Француска вечер со пијанистите Бурдонкле и куклена претстава „Тоби“ на „Охридско лето“

На „Охридско лето" вечер концерт ќе имаат врвните француски пијанисти Мишел Бурдонкле и Николас Бурдонкле, а на програмата е и претставата за деца „Тоби" на Театарот за деца и младинци од Скопје.

Во рамките на традиционалната Француска вечер на Фестивалот што се одржува со поддршка на Францускиот институт во Скопје вечерва во црквата „Света Софија“ од 21 часот ќе се одржи концерт за четири раце на пијано. Фестивалската публика ќе ужива во музицирањето на уметниците  Бурдонкле, кои ќе исполнат дела од Шопен, Рахманинов, Дебиси и Мијо.

Француската вечер на „Охридско лето“ секоја година претставува вистинско уживање за љубителите на уметноста. Според амбасадорот на Република Франција во Република Македонија Кристијан Тимоние, Француската вечер се афирмира како еден привилигиран момент во којшто се претставуваат врвни имиња од светот на француската музичка сцена.

- Амбасадата на Република Франција во Република Македонија и Францускиот институт во Скопје имаат долгогодишна соработка со фестивалот „Охридско лето“ која во последните 11 години се остварува преку веќе традиционалната Француска вечер. Секоја година ни доаѓаат врвни музички имиња од Франција со заеднички напор што го вложуваат и фестивалот, и Амбасадата и Францускиот институт во Скопје. На македонската публика имавме можност да и понудиме врвни имиња. Минатата година тоа беше ансамблот „Маскерина“ а годинава ќе биде пијано-дуото, таткото и синот, Мишел и Николас Бурдонкле. Сигурни сме дека соработката ќе продолжи и во иднина со уште поголеми проекти и звучни имиња од француската музичка сцена, рече амбасадорот Тимоние.

Според францускиот амбасадор, поддршката за Француската вечер на „Охридско лето“ е всушност поддршка и за градот Охрид.

- Поддршката за Француската вечер и фестивалот е поддршка за градот Охрид како пример за одржлив туризам и придонес кон развојот на овој град кој е под заштита на УНЕСКО, додава амбасадорот Тимоние.

Во рамки на драмската програма на „Охридско лето“, на сцената на Центарот за култура „Гиргор Прличев“ вечер од 19 часот за најмладата фестивалска публика ќе биде изведена куклената претстава „Тоби“ на авторот Флоријан Зденек, а во режија на Драгослав Тодоровиќ.

Претставата ќе ја одиграат актерите од Театарот за деца и младинци од Скопје, кои ја поставија оваа специфична бајка, длабоко мотивирана од чисти хумани сфаќања. Станува збор за кучето Тоби кое се срами од свojoт изглед. Тоби го минува патот на спознавање на една голема вистина.

-  Постои нешто, особено кај младите, што изгледа како ненадминлива препрека. Во тие години никако не сте задоволни од сопствениот изглед. Меѓутоа, ако имате пријателка како госпоѓата Флора, вие, како јазовичарот Тоби, ќе се согледате од сосема друг среќен агол со помош на пријателите. И уште нешто: Никогаш немојте да се китите со туѓите перја. Ќе испаднете смешни, вели режисерот на претставата.

Во оваа детска драма се читаат и откриваат сѐ уште актуелни проблеми кај луѓето: необјаснива желба за промена на сопствениот изглед, дискриминација по најразлични основи, физички, социјални, расни итн. Во секој случај, најважно е ние самите да бидеме среќни и да бидеме прифатени со она што го носиме, со она што имаме да му го понудиме на овој свет.

Публиката ќе може да види богати, ведри и духовито дизајнирани кукли кои вешто водени од актерите ќе донесат многу свежина и игра во детските очи.

MИА

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе

Подгорица во 2019 година ќе добие споменик на Јосип Броз Тито.

повеќе