Театарска премиера

Егзистенцијализмот на Сартр како предизвик за соочување со самите себеси во нашето време

Со млада режисерско-актерска екипа, НУ Турски театар премиерно ќе ја изведе претставата „Зад затворени врати“ (No Exit) од Жан Пол Сартр во режија на Џабир Доко на 03.10.2019 г. (четврток), со почеток во 20 часот.

Премиерата на претставата „Зад затворени врати“ од Сартр е четврта во низа од годишната програма на НУ Турски театар, која е поддржана од Министерството за култура. Претходно беа поставени претставите „Јунаци од бајките и Црвенкапа“ (со сопствени средства на иницијатива на актерите), „Три сестри“, по мотиви на Антон Чехов со адаптација и режија на Васил Христов, и „Бог на масакрот“, од Јасмина Реза во режија на Билге Емин, објасни вд. директорката на Турски театар, Несрин Таир, на прес-конференцијата со која беше најавена премиерата на претставата.

Младиот режисер Џабир Доко прво нагласи дека да се работи текст од автор со висок ранг како Жан Пол Сартр е посебна одговорност и чест, но исто така е и предизвик, не само за режисерот, туку и за целата актерска и уметничка екипа.

Жан Пол Сартр не само што е еден од најголемите умови на минатиот век кој оставил сериозен белег со својата филозофска мисла, туку тој е и ингениозен драмски автор кој во своите дела ги рефлектира сопствените ставови и сфаќања за животот и човекот.

„Кога го одбрав овој текст на Сартр имав неколку зацртани цели кои сакав да ги постигнам низ процесот на создавање на претставата: првата цел беше да се стигне до суштината на Сартр и неговата егзистенцијалистичка филозофија; втората цел беше тој егзистенцијализам да се доближи до денешното време и нашето опкружување; и третата цел беше ние самите, како екипа што го поставува текстот на сцена, да се соочиме самите со себеси и да се пронајдеме во текстот, во идејата, во концептот на оваа претстава. Третата, можеби, беше и најважната цел во креативниот процес на подготовката на претставата“, рече режисерот Џабир Доко.

Улогите во „Зад затворени врати“ (No Exit) ги толкуваат Несрин Таир како Инес, Ебру Мусли (Естела), Ерман Шабан (Гарсен) и Дин Ибрахим (Гарсон).

„Зад затворени врати“ (No Exit) е драма која, во суштина, е сублимат на Сартровиот егзистенцијалистички поглед кон човекот, животот, смртта, религијата, слободата...

Прашањата кои ги отвора текстот се бројни и повеќезначни - Дали најголемата човечка трагедија е минливоста на човечкото битие или пак вечната судбина на осаменост? Дали религијата и концептот на креатор – Бог претставува олеснување и излез од оваа судбина? Дали човекот кој е единственото свесно суштество за своето постоење и минливоста може да се бори со своите демони или пак очајот, стравот, мачнината, празнината, осаменоста, ништоста, злото секогаш преовладуваат?!

„Во процесот на подготовка на претставата се вложивме и психички и физични, но и емотивно, а нашиот концепт беше фокусиран на современиот човек и неговата слобода на избор“, откри Доко.

Отуѓениот современ човек често пати спасот го бара во тривијалните појави, технологијата, науката, постојано креира нови култови, богови/божици, филозофии, религии... Ваквиот човек константно го проширува својот „свет“, а со тоа ја намалува важноста на сопственото постоење, вели режисерот во експликацијата за претставата.

Режисерот ја потенцираше и познатата максима на Сартр - „Пеколот, тоа се другите“, кој отвара една сосема нова перцепција за феноменот наречен „пекол“. Пеколот кој го носиме со себе, пеколот кој потсвесно е присутен секаде и во секое време, пеколот кој се создава со самото раѓање на поединецот.

„Гарсен, Инес и Естел се ликови кои се кријат меѓу сите нас, меѓу нашето опкружување, семејство, пријатели... Сите ние сме мета на погледите на садистичко-воајеристичка маса на луѓе, кои уште повеќе ја зголемуваат „жештината“ на нашиот пекол“, додава Џабир Доко.

Од актерска гледна точка за процесот на подготовка на претставата говореа Несрин Таир, која рече дека е многу пријатно изненадена од сериозниот концепт и пристап на младиот режисер Џабир Доко, и двајцата млади, тукушто дипломирани артисти Ебру Мусли и Дин Ибрахим.

За Ебру Мусли ова е втора претстава на која работи во Турски театар. Првата беше „Крал Лир“, со ликот Корделија, во режија на Диего де Бреа, а сега го игра ликот на Естела.

„Сакам да истакнам дека Турски театар дава големо значење на работата со млади актери и режисери, и среќна сум што вратите секогаш се отворени за нас. Ова ми е втора претстава на оваа сцена, а веќе се чувствувам како дел од семејството на Турски театар“, рече Ебру Мусли.

За младиот актер Дин Ибрахим ликот на Гарсон е првиот професионален ангажман на театарската сцена, воопшто, и рече дека процесот на подготовка на претставата бил тежок, но многу интересен.

Во уметничката екипа за визуелно и звучно обликување на „Зад затворени врати“ (No Exit) работеа и Медина Гициќ на сценографијата, Инес Гоља на костимите и Бојан Матоски на музиката. Премиерата е најавена за 3 октомври (четврток), со почеток во 20 часот во објектот на Театар Комедија (Театар Центар).

Т.Д.

Мора да се пристапи кон воведување нови мерки за поголема контрола на лицата кои поседуваат нелегални пари.

повеќе

Визија на развиениот свет е државните авторитети да го гледаат спортот како средство за подобар економски и социјален развој.

повеќе

Јавните медиумски сервиси треба да бидат столб на демократските општества и примарен извор на информации за сите граѓани.

повеќе