Филмски успех

„Исцелител“ на Ѓорче Ставрески ја освои филмската публика во Солун

Филмот „Исцелител“ на македонскиот режисер Ѓорче Ставрески ја освои наградата на публиката во рамки на програмата „Balkan Survey“ на 58-от Солунски филмски фестивал, кој заврши синоќа. Тоа е единствената награда што се доделува во балканската програма и прва награда доделена на македонски филм во 58-годишното постоење на фестивалот.

Балканската програма оваа година беше исклучително престижна, учествуваа 10 филма, меѓу кои и овогодишниот добитник на Сребрена мечка на берлинскиот филмски фестивал, романскиот „Ана Мон Амур“, потоа добитникот на ФИПРЕСЦИ-наградата на Софискиот филмски фестивал, српскиот филм „Реквием за госпоѓа Ј.“ и уште еден романски филм, учесник во официјална конкуренција на Локарно - „Charleston“.

„Сѐ уште сум под огромни ипмресии. Големо задоволство во моментов ми е што наградата на публиката ми покажа дека филмот, кој се движеше на тенка линија помеѓу драма и комедија, целосно допре до интернационалната публика. Се смееја на хуморот, се плашеа за главниот јунак, навиваа за среќна завршница. Имав две прекрасни проекции, а во релаксирана атмосфера слушнав коментари кои ми покажаа колку сме блиски како култури, особено притиснати од нашите апсурдни балкански невољи. Се надевам на добар прием и кај нашата публика“, изјави режисерот Ѓорче Ставрески во Солун.

Македонската премиера на филмот „Исцелител“ ќе се одржи на 19 ноември (недела), на затворањето на фестивалот на европски филм „Синедејс“ во киното „Милениум“ во Скопје.

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе

Оваа појава почнува да претставува сериозна закана за учениците, но и грижа за родителите и наставниците.

повеќе

Пробацијата претставува клучна новина во реформата на нашиот пенитенцијарен и казненоправен систем и приоритетна цел на владината политика.

повеќе