што значи тоа „одење до крај“?! Ако ние на 20 септември закажеме премиера во „Кино Милениум“ тие ќе испратат полиција да не избрка и да ја забрани премиерата ли? Не знам. Потоа ако имаме премиера во Тетово, Гостивар или Куманово, на пример? Што ќе се случи таму? Доколку се случат инциденти, кој ќе биде одговорен за тоа? Тие во моментов контролираат обвинителство, судство, полиција... Кој ќе нѐ заштити од евентуални напади? Прашуваме. Немаме одговори. И на крајот од сѐ, знаеме дека министерот и премиерот дадоа „лиценци за убивање“. Сега секој екстремист знае дека има поддршка од највисоките владини претставници. Кого имаме ние?

Дали организирање на македонска премиера на филмот е дел од обврските на продуцентот кон Агенцијата за филм на РМ, како поддржувач на проектот преку Конкурсот за финансирање проекти (иако станува збор за проект поддржан во 2015 година)?

Секако дека е обврска. Ние имаме договор со Агенцијата за филм да организираме премиера и после таа премиера да го доставиме финалниот продукциски и финансиски извештај. И на крајот да објасниме со таа манипулација наречена 2015 година. Видете, проектите кои денес ги одобрува оваа Влада и ова Агенција во 2018 година, имаат рок за реализација од 5 години. Значи, ако ова Влада има мандат од 4 години, а директорот на Агенцијата два мандати по две години, тогаш може да се случи сите проекти одобрени од оваа власт да се реализираат во некоја следна, со некој следен министер и следен директор на Агенција. И сега, ќе дојде новата власт, новиот министер и новиот директор и ќе речат тие се проекти од 2018 годнина, ние не ги признаваме! Знаете ли на каде води ова? Ете го нивниот примитивизам и неспособност да се соочат со фактотот дека светот ниту од нив почнал, а сигурен сум, нема со нив ни да заврши!

Во чија продукција е филмот „Ругање со Христос“ и кои продуценти, актери, филмска екипа, учествуваа во неговото снимање и постпродукција?

Филмот е во продукција на „Орион продакшн“ и „Кандела“ од Македонија со продукциско учество на СТВА од Словенија. Играат актери од Македонија, Грција, Франција, Албанија и Словенија. Филмот е снимен на локации во Македонија, Грција и Франција. Во филмот има и техничка екипа од Бугарија, Хрватска, Словенија, Грција и Албанија.

Во едно интервју изјавивте дека ова е филм со најнизок буџет што е снимен во Македонија. Со колку средства е снимен филмот и дали нискиот буџет имаше влијание во естетската реализација на филмот?

Филмот има буџет од 290.000 евра, но продукциска вредност од 2.900.000 евра. И тоа ги уплаши сите околу нас. Во Македонија пред „Ругањето со Христос“ откога ќе се завршеше некој филм, главно по весници се збореше за тоа - кај е потрошен буџетот и кој ги украл парите!? Сега за прв пат после долго време се зборува за тоа каков е филмот! Досега во Македонија се снимаа филмови со 900.000 евра во декор со десетина актери. Ние со тие средства реализиравме филм со 60 актери и 650 статисти, во три земји со шест недели снимање и 16 недели постпродукција. За осум месеци од денот на последната клапа филмот беше завршен, аплициран на фестивали, покажан на А-класа фестивал и освои награда! Ние сме пример за добра практика во индустријата.

Јас нескромно тврдам дека сум најдобриот продуцент во Македонија. Ова го зборуваат фактите. Но и самата Агенција, која уште пред три месеци го пофали нашето работење и го афирмира како позитивен пример за посветеност, професионалност и одговорност кон финансиите. Ние досега имаме поднесено неколку наративни и неколку финансиски извештаи и немаме добиено ниту една, ама ниту една забелешка. А што би можеле да ни забележат? Нема што да ни одземат. Јас очекувам да ни придодадат за да го наградат нашиот труд и нашето знаење.

Веќе на првиот фестивал на кој беше прикажан, во Монтреал, филмот освои награда за иновативност. Што тоа ви значи? Какви беа реакциите на публиката во Монтреал по гледањето на филмот?

Ми значи многу. Светот го препозна тоа што ние уште на почетокот сакавме да го постигнеме. Со изразните средства на документарниот филм да снимиме игран филм. На крајот, сите од професијата знаат дека ова е филм кој раскажува четири одделни приказни во фугатна структура, која на крајот се прелева од една во друга структура и 150 минути поигрувајќи си со сите жанрови. И знаат дека тоа е опасно тешко и опасно комплицирано. Во нашиот случај е успешно направено. Тоа не остана незабележано и беше наградено.

По наградата во Монтреал и по заканите во Македонија, планирате ли дистрибуција на филмот? Каков понатамошен живот ќе има вашето филмско дело?

Секако дека планираме и ќе го дистрибуираме филмот и во Македонија и во светот. Јас се радувам на моментот кога филмот ќе си се исправи на сопствените нозе и независно од нас како творци ќе почне да си го живее својот живот. А ние да се посветиме на следниот филм.

Тони Димков

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе