Горан Стефановски - во броеви, букви и бронза, накусо

Балканизирајќи ја Европа, но и европеизирајќи го Балканот, поетиката на Горан Стефановски е комуникациски систем од особен вид: таа поврзува невралгични места, ги заигрува, ги деконструира и потоа одново ги сложува, давајќи им ја посакуваната катарза.

Меѓу своите јавно изложени материјални богатства, Македонскиот народен театар поседува биста на академик Горан Стефановски (27.4.1952, Битола, Р. Македонија – 27.9.2018, Кантербери, Велика Британија), излеана во бронза, авторство на Илија Аџиевски.

Набљудувачот е зачуден од начинот на кој скулпторот го прикажал својот предмет на уметнички интерес: од една страна, во бронзата е извајан митологизиран Стефановски; неговиот креативен апарат, односно мисловен и творечки процес, е (пре)обликуван во глава-од-главите на Медуза Горгона, проколната со физичка накажаност заради својата (балканска, по потекло но и курентно културолошко својство!) убавина, да скаменува со својот поглед. Деконструирана, пластично прикажана низа од врски кои имаат исто извориште и кои (бес)конечно се разлеваат, бистата на Стефановски е мрежа од глави-клонови кои имаат опасно (по живот) својство. Оваа змиска мрежа, иако бронзено статична, постојано е во движење: се згуснува, се шири, трепери. Овој приказ на мислата на писателот, можеби е најдобрата слика  за парадигмата Стефановски: скамнувачки сплетени приказни кои директно го засегнуваат авторот лично, потекнувајќи од неговото битие, бивајќи неверојатно автентични и автохтони. Приказни од крв и месо. Митско парадигмантични и брутално реални едновремено. Хиперреални. Но и гротескни, љубовни, бескрајно иронични и цинични приказни. Болно директни. Соголени на вистини. Детски заиграни приказни.

Истата оваа биста, погледната од една друга перспектива, наликува на глава што станува корен, мисла која фатила корен, успешно одгледано дрво од единствено значење за природата. И тоа, од оној тип дрва околу кои некои идни екологисти ќе подигнуваат човечки ѕидови и ќе преземаат дејства за да ги заштитат од било каков тип уништување. Стефановски е уметничка и културолошка појава од единствено значење за развојот и значењето на македонската современа драматика, во европска зафатнина.

И двете слободни интерпретации на оваа бронза се сведуваат на две приказни: скамнувачкото многуумие и откорнатиот корен.

Приказни. Приказни. Приказни.

Парадигмата Стефановски која доминантно го маркира како драмски автор се крстопатот и распаѓањето или најпрецизно – распаѓање на/врз крстопатот. Но, само од едната страна. Од другата – тоа е парадигма за копнежот по себеси. Копнежот по себекоренот. Парадигма на туѓинецот што бара почва за сопствениот откорнат корен.

Особеностите на оваа поетика, силно одекната низ европските театарски кулиси како југословенска, потоа постјугословенска и сега веќе македонска, својот единствен образец го испишува во неколку важни точки.

Драмските фабули на Стефановски се автентични приказни кои ротираат околу една силна оска на нашата епоха: европеизирањето на Балканот и неговата друга страна од монетата, балканизирањето на Европа. Но, не претпоставено, туку лично засегнато, интимно провоцирано, почувствувано својство. Професорот, писателот и граѓанинот Стефановски, еднакво засегнати во оваа балкано-европеизација и обратно, го посветуваат сиот свој професионален, креативен и општествено ангажиран живот во најголема мера, на овој топос.

Следејќи ја натаму оваа парадигма, таа ја открива позицијата на аутсајдерот кој има својство да го деконструира системот. Бунтовникот. Маргинализираниот кој стои гордо наспроти Центарот кој го презира затоа што припаѓа на маргината. Центарот кој го измислил Другиот, маргинализираниот, сопствениот вишок. Откорнатиот, оној од бронзата. Деконструктивичарот Стефановски, со ракопис воспитан на прецизност, и директност, со реплики кои стигаат до коските, има свет на херои кои глобалниот поредок ги смета за антихерои колку да може, самиот тој, да ја потврди својата вредност, важност и особеност. Овие бинари преку кои се разобличува хипокризијата и во кои вистината е единствената маана и доблест, се едни од пунктовите кои ги отсликуваат автентичните својства на неговата поетика.

Парадигмата Стефановски, како shifting point од развојот на македонската драматика, е лифтот кој ја пренесува македонската драма кон современите европски трендови. Горан Стефановски е таткото на секое можно пост во македонското театарско битисување. Но не само театарското. Културолошкото воопшто. Неговата биографија (остварена во театар, телевизија, филм и радио), хронолошки претставена, бележи дваесет и три драмски текстови, шест адаптации за сцена, пет едночинки, една радиодрама, шест тв-драми, четири тв серии, шест филмски сценарија и седумдест и осум публикации (автономни, во хрестоматии и списанија) на шеснаесет јазици.

Хронологијата на праизведби на авторските драмски текстови завршува со Figurae Veneris Historiae (2014), продукција на СНТ Драма, Љубљана, во режија на Александар Поповски; пиесата има македонска праизведба во НТ Војдан Чернодрински, Прилеп, во режија на Наташа Поплавска (2016). Една година пред светската праизведба на Figurae Veneris Historiae, односно во 2013, на сцената на Драмски тетар Скопје, Слободан Унковски го праизведува текстот Огнени јазици.  Во претходната, 2012 година, театарот Улис од Загреб го нарачува текстот Одисеј и го праизведува во режија на Александар Поповски за продукција на Бриони, Хрватска. Во 2010 година, во копродукција меѓу Родени во Екс-Ју и Југословенско драмско позориште, Белград, Србија, Дино Мустафиќ го праизведува драмскиот текст Остави го тоа. Во 2006 пак, Слободан Унковски праизведува уште еден драмски текст на Стефановски, повторно на сцената на Драмскиот театар во Скопје – станува збор за пиесата Демонот од Дебар маало. Во 2003 британскиот театар Меланж (на чија сцена се поставени неколку текстови на Стефановски) го нарачува драмскиот текст Евримен кој е праизведен истата година во Ателје 212, Белград, Србија за веќе следната година (2004) да се оствари и англиската продукција. Македонската е во 2004 на сцената на Драмскиот театар Скопје, а во режија на Деан Дамјановски. Во 2000 година Стефаноски го пишува концептот, сценариото и драматургијата за Хотел Европа – голема европска театарска продукција и автентичен по концепт проект, режиран од девет источноевропски режисери, претставена на фестивали во Виена, Бон, Авињон, Стокхолм и Болоња. Текстот во 2004 година е продуциран во копродукција меѓу театарот Тко, Келн, Германија и Колектиф 12, а во 2005-тата на Студио театар сцената на престижниот Комеди Франсез. Во 2000-та година, театарот Трајсикл од Лондон (на чија сцена исто така е неколку пати поставен) му го нарачува текстот Хаг кој сѐ уште ја чека својата праизведба; на сцената на истиот театар во 1998 година, праизведен му е текстот Приказни од градот; во истата година, по нарачка на Интеркулт, а по повод манифестацијата од европско значење Стокхолм, европски град на културата, Стефановски го пишува текстот Еуралиен, кој ротира околу темите на отуѓувањето и национализмот. Текстот е праизведен во голема продукција, потпишан од тринаесет режисери и остварен од педесет актери.  Една година претходно (1997), речиси матичниот му лондонски театар Трајскл го нарачува текстот Касабалкан, кој премиерно ќе биде изведен во стокхолмскиот Стадстеатерн веќе следната, 1998 година. Во 1996 година Копенхаген станува Европски град на културата, а во рамки на манифестацијата претставен е текстот Баханалии (пишуван по мотиви на Еврипид); македонската праизведба на текстот е во 2010 година, во режија на Наташа Поплавска, на сцената на театар Ј.Х.К. Џинот, Велес. Во 1993 година, во меѓународна копродукција меѓу Јордциркус од Стокхолм, Антверп европски град на културата 1993 и Хамбуршкиот летен фестивал му се праизведува текстот Сараево, приказни од градот. Пиесата е публикувана во Велика Британија, во списанието Сторм, во САД, во списанието Изведувачки уметности, во Германија – списанието Балкан блуз, издание на Универзитетот Нортвестерн, како и преводи и изданија во Полска, Холандија и Франција. Текстот е продуциран и на три универзитетски сцени – во Ајова (1994), Њујорк (1994) и универзитетот во Флорида (1998), како и во Андермајн театарот во Далас.

Во 1991, двоецот Унковски/Стефановски потпишува следна своја продукција на Драмскиот театар во Скопје. Станува збор за претставата Чернодрински се враќа дома, која по својата праизведба има уште најмалку три други продукции на насловот. Две години претходно, двоецот ја има премиерата на претеставата Кула Вавилонска, а текстот добива награда на театарските игри во Прилеп во 1990, една година подоцна. Лонг плеј е премиерно изведена за време на Југословенската театарска недела во театарот Ан Дер Рухр, Миленхајм, Германија во 1989, една година пред праизведбата на Црна дупка во МНТ – наградена со награда за најдобар текст на Југословенскиот театарски фестивал во Нови Сад. Црна дупка е испитен проект на студентите по режија на колеџот Бруклин, отсек за театар, Њујорк, во 1988. Текстот е продуциран и од страна на Лидс Воркшоп театарот (1990), како и во уште најмалку осум меѓународни продукции; Тетовирани души премиерно изведена во Драмски театар Скопје, 1985, во режија на Паоло Маѓели. Наградена со награда за најдобар текст на МТФ Војдан Чернодрински, Прилеп, 1987; Дупло дно (1984), премиерно изведена во Драмски театар Скопје, во режија на Слободан Унковски. Наградена со награда за најдобар текст на МТФ Војдан Чернодрински, Прилеп, 1985 и продуцирана уште пет пати потоа; Хај-Фај (1982) најдобар драмски текст на МТФ Војдан Чернодрински, 1983. Публикуван во САД, БкМк прес, Универзитет Мисури, Канзас, 1985. Инсцениран е 17 пати; Лет во место (1981), праизведена во независна продукција, во режија на Слободан Унковски. Награда за најдобар драмски текст на МТФ Војдан Чернодрински, 1982. Осум пати продуцирана во различни продукции; Диво месо (1979) премиерно изведена во Драмски театар Скопје, во режија на Слободан Унковски, награден со Стериина награда и Октомвриска награда на Р. Македонија. Англискиот превод е публикуван во Словенски и источноевропски уметности, том 2, број 1, Државен универзитет во Њујорк во Стоуни Брук, есен, 1983. Јавно читање на текстот е одржано во Трајсикл театарот во Килбурн, Лондон, за време на фестивал на драмски текстови на поранешна Југославија во август, 1993; Јане Задрограз (1974), праизведена во Драмски театар Скопје, во режија на Слободан Унковски, претставена на БИТЕФ, на Парискиот и Каракаскиот театарски фестивал. Награда за најдобра драма од млад автор доделена од страна на Здружението на писатели од Нови Сад, Србија, во 1975.

Сумирајќи ја театрографијата во една реченица, дваесет и трите драмски текстови (всушност 24, вклучувајќи ја и адаптацијата за сцена на тв драмата Клинч од 1974) на Стефановски инсценирани се во преку шеесет продукции во (балканска) Европа и САД. Најмалку по една за секоја година од неговиот живот. Тријадата Стефановски-Унковски-Драмски пак, изведена од оваа фактографија, е пресвртната точка во поимањето на современиот македонски театар како автентична и сериозна појава во рамки на југословенската и европски свежа, едновремено. Со толкав интензитет и важност, ваков спој не се случил ни претходно, а ниту потоа низ македонската театарска традиција.  

Адаптациите за сцена на Стефановски, во хронологија, се следни: Духот на слободата (2003), продукција на НТ Битола од 2005; На патот кон Багдад (1999), адаптација на истоимениот роман од Гунели Гун, нарачан и продуциран во Гринкендл деннс, Лондон, изведен од Садлерс Велс, Лондон; Брехт во Холивуд (1995)еден од авторите на проектот продуциран и изведен во Мувинг театар, Бриџ Лејн, Лондон; Го сакам Чернодрински (1991) мултимедијален перформанс продуциран од НТ Битола; Зодијак (1990, либрето за рок-балет), продуциран од Македонскиот Национален Балет, на музика на Влатко Стефановски и Бодан Арсовски и Травијата (1989, либрето за рок-опера), продукција на ОКЦ, Загреб, Хрватска.

Во неговата биографија се бележи и една радиодрама, Шекспир ученикот (1975), во продукција на МРТ.

Автор е на следниве едночинки: Само човек (1998), нарачана од ХМР, Шведска повод 50 години од декларацијата на човековите права, изведена во 1998 во режија на Сузан Остен; Екс-ју (1996), нарачана од Трајсикл театар, Лондон, продуцирана во мај 1996, во режија на Николас Кент; Сега или никогаш (1955), продуцирана од независна група, претставена во Драмски театар, Скопје; Старецот кој носи камења (1994), нарачан и продуциран од Грин Кендл компани, Лондон, премиерно изведен на сцената на Лилијан Бејлис театарот во Лондон; Гоце (1991), продуцирана за Македонско оро, од страна на Канадско-македонската федерација во Торонто, Канада.

Сите тв-драми, освен Дивље месо од 1981, продуцирано од ТВ Белград, се продукции на ТВ Скопје: Оазата на Мира (1994), Тумба, тумба, дивина (1980), Томе од бензинската пумпа (1978),  Сослушувањето на железничарот (1977) и Клинч (1974), поставен двапати и како драмски текст.

Опусот на Стефановски ги вклучува и следниве тв-серии: Наше маало (1998), тв-серија за деца, нарачана од ЦТВ, Детската телевизиска мрежа, Њујорк, продукцијата која стои зад Улицата Сезам. Продукција на Во потрага по заедничка почва, прв пат емитувана во 2001;  Аирлија транзиција (1996), нарачан од УСАИД, продуциран од Мала Станица, Скопје; Бушавата азбука (1985), продукција на МРТВ и Наши години (1979), тв-драма во шест епизоди, продукција на МРТВ.

Што се однесува до сценаријата за игран филм, на број се шест: Што сакаш (2007), сценарио за краток филм базирано врз интервју со Ник Буртон, приредено од Енди Биртвисл, Лондон; Фрау Анјштајн (2007), Хамер продукција, Нови Сад, Србија. Волтер и Вирџинија (2005), прв драфт за сценарио нарачано од Гет Филм, Стокхолм. Режија на Сузан Остен; До балчак (1987, 2001) – автор на сценарио, продукција на Ватершерд продакшн, Лондон; Париз-Истра (1991), дел од сценариото за обнимус-филм, продуциран во Хрватска, режиран од Ратко Грлиќ; Хај-Фај (1988), автор на сценарио за продукцијата на Вардар филм, Скопје, во режија на Владимир Блажевски.

Од 1975 година, кога непосредно по премиерната изведба на сцената на Драмски театар, драмскиот текст Јане Задрогаз е публикуван во двесеттиот број на македонското книжевно списание со скопска адреса Културен живот, па преку 2016 - публикацијата на шпанскиот превод на две драми во книгата насловена по неговиот последен праизведен текст Figurae Veneris Historiae, па сѐ до хрватските изданија претставени на Пулскиот саем во Хрватска годинава, Стефановски е публикуван во седумдесет и осум публикации (автономни, во списанија и хрестоматии) на шеснаесет јазици: српски, хрватски, шпански, романски, француски, словенечки, англиски, руски, словачки, полски, германски, италијански, турски, холандски и секако – на македонски јазик.  

По овој прецизен рекапитулар, кон парадигмата Стефановски накусо ги додавам и следниве густи места во неговата поетика: отуѓувањето, домот (како копнеж и стварност), семејството (повторно како копнеж и стварност), но и циничниот оптимизам, произлезен од хронотопот Стефановски.

Балканизирајќи ја Европа, но и европеизирајќи го Балканот, поетиката на Горан Стефановски е комуникациски систем од особен вид: таа поврзува невралгични места, ги заигрува, ги деконструира и потоа одново ги сложува, давајќи им ја посакуваната катарза.

Завршувајќи со коренот, но и со драконската убавина што има својство да скаменува, оние две приказни од бистата, парадигмата Стефановски, допрва треба да ни биде откриена.

И да си ја откриеме.

Единствена е.

Сашо Димоски

(Aвторот е драмски автор и драматург во велешкиот театар.
Текстот за Горан Стефановски е напишан следниот ден по објавувањето на веста за неговата смрт)

За жал многумина, а особено оние што треба, не може да ја видат историската димензија на оваа посета на еден папа на нашата земја.

повеќе

Кога знаеме како функционира кризата на претставеност, можеме да спречиме повторување на историјата, кое можеби овој пат би имало и многу полоши последици по демократското општество.

повеќе

Деновиве Владата донесе одлука за формирање на ново министерство. А и така, по глава на жител, верувам, рекордери сме по министерства и министри. Оттука, размислував зошто да не предложам да се формира уште едно – за „спречување автоголови".

повеќе