Еуримаж го поддржа „Кајмак“ на Манчевски и уште два филма во кои Македонија е малцински учесник

Филмот„Кајмак" во режија на Милчо Манчевски, во кој Македонија е носител на проектот, како и филмовите и копродукциите „Живи и здрави" и „Долината на Шарко", во кои има македонско малцинско копродуцентско учество, се поддржани од Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж, на првата сесија во 2021 година.

На својата редовна 162 сесија која се одржа од 16-19 март, Еуримаж финансиски подржа 24 меѓународни филмски копродукции од вкупно 49 пријавени проекти.

Во категоријата долгометражни играни филмови, Еуримаж највисоко го евалуираше проектот „Кајмак" на Милчо Манчевски, кој е мнозинска македонска копродукција со Данска и Бугарија.

Во оваа категорија е поддржан и проектот „Живи и здрави" во режија на Иван Мариновиќ, копродукција помеѓу Црна Гора, Србија, Хрватска, Чешка, во кој Северна Македонија е малцински копродуцент.

Во категоријата документарен филм исклучително висока оценка доби проектот „Долината на Шарко" во режија на Петра Селишкар, копродукција меѓу Франција и Словенија, во кој исто така Северна Македонија е малцински копродуцент.

„Поддршката за македонски филм и за два проекти во кои Македонија има копродуцентско учество е многу важно за македонската кинематографија зашто европската поддршка пристигнува и во тешкиот и неизвесен период на ковид пандемијата. Морам уште еднаш да потенцирам дека долгометражниот „Кајмак", во кој Северна Македонија е носител и документарниот „Долината на Шарко", во кој е малцински учесник, добија највисоки оценки при евалуацијата, во конкуренција со значајни имиња во кинематографијата како, браќата Дарден, Џесика Вудворт, Мишел Хазнавикус, Роберт Бергер, Кристина Гросан и други, истакна Татјана Ќурчинска Пепељугоска, македонски национален претставник во Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж.

Таа додаде дека тоа е особено значајно поради тоа што, и покрај извонредната конкуренција, на годишно ниво се пријавуваат по 250-260 нови филмски копродукции и навистина е тешко да се добие поддршка. Од друга страна, како што наведе, финансиските средства се ограничени па често се случува дел од солидните наслови да не ја добијат финансиската поддршка.

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе