Фестивалот „Ристо Шишков“ ќе почне со Шекспир

Дваесет и деветтото издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ традиционално почнува на 8 септември, на Денот на независноста, а годинава селекторот, режисерот Љупчо Ѓоргиевски, понуди десет остварувања од земјава и од странство.

Според селекторот, програмата на фестивалот е само еден мал дел од таа чума наречена театар како пркос на пандемското секојдневие. Во образложението тој пренесува дел од манифестот „Театар и чума“ од големиот поет, драмски писател, актер и режисер Антонен Арто.

„Театарот, како и чумата, е лудило кое се пренесува на другите. И не само заради тоа што како и чумата делува на целокупното општество, туку и во театарот како и во чумата има нешто што истовремено е и победничко и осветничко. Тој не само што е заразен како и чумата, туку е и откровение преку кое се врши локализирање на сите извитоперености на духот. Како и во чумата, во театарот постои некое чудно сонце, светлина во која и невозможното станува нормален елемент. Театарот како и чумата ги разрешува судирите, ослободува сила, открива возможности, колективно празни еден гигантски, колку морален, толку и општествен чир. Тој како и чумата е создаден да ги празни колективните чирови. Театарот како и чумата е криза која завршува со смрт или исцелување, дејството на театарот како и дејството на чумата е благородно, бидејќи ги тера луѓето да се видат онакви какви што се, ги симнува маските, ја разоткрива лагата, расипаноста и лицемерието и ги повикува пред лицето на судбината да заземат херојски и возвишен став“, напиша Ѓоргиевски.

Завесата на 29. ФКТ „Ристо Шишков“ ќе ја кренат актерите од Тетарот Битола, со претставата „History of moderfuskres“ по мотиви на „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, авторски проект на Андраш Урбан. По нив ќе се претстават актерите од штипскиот театар со „Крилја“ од Артур Копит, во режија на Никола Ристов.

До крајот на фестивалот љубителите на театарот ќе ги проследат претставите „Кармен“ на Драмскиот театар од Скопје, „Среќниот принц“ на Театарот Враца од Бугарија, „Драма изгубена во времето“ на кумановскиот театар, „Само глас“ на МНТ од Скопје, „Злоставувани“ на театарот од Шабац, Србија, „Човекот од Подолск“ на Театарот Плевен од Бугарија, „Јами дистрикт“ на БИТЕФ театарот од Белград, Србија, а завесата на годинашниот фестивал ќе се спушти по претставата „Три жени“ на Тигар театар, Театар Форт Форно и Осиечко културно лето од Хрватска.

Фестивалското жири, кое ќе одлучува за единствената награда на највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“, а се состои од златен медалјон со ликот на Шишков и парична награда во износ од 1.500 евра, го предводи ланската лауретка, актерката Александра Пешевска и актерите Благој Чоревски и Петар Мирчевски.

Фестивалот ќе се одржи од 8 до 13 овој месец во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица со почитување на ковид протоколите и со исполнетост до 30 отсто од капацитетот.

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе