Нови недоследности на директорот Тозија

ДКСК: Судир на интереси во Агенцијата за филм, рецезент на филмови одлучува за филмовите што ги рецензирала

Државната комисија за спречување на корупцијата покрена иницијатива за постоење на класичен конфликт на интереси во Филмскиот совет на агенцијата. Откако членови на ДКСК побарале детални информации за овие случаи директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија ги сменил решенијата. Но, одлуките за доделување на средства веќе беа донесени, а ДКСК сепак побара од Владата казна и разрешување на Тозија.

Во Советот за филм на Агенцијата за филм има два члена кои имаат и други обврски во агенцијата, а се ангажирани и во проекти кои се финансирани од агенцијата.

Новинарката Ана Василевска од 23 март повторно стана член на Филмскиот совет, а од 2 јули има решение и за рецензент на проектите. Тоа значи таа има задача да ги рецензира проектите, а потоа за истите проекти што таа ги рецензираше, треба да одлучува и како член на Филмскиот совет. Покрај тоа, таа е и директорка на Фестивалот Златна рамка финансиран од Агенцијата за филм, како и селектор на програмата за краткометражни филмови при Фестивалот Браќа Манаки, исто така финансиран од агенцијата.

Бранко Петровски е финансиски советник, неговите оценки на финансискиот аспект на филмските проекти се разгледуваат пред Филмскиот совет чиј член е и тој. Петровски со решение е задолжен за филмските буџети во агенцијата, а е и консултант во фестивалот Златна рамка.

Обајцата биле ангажирани и при изработката на измените во Законот за филм.

Според Законот за филмска дејност селекцијата на пријавите на Конкурсот за финансирање на проекти за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм се спроведува во повеќе степени на евалуација и со учество на стручни тела и надворешни соработници. Согласно член 22 од Законот за филмската дејност, Филмскиот совет е надлежен да: учествува во подготовка на конкурсите за финансирање на проекти од национален интерес во филмската дејност од членот 25 од Законот,  му дава мислење на  директорот на Агенцијата за филм кои проекти доставени на конкурсите од членот 25 од Законот треба да бидат прифатени, односно одбиени по конкурсот, на предлог на финансискиот советник од членот 24 од Законот, ако постои неусогласеност меѓу финансискиот план и оперативниот план со сценариото за проектите доставени на конкурсот од членот 25 став (1) од Законот, му предлага на директорот на Агенцијата проектите да ги врати на доработка...

Согласно член 23 од Законот, филмските рецензенти ги читаат сценаријата доставени со проектите на конкурсот од членот 25 од Законот за филмска дејност, пишуваат рецензии за сценаријата, му предлагаат на Филмскиот совет листа по приоритети на сценарија со предлог на проекти кои ги препорачуваат за поддршка од Агенцијата по конкурсите од членот 25  од Законот.

Согласно член 24 од Законот, финансискиот советник го анализира и проверува финансискиот и оперативниот план и буџетот доставени со  проектите на конкурсот од членот 25 став (1) од Законот, ја утврдува објективната усогласеност на финансискиот план и оперативниот план со сценариото и доставува предлог до Филмскиот совет  за износот на средства кои од Агенцијата треба да се доделат за финансирање на проектите доставени на конкурсот од членот 25 став (1) од Законот.

Ова значи дека Тозија дозволил и Василевска како рецензент и Петровски како финансиски советник проектите што ги проверуваат, рецензираат и предлагаат, потоа како членови на Филмскиот совет и да ги гласаат.

Очигледно е кршењето на Законот за филмската дејност во кој се разграничени надлежностите на филмскиот совет, филмските рецензенти и финансиските советници.

Оваа нелогичност ДКСК ја утврди по добиените поријави и ѝ предложи на Владата да го разреши Тозија од директор на Агенцијата за филм и да биде казнет.

„Директорот на Агенцијата има надлежност да именува членови на Советот, а во исто време има надлежност да именува филмски рецезенти. Меѓу тие пет членови на Советот, двајца имаат двојно именување, односно два члена ги оценуваат проектите и даваат мислење на самите себе. Му кажавме на директорот дека тоа е недозволиво и дека е судир на интереси и неспоивост, чекавме долго за одговор и на 17-ти јули нѐ извести дека ги разрешил двајцата членови. Со оглед на тоа дека долго време чекавме, сепак одлучивме, за што ни дозволува Законот, да поднесеме прекршочен платен налог до директорот поради доцнење на одговорот“, известија од Државната комисија за спречување на корупцијата.

А.Д.

Во либералните демократии веќе со години се продлабочува политичката поларизација, се намалува довербата во владеењето на правото и, институционално гледано, состојбата општо се распаѓа.

повеќе

Како по ѓаволите успеаја политичарите да го претворат токму Гоце Делчев во повод за поделби и омраза?

повеќе

Независна Македонија не може да се пофали со успешно менаџирање на етничките прашања, а првите „грешки“ се прават во првите денови од независноста.

повеќе