ТЕАТАРСКА ПРЕМИЕРА

Искуство и талент се здружени со младешка енергија за да се отслика духот на нашето време (ВИДЕО)

Со голема самодоверба и ентузијазам екипата на претставата „Венецијански трговец“, работена според истоименото дело на Вилијам Шекспир, текст од Плаут и сонети од Шекспир, влегува во премиерната изведба на поставката во режија на Наташа Поплавска во Драмски театар, закажана за 7 март 2017 година.

Според програмските активности на Драмскиот театар, станува збор за втора премиера на овој театар во 2017 година, а последна претстава од програмата поддржана од Министерството за култура за 2016 година. Претставата била подготвувана речиси четири месеци.

Во подготовката на претставата „Венецијански трговец“ во режија на Наташа Поплавска, која првпат поставува претстава во Драмски театар, а вторпат поставува текст од Вилијам Шекспир, по „Ромео и Јулија“, учествуваат драматургот Дарко Спасов, гостинката од Србија Маја Митиќ, која е задолжена за сценските движења, костимографот Александар Ношпал, кореографката Ирена Лозинска, дизајнерот на светло Милчо Александров, дизајнерот на промо-материјалите Емил Петро, додека за музиката се задолжени Јана Стојановска, Лука Ѓоргиевски и Андреј Блажевски.

Во актерската екипа учествуваат Јовица Михајловски како Шајлок, Зоран Иваноски (Антонио), Стефан Вујисиќ (Порција), Дамјан Цветановски (Басанио, кнезот од Мароко), Диме Илиев (Првата дама), Јана Стојановска (Актерот), Златко Митрески (Ланселот), Григор Јовановски (Џесика, кнезот од Арагонија), Сергеј Димоски (Грацијано), Јаков Спасов (Лоренцо), Анастас Тановски (Тубал, дуждот Венецијански) и Марко Илиќ (Нериса).

„’Венецијански трговец‘ е еден од најмалку изведуваните драмски текстови на Вилијам Шекспир, дело со кое уште еднаш се потврдува 400-годишната актуелност на авторот. Во оваа трагикомедија Шекспир успева вешто да создаде целина од најмалку три приказни. За првата тема, да се отсече половина килограм човечко месо, која е од ориентално потекло, Шекспир се послужил со еден расказ од збирката ’Глупак‘ (Pekorne) на италијанскиот автор Џовани Фјорентино, потоа се смета дека приказната за ќерката-бегалка е непосредна преземена од комедијата ’Евреинот од Малта‘ од Марлоу, а темата за богатата наследничка се смета дека е преземена од приказната ’Gesta Romanorum‘ за римскиот цар кој сакал да го жени својот син. Истовремено, Шекспир ги отвора темите за љубовта, милоста и правдата наспроти парите, омразата и одмаздата. И токму поради комплексноста на темите ова дело ја поместува рамката на класичната комедија“, објасни режисерката Наташа Поплавска.

Во македонската театарска историја „Венецијански трговец“ ја доживува својата втора постановка по 46 години. Првпат ова дело е поставено во 1970 година во режија на Хуго Клајн во Македонскиот народен театар, а во улогата на Шајлок се појавувал македонскиот актерски великан Петре Прличко.

За новата постановка на претставата била отворена аудиција на која се пријавиле 78 актери и актерки на возраст од 22 до 40 години.

„Пробав да замислам како се создавал театар во времето на Шекспир, се потрудивме да раскажеме приказна на наш начин, да ја погледнеме низ наши очи, денес. Создадов актерска екипа во која се вмрежуваат занаетот, искуството со талентот и младешката енергија со цел да се отслика духот на нашето време“, нагласи Поплавска.

Процесот на подготовка на претставата имал едукативно-креативен тек. Предвид биле земени времето на Шекспир и Елизабетијанскиот театар, каде сите големи улоги ги играле мажите, а за женските улоги биле бирани млади момчиња на кои гласовите сѐ уште им биле нежни. Во ретки исклучоци имало и жени-актерки кои ги толкувале најспоредните улоги или толкувале машки улоги за да не бидат откриени. Токму кралицата Елизабета инсистирала на институцијализација на патувачките театри и на скомрахите, што било битен предуслов кон создавањето на современите театри.

Прес-конференција за „Венецијански трговец“ во Драмски театар

Гостинката од Белград, Маја Митиќ, е актерка која се занимава со физички театар во „Дах-театар“ и следбеничка на школата на Гротовски и Еуџенио Барба, а во оваа претстава е соработник во режисерскиот дел од процесот.

„Размената на искуствата е најзначајниот дел од процесот на подготовката на оваа претстава, бидејќи кога се работи за уметност државните граници се небитни“, нагласи Митиќ.

Актерот Јовица Михајловски го игра ликот на Шајлок, една од значајните улоги во шекспировите дела.

„Шајлок, со тие реченици што Шекспир ги напишал пред 400 години, е борец против неправдата и нетолеранцијата, а борец за правдата и почитувањето на рамноправноста на сите национални и верски малцинства. Речениците на Шајлок се реченици и на Мартин Лутер Кинг, на Нелсон Мендела. Тоа ја дава актуелноста на Шајлок“, објасни Михајловски.

Доајенот на македонскиот театар Диме Илиев рече дека уживал во работата со своите многу години помлади колеги на сцената.

Младиот актер Стефан Вујисиќ, кој ја игра улогата на Порција, рече дека во креацијата на ликот настојувал од текстот на Шекспир да ја извлече средновековната Порција, но и да ѝ даде карактеристики на современа Порција, да го дофати сензибилитетот на жена, а тоа да не биде карикатура.

Следејќи ги новите трендови, за претставата „Венецијански трговец“ е изработен посебен вебсајт, кој можете да го погледнете тука.

Т.Д.

И сега вие замислете, на едно детенце од 6 години да му кажувате со авторитет на наставник дека не треба да се дефинира како машко или женско.

повеќе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе

Западен Балкан оди во насока на целосна контрола на државните институции во служба на политичките елити. Не е чудо што граѓаните имаат ниска доверба во овие институции.

повеќе