Интервју

Дејан Дуковски: Галичник е магично место и еден успешен филмски фестивал може да биде многу „среќен“ тука

Оваа година се одржува третиот по ред Галичник филм фестивал. Приказна што се ткае под магијата на ѕвезденото небо, прегрната од недопрената галичка убавина на височина од 1.500 метри. 

Полека, но сигурно Галичник филм фестивал се позиционира како исклучително значаен културен настан, кој од една страна нè носи надвор од хаосот на градот, а од друга нè храни со богата филмска програма, еднаква на помпезниот Кан. Како дел од годинашниов Галичник филм фестивал, од 3 до 5 август, ќе се одржи „Екс - ЈУ“ работилницата за краткометражни сценарија Дејан Дуковски – човекот што создава магија од зборови, човекот што успева да извезе приказна од она што копнее да биде кажано.

Неодамна беше најавена сценаристичката работилница што ќе ги обедини уметниците од целиот регион. Од каде потекнува идејата за оваа работилница и кои се Вашите очекувања од неа?

- Идејата за работилницата потекнува од организаторите на Галичник филм фестивал. Јас со задоволство ја прифатив. Самиот Галичник е магично и инспиративно место. Мислам дека ваква креативна работилница овде може да биде многу убаво и корисно искуство за сите учесници. Самиот амбиент буди креативни и инспиративни чувства. Досега имам мали, ама одлични искуства со овој тип на работа во Галичник, и се надевам дека така ќе биде и овој пат.

Колкава е заинтересираноста до сега и на кој начин ќе се спроведе?

- Колку што знам, има добар интерес и досега се пристигнати доста сценарија. Ќе се направи селекција во однос на организациските можности на фестивалот и квалитетот на понудените сценарија. Се работи за формат на сценарија за краток игран филм и пропозициите се јасни.

Со оглед на понудените сценарија, мислам дека ќе биде прилично тешка задача да се изберат учесниците. Лично би сакал да влезат сите што пројавиле интерес и што заслужуваат, ама тоа веројатно не е реално. Тоа е и работа на организаторите. Идејата е да се направи еден колективен „бреин сторминг“ околу сценаријата на учесниците и заеднички да се обидеме да ги доразвиеме и подобриме. Некој вид интензивен „скрипт докторинг“. Сценариото е клучен момент за секој филм. Со добро сценарио има шанси да се сними лош филм, со лошо сценарио тешко ќе се сними добар филм.

Дали можеби од токму оваа работилница ќе очекувате да почне едно културно обединување на филмските уметници/сценаристи од регионот?

- Доволно е да помрднеме едно камче во таа насока. Јас лично работам доста во регионов и мислам дека природно и неминовно сме упатени едни на други. За да има поголема смисла и значење нашава работа. Се разбира, сето тоа е поврзано со организациско-продукциски способности, па и политички одлуки. Генерално, да не заборавиме, заедно сме појаки. Има и поддршка и фондови, како на пример Еуроимаж, за овој тип на заеднички проекти и копродукции.

Галички филмски фестивал и оваа работилница скромно ги прават првите чекори во своето постоење, ама се надевам ќе преминат во традиција. Во регионот и пошироко.

Колку младите во Македонија, па и во регионот, имаат интерес, но и талент професионално да се развиваат како сценаристи, драматурзи и воопшто филмски и театарски професионалци?

- Интерес има. Тоа е популарна работа. Прашањето е колку има можност. Колку е потребна таа работа. Колку има публика. Колку луѓе одат во кино. Потребата е, да не речам, ама колку што има потреба од морнари во Македонија. Затоа ваквите регионални, а и пошироко од тоа, поврзувања и соработки, се значајни и потребни. На крај, во поширок контекст подобро се бруси и квалитетот.

Низ суровата реалност на секојдневието во кое живееме, несомнено филмот, театарот се неопходното бегство што нè храни, но воедно и ни ги отвора широко затворените очи. Во која насока сонувате да се развие Галичник филм фестивал?

- Па нешто од тоа веќе спомнав. Мислам дека е добро за фестивалот да добие една препознатливост и квалитет пред сè во регионов, но со време и пошироко. Знам дека звучи општо и не е едноставно, ама тоа единствено има смисла. Времињава се тешки, но мора да се избориме за убавите идеи. Галичник е магично место и еден успешен филмски фестивал може да биде многу „среќен“ тука.

Сигурно постои приказна зошто баш Галичник е одбран за место во кое започнува еден прекрасен фестивал на филмот. Каква е кинотрадицијата на ова волшебно место? Какви сè приказни, анегдоти и магија се кријат во ова недопрено место?

- Како мало дете, го памтам дури и мирисот на киносалата во која речиси секоја вечер преку летото имаше кинопроекција. Беше тоа многу одамна. Тоа прекрасно кино со балкон го паметат многу Галичани и сигурен сум дека им враќаат носталгични сеќавања. Денес во Галичник се бориме да го спасиме тоа „кино со историја“ од пропаѓање и заборав. Не е едноставен проект за реализација, ама како што реков, мораме да се избориме за добрите идеи. Се надевам дека еден ден филмскиот фестивал ќе има свои проекции баш во таа киносала.

За крај, на што работите во моментов? Кое е вашето место каде што се чистите од креативното лудило? Каде ја наоѓате инспирацијата да ја преточите секоја мисла во незаборавна приказна?

- Освен моите театарски ангажмани, ова лето веднаш по филмскиот фестивал, баш во Галичник ќе работам на филмско сценарио со еден мој пријател и колега од Данска, Јакоб Седер. Така што, се надевам на креативен август во Галичник.

Г.Ф.Ф.

Објавено

Среда, Јули 20, 2022 - 16:39

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе

Шоковите кои се случуваат истовремено и распадот на меѓународната соработка го направија управувањето со кризи невозможно - барем со користење на стандардните алатки. 

повеќе

Oд Словото за академик Божин Павловски, 80 години од раѓањето и 60 години од неговото творештво.

повеќе